Студентско катче

РАБОТИ НА КОИ ТРЕБА ДА ВНИМАВАТЕ ПРИ ИНТЕРВЈУТО ЗА РАБОТА

Студентско катче

Процесот од аплицирање за одредена работна позиција па сѐ до донесувањето на финалната одлука се состои од повеќе фази. Секако , една од најважните е интервјуто за работа. Тоа се „вашите 5 минути“ и можност да се покажете во најдобро светло со цел да ја добиете работата. Дали истото ќе резултира со успех, зависи од начинот на кој ќе се претставите.

Зошто велиме дека интервјуто е најважниот дел од целиот процес?

Пред да дојдете до интервју вие сте поднеле апликација, кратка биографија, мотивациско писмо итн. Со самото тоа што ве поканиле на интервју, сигурно сте завршиле добра работа во подготовка на овие документи. Но, тоа е полесниот дел. Денес на интернет можат да се најдат илјадници примери како да се пополнат овие документи така што на вас останува да го изберете соодветниот пример и да ги стокмите вашите документи по тој терк.

За начинот како да се подготвите за интервју исто така постојат многу извори, но различното овде е во тоа што крајниот резултат не го создавате сами, во свои услови и без никаков притисок, туку го креирате со вашето однесување и вашите одговори за време на самото интервју. И додека селекцијата врз база на биографијата резултира со неколку одбрани кандидати, интервјуто резултира со избор на само еден – најдобриот. Со цел токму вие да бидете тој кандидат треба да се истакнете и да оставите силен впечаток. Тоа може да ви звучи тешко или неостварливо, но во основа постојат неколку работи на кои треба да внимавате и тие ќе завршат добар дел од работата. Во продолжение ќе се обидеме да ги опфатиме најбитните.

Бидете на време

Доцнењето е една од првите работи кои ќе ги запамтат за вас. Тоа има негативно влијание на целиот впечаток кој го оставате. Затоа, освен ако не се работи за нешта кои се надвор од вашата контрола, не смеете да задоцните за вашето интервју. Изговорите од типот „имаше премногу гужва во сообраќајот“ или „го пропуштив автобусот“ не се оправдание.

За да го избегнете истото почнете да се подготвувате барем половина час порано од вообичаено. Ден или два пред интервјуто проверете ја локацијата и осигурајте дека точно знаете каде треба да одите. Користете Google Maps или уште подобро, ако не сте сигурни каде точно ќе биде интервјуто, отидете на самото место.

Ако нешто навистина излезе надвор од контрола, тогаш обидете се да стапите во контакт со интервјуерите или оние кои го организрале интервјуто и да им навестите дека ќе доцните кажувајќи им ја и причината за истото.

Бидете подготвени за интервјуто

Постојат неколку работи што треба да ги направите за да се подготвите за вашето интервју. Прво нешто е да знаете кои сте вие и како соодветно да се претставите. Ова значи дека треба во детали да го знаете вашето претходно искуство и експертизите кои ги имате, односно да го знаете вашето CV, но исто така и да знаете кои вие навистина сте надвор од она што е напишано таму. Ова е од причина што интервјуерите веќе го имаат и го прочитале вашето CV. Тоа што ќе сакаат да дознаат е тоа што не стои на тие 2-3 страни хартија. Токму затоа често ги започнуваат интервјуата со прашањето „Дали би можеле да ни се претставите?“ Затоа, ако веќе немате подготвено воведно претставување кое ќе направи да се издвоите од останатите кандидати, направете го истото пред следното интервју.

Другиот дел од подготовката за интервју е да ја истражите позицијата за која аплицирате, компанијата, индустријата, интервјуерите, како и менаџмент тимот. Со информациите достапни на интернет и страните како Google, LinkedIn, но исто така и социјалните мрежи како Facebook и Twitter, можете да дојдете до многу корисни информации. Исто така искористете ја важата мрежа на познанства, деловни соработници и пријатели за да дознаете нешто повеќе.

На крајот, како дел од подготовката, донесете дополнителна копија од вашето CV и дополнителни документи кои сметате дека би ви биле потребни.

Соодветен изглед

Првиот впечаток е навистина битен. Она што интервјуерите ќе го заклучат за вас меѓу другото зависи и од тоа како сте облечени. Затоа облечете се соодветно за начинот на кој што се облекуваат вработените во организацијата во која сте аплицирале. Така на пример, ако одите на интервју во банка, не заборавајте кошула и палто, а во зависност од позицијата и вратоврска. Ако сте аплицирале во ИТ компанија, тогаш вратоврската нема да ви треба, но исто така немојте да се појавите во фармерки и маица со кратки ракави. Во овие компании можеби вработените одат на работа во фармерки, но интервјуто не е време да почнете да се чувствувате „како дома“.

Начин на седење и употреба на соодветен јазик

Следно нешто што има големо влијание на впечатокот кој го оставате е начинот на кој што седите, говорот на телото како и зборовите кои ги употребувате. Седете исправено, одржувајте пристоен контакт со очи  и внимавајте на гестикулациите и изразите на лицето. Понатаму, употребувајте учтив и културен вокабулар со кој ќе го истакнете вашето ниво на образование и воспитание. Употребувајќи жаргон, сленг или уште повеѓе употребувајќи на пцовки, клетви, говор на омраза или други непристојни зборови ќе се оддалечите од шансата да го добиете работното место повеќе отколку што мислите.

Немојте ниту да кажувате вицеви или да пробувате да ги забавувате. Тоа нема да остави впечаток дека имате смисла за хумор. Напротив, може да креира слика на несериозна личност.

Исто така, една од стапиците која треба да ја избегнете е начинот на кој зборувате за вашето хоби и работите кои сакате да ги правите. Жарта и емоциите кои ги покажувате додека зборувате за овие работи би требало да бидат барем на приближно исто ниво со оние кои ги покажувате додека зборувате за работата.

На крајот, не треба да ве потсетуваме да го исклучите мобилниот телефон и другите апарати кои може да бидат дистракција, како и да не џвакате гума за џвакање.

Што кога тема на разговор се вашите сегашни или претходни раководители и компании?

Можеби навистина сакате да „избегате“ од сегашната компанија и можеби вашиот раководител е крајно негативна личност, но тоа не е нешто што би требало да го истакнувате или елаборирате за време на интервјуто. Наместо тоа, кога ќе разговарате на оваа тема пробајте да бидете барем неутрални затоа што зборувајќи негативно можете да оставите впечаток на негативна личност со недостаток на лојалност и почит.

Интервјуерите можат да ви постават прашања како на пример „Кажете ми за ситуација каде сте имале недоразбирање или расправија со вашиот раководител?“ или „… кога не сте се согласувале со него“ „Што сте направиле во таква ситуација? Како сте реагирале?“ итн. Пред да одговорите на овие прашања имајте на ум дека доколку ве изберат за позицијата еден од интервјуерите ќе биде вашиот иден раководител и за време на интервјуто ќе сака да оцени колку добро ќе може да соработува со вас. Затоа бидете внимателни што ќе кажете.

Кажувајте ја вистината

Иако во одреден момент би можеле да помислите дека некоја мала лага или прикривање на вистината би можеле да ви ги зголемат шансите за успех, сепак имајте на ум дека постои можност лагата да биде приметена. Често пати интервјуерите поставуваат прашања на кои веќе ги знаат одговорите само за да видат што ќе кажете или да го слушнат вашето мислење.

Истото ова важи и за преувеличувањето кое исто така може лесно да се препознае или да биде предмет на трик прашање. Овие две работи сигурно ќе ви ги уништат шансите да го добиете работното место без разлика колку добар впечаток сте оставиле до тогаш.

Одговарање на лични прашања

Во текот на разговорот интервјуерите може да ве прашаат за вашите лични искуства и доживувања. Нашиот совет е да не одите во премногу лични детали или да искажувате прекумерни емоции. Одржете го професионалното растојание и одговорете на истиот начин како и кај прашањата поврзани со деловното искуство.

Поставете ги вистинските прашања

Поставувањето прашања од ваша страна може да ви биде од двојна корист. Прво, ќе добиете повеќе информации за работната позиција, компанијата и луѓето. И второ, ќе покажете дека сте заинтересирани за работата и дека сакате да научите што повеќе. Токму затоа никогаш не треба да отидете од интервју без да ја искористите можноста да поставите прашања.

Секако, ова можност не треба да ја искористите да поставите било какви прашања затоа што прашањата кои ги поставувате за вас кажуваат исто онолку колку и одговорите кои ги давате. Така на примиер, да прашате за платата и бонусите на првото интервју би било грешка. Тоа би можело да остави слика дека вие сте повеќе заинтересирани за парите отколку за останатите детали на работното место. Други работи кои не се препорачува да ги прашате на вашето прво интервју се детали околу договорот за вработување, работно време, дневници, прекувремена работа и плаќање на истата итн. Оставете ги овие работи за финалното интервју на кое би ги договарале условите на работното место. Наместо тоа прашајте за предизвиците на работното место, тимот во кој ќе работите, компаниската култура, како го вреднуваат успехот итн. Исто така внимавајте и кому ги поставувате прашањата, односно дека вистинските прашања ќе ги поставите на вистинските луѓе. На пример, не го прашувајте Менаџерот за човечки ресурси за предизвиците на работното место ако истото не е во тој сектор. Одговор на тоа прашање ќе треба да ви даде секторскиот раководител. Или пак, не го прашувајте секторскиот раководител за деталите околу договорот за вработување. Одговор на тоа прашање ќе треба да ви даде Менаџерот за човечки ресурси.

Внимавајте да не го „украдете“ интервјуто со премногу зборување или доминирање во разговорот

Можеби сте личност која сака да зборува, сака да доминира или сака да биде во центарот на вниманието. Сепак, сега не е време за тоа. Оставете интервјуерот да ја задржи контролата на интервјуто и агендата за да може да ги покријат сите области потребни за да ја донесат вистинската одлука. Ако се случи да го „украдете“ интервјуто, тоа може да значи дека интервјуерите нема да имаат шанса да ги постават сите прашања и да ги добијат сите потребни информации за вас. Оттука и шансите да продолжите понатаму ќе ви се намалат.

Истакнете ги вашите клучни вештини и покажете што би можеле да направите за нив

Кажете и ако е возможно демонстрирајте во што сте навистина добри и што е тоа што ве разликува од останатите кандидати. Откако ќе ги презентирате вашите клучни вештини, кажете како би ги искористиле за да помогнете во остварување на тимските и компаниските цели. Едноставно, кажете како би направиле разлика.

Покажете ентузијазам, енергичност и самодоверба

Една од оние работи кои интервјуерите ги оценуваат кај кандидатите е колку се тие ентузијастични, односно колку навистина ја сакаат работата и колку добро сметаат дека можат да ја извршуваат истата. Исто така тие ќе пробаат да ја почуствуваат енергијата и самодовербата која ја имате додека зборувате за работите кои можете да ги направите или предизвиците со кои треба да се справите.

Затоа, за време на интервјуто постојано треба да бидете свесни за овие три елементи и да пробате да ги контролирате на начин што ќе ве претстават во добро светло. Ова секако не е лесно и бара пракса, но вреди да се потрудите и да вежбате затоа што често пати токму овие елементи знаат да бидат одлучувачки во донесувањето на одлуката за избор.

Контактирајте ги по завршувањето на интервјуто

Секогаш контактирајте ги интервјуерите по завршувањето на интервјуто. Најголемиот дел од кандидатите нема да го сторат тоа и токму затоа ова е вашата шанса да се издвоите од останатите.

Покрај искажувањето на благодарност искористете ја оваа можност за да ги истакнете вашите силни страни и да им го покажете ентузијазмот кој владее кај вас во врска со работната позиција и предизвиците кои доаѓаат со истата. Исто така, ако сметате дека не сте се покажале во најдобро светло искористете ја можноста за да ги поправите работите. И на крајот, уште еднаш искажете ја вашата заинтересираност за работното место.

Полна чаша на Instagram