ПРЕКУ ХУМОР И ЕДУКАЦИЈА СЕ ОДРЖА ЗАВРШНАТА ПРЕТСТАВА ОД ПРОЕКТОТ НА ПАКОМАК, ПИВАРА СКОПЈЕ И ХОЛАНДСКА АМБАСАДА – „ХОКУС ПОКУС, РЕЦИКЛИРАЊЕТО Е ВО ФОКУС“

Во преполната сала на Македонската Филхармонија беше одржана и третата завршна претстава на проектот наречен „Хокус покус, рециклирањето е во фокус“, кој „Пакомак“, Пивара Скопје и Холандска амбасада, заедно со магионичарот Кристијан Шопов, го наменија за децата од предучилишна и од училишна возраст. Станува збор за забавна магионичарска претстава во која преку хумор, интеракција и едукација, децата учеа како правилно да го селектираат отпадот, како и за важноста на одржувањето чиста животна средина.

Невозможното и мистериозното зачинето со хумор секогаш буди интересот кај публиката. Нема човек што не сака да се насмее и да види нешто интересно, необјасниво. Дополнително кога знаеш дека пренесуваш екопорака, која треба да ги мотивира децата да селектираат отпад и со тоа да создадат почист свет, задоволството е уште поголемо, изјави магионичарот Кристијан Шопов, кој е истовремено и голем екологист, илузионист и хуманист.

Дел од претставата во која децата се едуцираа дека стаклото треба да го фрлаат во зелениот контејнер, хартијата во синиот, а пластиката и лименките во жолтиот контејнер имаа можност да бидат и над 33.700 деца во Скопје од 52 училишта и 17.000 деца од 45 училишта од 7 градови низ Македонија.

Пакомак заедно со Пивара Скопје и Холандска амбасада неодамна ја доби Националната награда за најдобра општествено одговорна практика во 2018 година за проектот „Хокус покус, рециклирањето е во фокус”. Наградата ја доделија Министерството за економија и Координативното тело за општествена одговорност. Пивара Скопје и Холандската амбасада во Македонија се традиционалните партнери на Пакомак кога станува збор за екологија и заштита на животната средина.

Проектот се покажа извонредно успешен и претставува позитивно искуство за децата, наставниците, родителите и за нас како еко компанија со јасна еко-визија. Станува збор за интерактивен проект во кој децата се инволвираа, прашуваа прашања, се едуцираа на еден непосреден и забавен начин, што посебно им се допадна. Тоа за Пакомак е потврда за она што го прави, а тоа е влог во нашите деца и нивната иднина. Важно е децата да имаат високоразвиена еколошка свест за да живеат во иднина во почиста животна средина“ – изјави Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.

Пакомак, Пивара Скопје и Холандска Амбасада планираат и во идниот период да продолжат со едукација на најмладите за важноста на селектирањето и рециклирањето на отпадот.