Студентско катче

НАШЕТО ПРАКТИКАНТСКО ИСКУСТВО ВО ПИВАРА СКОПЈЕ

Студентско катче

По цели два месеци поминати во Пивара Скопје, си заминавме побогати за едно големо искуство. И двајцата бевме практиканти во Секторот за односи со јавност и комуникации под менторство на Менаџерот за односи со јавност и комуникации и Менаџерот за корпоративни комуникации, на кои во оваа прилика им изразуваме благодарност за несебичната поддршка во реализација на секторските задачи и проекти и целото знаење и искуство што ни го пренесоа во текот на праксата, искуство што нè подготви за идните предизвици.

Секторот за односи со јавност е исклучително динамичен, дури и кога станува збор за тековни дневни задачи. Дополнително, плански се реализираат активности и проекти кои се дел од компаниската стратегија за општествено одговорно делување во зедницата.

Ние бевме дел од една таква активност и целта на овој е текст е да го споделиме нашето искуство со сите, особено со идните практиканти, топло препорачувајќи им ја праксата во Пивара Скопје.

Имено, станува збор за еколошка волонтерска акција за чистење на Матка која, иако можеби изгледаше како спонтан и едноставен собир на доброволци, зад нејзина успешна реализација стои одлична организација, тимска работа и посветеност.

Оваа конкретна акција која се спроведе под мотото “Are you recycling?” е една од еколошко-волонтерските акции кои Пивара Скопје ги спроведува во партнерство со Пакомак и Холандската амбасада во Македонија, а за прв пат оваа година беше вклучена и Британската амбасада и нуркачите од спелеолошкото друштво “Врело“,  кои беа задолжени за отстранување на неорганскиот отпад од дното на езерото.

Десеттина дена пред спроведувањето на акцијата сите вработени на Пивара Скопје беа известени по електронски и писмен пат за одржувањето на акцијата, како и за начините на пријавување во истата. Мораме да признаеме дека бевме пријатно изненадени од одѕивот на волонтери кој достигна 1/3 од вкупниот број на вработени.

Локацијата ја знаевме однапред, но целата логистика: храна, пијалаци, превоз, маици, ракавици, кеси за собирање отпад, како и поддршката од медиумите, беше обврска на нашиот сектор.

Процесот на подготовка и реализација на една ваква акција е сложен и бара многу време и внимание. Ние како практиканти кои бевме дел во проектот целосно бевме вклучени во негова организација, притоа и во решавање на проблемите кои настануваат неочекувано. Проблемот со кој ние се соочивме беше превозот на волонтерите. Поради изведување на градежни работи на патот, кои на денот на акцијата неочекувано прогресираа токму на делот од патот по кој требаше да поминеме, пристапот до определената локација со автобус беше оневозможен, па затоа во последен момент мораше да се изнајде алтернативно решение. Благодарение на брзата реакција, проблемот беше надминат, а волонтерите пристигнаа на локацијата со минибуси и комбиња.

Организацијата на настанот подразбираше и храна и пијалаци, со цел нашите волонтери после напорната четиричасовна акција да можат да си ја повратат енергијата. Дополнително за сите учесници беа испринтани маички со логото „Are you recycling?“, како и за странските дипломати – амбасадорите на Британија и Холандија и нивните тимови. Имајќи ја предвид и временската прогноза за денот на акцијата, Пивара Скопје обезбеди и кабаници за дожд за сите свои волонтери, одлука која се покажа како полн погодок со оглед на врнежливото време кое нè дочека на почетокот и се задржа во текот на целото времетраење на акцијата.

На денот на настанот секој ги знаеше своите задолженија. Тимот од Секторот за односи со јавност и комуникации се подели на два тима. Eдниот тим пристигна порано на локацијата со цел да го провери и подготви теренот; да се одреди локација за старт, да се подготви делот за конференцијата за медиуми, да се насочи кетеринг службата, медиумите и секако тимовите на Црвениот Крст кои имаа задача да интервенираат и укажат прва помош во случај на незгода и повреда на некој од учесниците. Воедно потребна беше и целосна координација со Пакомак за местата каде треба да бидат позиционирани контејнерите за отпад, ракавиците и кесите за собирање на отпадот.

Вториот тим остана во просториите на Пивара Скопје, каде што во холот на управната зграда, половина час пред поаѓање, на сите волонтери, по извршената евиденција им беа поделени маички со соодветна големина и кабаница за дожд.

По пристигнувањето, на претходно определената локација се одржа конференцијата за медиуми, на која генералниот директор на Пивара Скопје, Јован Радосављевиќ, менаџерот за грижа на корисници од Пакомак – Ико Брдарковски, холандскиот амбасадор Ваутер Пломп и британскиот амбасадор Чарлс Гарет, дадоа изјави, искажувајќи го своето задоволство за учество во акцијата, како и ентузијазмот за што повеќе вакви акции во иднина во интерес на подигање на свеста кај сите чинители во општеството за зачувување на животната средина.

Веднаш потоа започна акцијата. На волонтерите им беа поделени кеси и ракавици за чистење, по што групата се подели со цел да бидат исчистени сите достапни површини, вклучувајќи го и делот од другата страна на реката Треска. На патот беа поставени неколку пункта на кои имаше резервни ракавици и кеси за отпад, како и пијалаци (вода и сокови) за освежување на волонтерите. Екипите на Црвениот Крст беа постојано присутни и во секое време подготвени да интервенираат.

За да ги имаме најдобрите моменти од акцијата, беше ангажиран и професионален фотограф кој постојано ги следеше волонтерите.

По завршувањето на акцијата им се заблагодаривме на сите волонтери за учеството во акцијата и безбедно ги вративме до Пивара Скопје.

Но, нашата работа не заврши тука. По враќањето во канцеларија требаше да ги избереме најдобрите фотографии кои најсоодветно ја отсликуваа работната атмосфера, а кои подоцна беа искористени за комуникација кон вработените и секако кон јавноста на сите социјални профили и веб страната на Пивара Скопје, а истите, заедно со соопштението за медиуми беа проследени и до медиумите. По објавувањето во медиуми, требаше да се проследат сите реакции и коментари од јавноста. Во текот на наредниот ден имавме состанок со цел да ги сумираме сите впечатоци од акцијата: дали сè одело според планот, што било проблем и како сме го надминале и од тоа да извлечеме поука за идни акции.

Сè на сè ова беше едно несекојдневно, но и прекрасно искуство за нас, бидејќи стекнавме практично знаење за тоа како се организира еден настан. Видовме како се работи тимски и согледавме дека добра тимска работа секогаш носи добри резултати.

Полна чаша на Instagram