Студентско катче

СТУДЕНТИ ВО АКЦИЈА! КАКО ДО ПРОДУКТИВНО ЛЕТО?

Студентско катче

Во пресрет на летото, главен фокус ни станува како ќе ги поминеме слободните топли денови. Преокупирани сме со главните прашања каде на одмор, со кого, какви расположливи аранжмани нудат агенциите и што е најважно – каде е главната забава? Особено кога зборуваме за млади лица и пред сѐ студенти, обврските како да исчезнуваат, а летото се претвора во главен извор на забава, дружење и безгрижност.

Сепак, доколку сте во своите 20-ти и сѐ уште во факултетските клупи, веројатно е добра идеја барем дел од летото да го искористите и продуктивно, особено што студентскиот период е можеби и најголемата пресвртница во животот и првиот чекор за понатамошната кариера.

Причина плус зошто треба да инвестирате во пракса, летни курсеви и обуки за унапредување на нови вештини и знаења се секако и многубројните опции кои универзитетите и компаниите ги нудат за време на летниот период. Тие и не би постоеле кога на младите потенцијални кадри не би им нуделе начини и техники како полесно да ги надминат пречките при понатамошно вработување.

Да започнеме со самите универзитети. Доколку сте студент на некој од техничките факултети, одлични можности нуди организацијата Бест (Борд на Европски Студенти по Технологија). Тие организираат летни академски курсеви кои се одржуваат во различни градови низ Европа, а се всушност во организација на студенти – членови на истата студентска организација. Аплицирањето за курсевите е во тек, а оваа летна сезона брои точно 60 настани што ќе се одржуваат во периодот помеѓу 1-ви јуни и 7-ми септември.

Голем број и од приватните универзитети нудат опции за практиканство или обуки, а интересно за споменување е летната школа во организација на ФОН Универзитетот која ќе се одржи од 1-ви до 8-ми јули во Валенсија, Шпанија. Школата е во соработка со Универзитетот во Валенсија чии експертски предавачи ќе се фокусираат на имплементација на нови протоколи при добро владеење и јавна администрација, демократски практики и механизми за професионализација на македонското општество, користејќи ги европските искуства.

Кога зборуваме за праксите, волонтерството, обуките, секако не треба да се изостави и добро познатата студентска организација Aiesec при Економскиот факултет. Конкретно ова лето тие ја организираат седмата меѓународна летна школа чија овогодинешна тема е „Направи разлика – стани млад лидер во справување со новите економски предизвици на патот кон ЕУ. Темата е дефинирана во согласност со актуелните проблеми и предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот на патот кон нивното полноправно зачленување во Европската Унија, од една страна; и тековните проблеми и предизвиците со кои се соочува Унијата по последната економска криза, од друга страна. За сите заинтересирани, пријавувањето трае до 15-ти јуни, а школата ќе се одржи во Охрид од 7-ми до 13-ти август.

Покрај оваа школа, Aiesec редовно организира и други летни активности, како истражувања, студентски размени, волонтерски програми, платени пракси итн., кои можат да се најдат на нивната Фејсбук страна, а слични активности, но и работилници, кариерни советувања, претстави и настани од секаков вид организира и Младинскиот образовен форум – МОФ.

Понекогаш е доволно само да се сака, бидејќи начин и решение има за сѐ. Немањето време, пари или опции се само изговори бидејќи избор има буквално за секој профил. Доколку изучувате јазици – нема проблем! Европскиот центар за модерни јазици нуди пракси два пати годишно, а пријавувањето е до 31-ви август. Дополнително, за усовршување на англискиот јазик постојат и популарните „work & travel“ програми, а одлични летни пракси низ цела Европа се нудат и преку програмата на Еразмус+.

Опции се навистина многу, треба само да се одлучите. Дури и под покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов се организира осмата по ред Меѓународна обука за млади лидери, што ќе се одржи од 20 август до 1 септември во Охрид, а пријавувањето е во тек. Добра опција е и јавниот оглас објавен од страна на Агенцијата за вработување кој ги повикува невработените млади лица за учество во мерката „Практикантство“. Избраните кандидати ќе имаат можност да се стекнат со практични знаења и вештини како практиканти, за период од максимум 3 месеци практична обука која ќе се спроведува во работните простории на работодавачите, согласно Програмата за обука предложена од страна на работодавачите.

А, кога зборуваме за нив, компаниите работодавачи, секако дека и тие нудат можности за практиканство и летни обуки за млади. На речиси секоја поголема компанија ѝ е добредојдена помош во текот на летото, дури и да не се огласила на некој интернет портал. Вие само одберете ја компанијата и индустријата на интерес, „стегнете“ го вашето CV и на аплицирање! Голем број од поголемите компании, како што е и Пивара Скопје, имаат и свои едукативни центри. Една од најдобрите практики на Пивара Скопје поврзана со инвестирањето во заедницата е токму Едукативниот центар кој е отворен уште во 1997 година и расте и се развива сѐ до денес. Во текот на неговото постоење дојде до еволуција на неговата улога и опсег.

Основањето на Центарот беше наметнато од внатрешните потреби на компанијата за развој на вештините кај вработените, а подоцна ги отвори своите капацитети и за надворешни учесници, меѓу кои секако и млади и студенти. Некои од надворешните учесници беа препознаени како потенцијални таленти и подоцна беа вработени во Пивара Скопје. Всушност, Пивара Скопје е автентична деловна приказна која ја создаваат голем број генерации горди Пиварци кои нудат пристап до најдобрите практични знаења и искуства, ја препознаваат добрата работа на вработените и го наградуваат нивниот талент.

На крајот, Пивара или не, друга компанија или студентска организација, обука или пракса… Можностите се на дофат на секој студент кој што сака да вложи во својата иднина и да го искористи летото продуктивно. Жртвата и не е толку голема. Летото е топло и долго, забави секогаш ќе има, пријателите се тука за нас, омиленото СКОПСКО ќе биде и понатаму „грч“ ладно, а одморот не ни бега… А сепак, инвестирање на барем дел од слободното време во личен напредок и прогрес ќе се исплати на голема врата. Студенти во акција!

Полна чаша на Instagram