ОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ СЕ НАЈГОЛЕМАТА СПОРТСКА СЦЕНА И СОН НА СЕКОЈ СПОРТИСТ – САЊА СПАСОВСКА

Во постојана потрага по нова авантура, јурејќи по бескрајните снежни терени со својот сноуборд, Сања Спасовска е вистински вљубеник во планините и недопрената природа. Вели дека секоја планина е посебна и носи своја убавина, а секоја од нив пак има посебно место во нејзиното срце. Чувството да се спушташ по недопрен терен е неописливо, а пак качувањето го доживува како беспрекорно себе надминување. Како член на Македонската сноуборд репрезентација, ја претставува земјата на Snowboard Cross натпреварите ширум светот. Секој натпревар за неа е нов предизвик во кој несебично се впушта со цел да ја претстави нашата држава во најдобро светло. По професија графички дизајнер, планините ги доживува како канвас на кој го исцртува својот животен пат.

 

Од каде љубовта и интересот за овој спорт?

За почетоците на снег и животот на планина морам најмногу да им се заблагодарам на моите родители кои од најмала возраст ме носеа на планина, каде што поминувавме доста време и едноставно пораснав во тaa средина, каде што научив пред сѐ да ја почитувам и сакам природата, планините и целата околина. Се сеќавам како татко ми на скии ме возеше мене качена на рамења, се чувствував како да сум на roller coaster J Потоа научив да скијам на 6 годишна возраст, а на 12 години се префрлив на сноуборд, затоа што предизвикот ми изгледаше поголем, а спортот нов и многу поинтересен. Од моментот кога ја закачив даската на нозе се почуствував како да ја закачив за душата.

 

Како се подготвуваш за зимската сезона, и што спортуваш во текот на летото?

Иако сноубордингот е сезонски спорт кондициските подготовки траат во текот на целата година. Во лето најчесто возам велосипед на планина, на Водно или во околината на Скопје. Покрај тоа, практикувам и секојдневни кардио тренинзи, баланс и издржливост.

 

Кој е твојот идол?

Со оглед на тоа што живееме во време на социјални мрежи и ни е овозможено да ги следиме спортистите низ целиот свет, идоли имам многу, но не само од мојот спорт. Идоли ми се сите оние кои ги поместуваат границите во спортот секојдневно и имаат храброст да постигнат ново ниво, посебно ме инспирираат и мотивираат девојките кои безрезервно се впуштаат во нови предизвици докажувајќи дека и ние сме еднакво способни да постигнуваме одлични резултати.

 

Дали сметаш дека Македонија има потенцијал за развивање на овој спорт?

Македонија има огромен потенцијал и капацитет за сноубординг и скијање кој може да биде многу поискористен. Во нашата земја има одлични планини и терени кои може да се оспособат за скијање и развој на зимските спортови.

 

Колку време си дел од македонската репрезентација и како тоа ти помогна во твојата техника и способност за напредување во овој спорт?

Во репрезентацијата сум веќе трета сезона, а како дел од сноуборд клубот XMKD, 6 години. Кога си дел од еден тим и имаш од кого да ги научиш вештините на сноубордингот многу е полесно да ја совладаш и подобриш техниката и финесите на спортот. А покрај тоа, со помош на тренерот, не само од физичка гледна точка, многу полесно се зајакнува и психичката и менталната подготвеност да се надминат сите предизвици кои претстојат на патот до целта.

 

Што сметаш како свое највисоко достигнување во сноубордингот?

Од натпреварувачкиот дел, би го издвоила FIS BoarderCross натпреварот во Косово 2015 година, кој ми беше првиот официјален натпревар каде што победив во малото финале, а го освоив 5-тото место во генералниот пласман. Но на страна од натпреварите и пласманите, за најголем успех ги сметам искачените врвови и скијањето од нив, каде што се доживува чувство на слобода, исполнетост и сосема нов поглед на светот околу нас.

 

Што можеш да издвоиш како спомен од досегашното искуство?

Имам доживеано многу незаборавни моменти, затоа што секој ден поминат на планина е сам по себе посебен и има свој печат и убавина. Таков беше и денот кој засекогаш ќе го паметам, кога го искачивме Кораб и потоа го искијавме надоле. Имавме идеални услови за искачување, сончево и мирно време, но и покрај одличните услови, ние се подготвивме по сите стандарди за здравје и безбедност. Тоа беше едно од потешките искачувања во мојот живот, целата тура траеше околу 8 часа, но и покрај напорното искачување, во моментот кога ќе застанеш на врвот забораваш на уморот, затоа што погледот од врвот е освојувачки и магичен, а помислата дека следи незаборавно спуштање те остава без зборови.

 

Што би им препорачала на помладите генерации?

Да го користат секој нов ден за нови искуства и предизвици, да не се плашат да пробаат нов спорт без разлика кој, затоа што додека си млад сѐ е полесно остварливо. Да бидат активни, да спортуваат и да поминуваат што повеќе време во природа, да научат да ги почитуваат планините и да уживаат во нив. Планините ни нудат бегство од градската загадена средина и можност да се поврземе со вистинската смисла на животот.

 

Доколку можеш, што би променила за во иднина?

Би иницирала да се прави многу повеќе за развој на зимските спортови во Македонија. Скијачките центри низ земјава работат со минимални капацитети и технологија, а има потенцијал за многу повеќе. Би сакала да имаме услови да тренираме на многу повисоко ниво, со што ќе имаме можност да остваруваме многу подобри резултати.

 

Дали ги следеше Олимписките игри, кој беше твојот фаворит?

Секако дека ги следев. За жал овогодинешните ги следев само на ТВ, поради тоа што претходната сезона имав повреда на рачниот зглоб па пропуштив голем дел од сезоната и не успеав да се обезбедам пласман. На овие Олимписки игри девојките покажаа навистина огромна храброст и досега невидено ниво на возење во сите сноубординг дисциплини. Навивав за Lindsey Jacobellis и Eva Samkova во бордер крос натпреварите. Lindsey повторно не успеа да го освои долго очекуваното злато и единствениот медал кој и недостасува во кариерата, а Eva освои 3 место. Секоја почит за сите девојки што покажаа извонредно возење на огромната и захтевна стаза.

 

Дали Олимписките игри се твој сон?

Всушност Олимписките игри се сон на секој спортист, тоа е најголемата спортска сцена каде што сите најдобри спортисти го покажуваат најдоброто од себе и гордо ја претставуваат својата земја. Секако, и моја најголема желба и цел ми е еден ден да настапам на ЗОИ и гордо да ја претставувам Македонија. Верувам дека еден ден мојот олимписки сон ќе стане стварност.

Полна чаша на Instagram