Активен живот

НОВА ГОДИНА, НОВИ ОДЛУКИ – КАКВА СПОРТСКА АКТИВНОСТ ДА ОДБЕРЕТЕ?

Активен живот

Спортувањето и активниот живот се важни во секој период од годината. Иако свесни за придобивките, најчесто за луѓето одлуката да почнат да водат активен живот е најтешка, по што  следува нова одлука. Со каква активност да се започне? Кој спорт? Кога? За полесно да се одлучите прочитајте ги следните неколку фактори кои влијаат на изборот на спортот и спортските активности, а кои ќе ви помогнат да изберете што вам најмногу ви одговара.

  • Ниво на тежина:

Осврнувајќи се на своето претходно искуство или едноставно познавајќи се себеси, треба да одлучите какво ниво на тежина сте подготвени да поднесете при спортување.  Дали тоа би било нешто како она познатото „No pain – no gain“ или пак сакате да ви биде пријатно додека вежбате, без особени потешкотии е одлука која ќе го стесни изборот на активности и ќе ве доведе поблиску до конкретната. Иако е многу релативно што е тешко, а што лесно, за оние кои би сакале да ги поместуваат своите граници ние би ги препорачале боречките вештини, кревањето тегови, кросфит или инсенити тренинзите, додека за оние кои би сакале да поминат полесно, препорачуваме да почнат со џогирање, зумба или пливање.

  • Потребно време:

Она што навистина добро треба да размислите е колку време вие сакате или сте во можност да одвоите за спорт и спортски активности. Исто така важно е да сфатите кое време од денот вам најмногу ви одговара за да се „раздвижите“. Некои луѓе најдобро функционираат кога ќе го започнат денот со спортска активност, додека други не функционираат пред 9 часот. Некои луѓе сакаат да бидат спортски активни пред спиење, додека други сакаат по завршување на работниот ден времето да го минат во одморање. Исто така треба да размислите за прилагодување на спортскиот план согласно условите кои ги нуди годишното време, доколку вашата посветеност кон спортски и активен живот е долгорочна, имајќи на ум повеќе опции. Оние кои се подготвени да издвојат повеќе време за спортски активности, најдобро е да се насочат кон спорт кој што може да го тренираат подолг временски период во континуитет и притоа евидентно да напредуваат. За оние кои се во трка со времето предлагаме пронаоѓање на фитнес центар кој е флексибилен во однос на посакуваните специфични термини или да се насочат кон вежби кои може да се прават во домашни услови.

  • Изложеност на повеќе видови спорт:

Интересот за дадена спортска активност е најдобар показател за тоа во која активност вие најмногу би уживале. Изложувањето на повеќе различни спортски активности е она со што ќе стекнете широка претстава за тоа што најмногу ви се допаѓа. На тоа додадете ги и позитивните и негативните искуства кои сте ги имале при различни активности и ќе се сведете на неколку работи кои ви се интересни и кои ви претставувале задоволство. Почнете да џогирате и доколу сфатите дека тоа не е за вас префрлете се на класичен аеробик. Доколку тоа е премногу монотоно за вас, експериментирајте со pole fitness. Ако можеби констатирате дека тоа е преголем залак за вас пробајте со некој „полесен“ спорт во група за да не ви биде монотоно, а ни пренапорно.  Наздравуваме за сите неуспешни обиди за трчање на кеј и за сите залудно уплатени месечни претплати и ве поттикнуваме да не се откажувате. Секој нов обид, може да биде поуспешен од претходниот! 🙂

  • Тимски или индивидуален спорт:

Исто така, треба да се запрашате каков „играч“ сте вие? Вашето однесување во животот може многу да ви помогне во изборот на спорт или спортска активност. Доколку сте тимски играч и сакате да гледате како нешто напредува со тимски напор, тогаш и тимските спортови ќе бидат ваша посилна страна. Најпрвин пробајте со основните – фудбал, ракомет или кошарка. Од друга страна пак, ако сакате да се чувствувате самостојно и одговорно за вашите резултати, не зависејќи од други луѓе, тогаш најдобро е да се осврнете кон индивидуалните спортови како тенис, кросфит, гимнастика или пливање.

  • Прилагодување кон типот на тело:

Типот на вашето тело без сомнение може да ви каже кој спорт е погоден за вас. Така на пример, пониските луѓе може да се одлучат за фудбал, додека повисоките за кошарка. Ако сте забележале дека имате исклучителна сила во нозете, можеби треба да размислите за велосипедизам. Доколку неретко забележувате дека сте флексибилни, тогаш може да размислите за некоја категорија од атлетиката. Поентата е дека треба да го познавате сопственото тело за да знаете што е преферентно за вас.

За каква и активност да се одлучите – тоа ќе биде вистинската одлука! Дури и да не сте „најдобри“ во тоа што го правите, сепак вие правите еден голем чекор кон здрав и активен живот. Без разлика дали ќе се пронајдете во ракомет или во фудбал, дали ќе се одлучите за Џиу-џитсу или карате, дали ќе биде аеробик или алпинизам, секогаш ќе можете да истрчате на кеј, парк или најблиската планина, да го користите велосипедот како алтернативно превозно средство или да тркнете до активните зони на Coca-Cola и да се раздвижите.

Полна чаша на Instagram