Студентско катче

ИСКОРИСТЕТЕ ГИ ПРАЗНИЦИТЕ ЗА ПОУСПЕШЕН СТАРТ НА НОВАТА ГОДИНА

Студентско катче

Новогодишните празници, заедно со еуфоричните денови пред нив, како и мрзоволниот период потоа, па некаде сѐ до крајот на јануари, се дел од годината кога редовните активности подзапираат отстапувајќи место на заслужениот одмор и дружбите со соработниците, пријателите и роднините. Тоа е еден вистински „time out“ од секојдневниот живот, исполнет со забава, коктели и журки, семејни вечери и ручеци. Можеби на моменти и малку претерано, но секако со трудот низ целата година сме заслужиле и неколку вакви денови.

Обземени со сета таа позитивна енергија, во слободните денови од овој период ретко кој посветува внимание на работата или помислува на кариерата. Сите ние барем еднаш сме се ги одложиле овие активности во стилот „нека поминат празниците, па ќе седнам да ја завршам работата“ или „за време на празници не се бара работа. Ќе почнам веднаш потоа!“ итн. Сепак, ова е најдобриот период да се заземе добра стартна позиција во новата година и да се стекнете со предност пред сите останати. Еве неколку идеи што може да направите…

Паметно изберете со кого ќе го поминете времето

Празниците се одлична можност да „ги наполните батериите“ со позитивна енергија што ќе ве одржува во текот на годината. Ако сега не го сторите тоа, тогаш ќе имате потешкотии да го одржувате потребното ниво на енергија сѐ до следната можност за надополнување.

Позитивната енергија во овој период ќе ја добиете со времето поминато со вашите блиски, односно семејството и најблискиот круг на пријатели. Иако нашите навики знаат да бидат поинакви, во текот на овие денови нема потреба да трчате маратон гледајќи се со сите луѓе што може да се најдат на листата. Наместо тоа сведете го бројот на минимум, со цел со нив да поминете квалитетно и релаксирачко време. За останатите ќе има време и потоа.

Важно е и како ќе го поминете времето

Со оглед на тоа што секој од нас се релаксира и ужива во различни начини, тука нема да ви кажеме што да правите, туку што да не правите. Наша препорака е да ги тргнете настрана редовните работни задачи и за момент да заборавите на сите задолженија кои ги имате на работното место, приватниот бизнис или факултетот. Тоа ќе ви помогне да се одвоите од тој свет и да се препуштите на времето за вас самите. Заборавете ги и оние навидум безболни активности како читање и одговарање електронски пораки на мобилниот телефон, одговарање на повици или повикување колеги и соработници за ситни и тривијални нешта, или пак досредување на некои заостанати работи од претходните недели. Колку и да изгледаат наивни, овие активности нема да ви дозволата да заборавите на работата и да го „испразните“ умот за сите предизвици кои ќе дојдат во новата година.

Наместо тоа, одвојте време за оние работи кои навистина сакате да ги правите, а сѐ некако не стигнувате да ги правите во текот на редовните работни месеци. Уште подобро, доколку сте во можност, испланирајте неколку дневно патување со цел да се тргнете настрана и од физичката околина на вашето секојдневие. Хотелски комплекс со спа центар на некоја од поблиските планини би бил идеален „одмор од реалноста“.

Доколку не сте во можност да го направите тоа, тогаш добар дел од работата ќе завршат и неколку подолги прошетки и физичка активност со кои ќе го разбудите вашето тело.

Ако, сепак, сте од оној тип на луѓе кои неможат да го поминат времето без да прават ништо корисно, тогаш изберете некоја добра книга и прочитајте ја за време на празниците. Изберете некоја книга со деловна содржина, книга блиска до вашата професија или книга со мотивациски пораки. Тоа дополнително ќе ви помогне да ги наполните батериите за Новата година.

Не ги заборавајте дневните навики

Ако имате стекнати навики како станување рано, вежбање или друга физичка активност, утринско туширање, читање или пишување… немојте во текот на празниците да заборавите на нив. Вашето тело и ум се навикнати на тој распоред. Дополнително, некои активности како на пример утринско вежбање или планирање на дневните активности ви помагаат да ги разбудите телото и умот, како и да воспоставите контрола на денот. Продолжете со овие активности и за време на празниците за да не го изгубите ритамот и навиките. Тоа ќе ви помогне да останете активни и да не станете мрзеливи. На крајот на празниците, кога на сите ние тешко да се вратиме на редовните активности, вие ќе имате многу помал проблем отколку било кој друг.

Изберете каде ќе одите и со кого треба да се видите

Во овој период ќе добиете покани за многу коктели и забави од пријатели, колеги и деловни соработници. Наместо како спринтер да одите од забава на забава без притоа никому да посветите соодветно внимание, одберете на кои места навистина би требале да отидете и со кого треба да се видите. Листата на приоритети направете ја според тоа на кого мора да му оддадете чест, со кого најмногу соработувате, и со кого ќе соработувате во текот на идната година.

Откако ќе ги изберете местата каде што ќе одите, одлучете со кого точно ќе треба таму да се видите и на која тема ќе разговарате. Не ги оставајте работите на случајност. Напротив, испланирајте и подгответе се. Пред забавата можете да прочитате неколку совети за „networking“, отпочнување конверзација со непознати, претставување на самите себе или својата работа на начин што ќе побудите интерес итн.

На овој начин, покрај тоа што ќе се забавувате ќе имате и двојна корист со тоа што ќе ги зацврсите врските со оние кои ви се важни или ќе создадете врски со оние со кои би сакале да соработувате.

Настрана од коктелите и забавите, направете (кратка) листа на луѓе со кои треба да се видите. Јавете им се и поканете ги на кафе, пијалок или ручек. Повторно, одлучете за што ќе разговарате и подгответе се. Во овие моменти не би тревало да им зборувате за некакви бизнис идеи и редовната соработка која ја имате со нив, но можете да им нафрлите неколку теми со кои би ги заинтересирале за понатамошна соработка.

Обновете ги контактите

Не постои друго време како новогодишните празници кога можете да им испратите пораки во вид на хартиени честитки и писма или електорнски и телефонски пораки на сите оние со кои во текот на годината не сте имале можност да соработувате или комуницирате, а со кои би сакале одржите врска. Новогодишните честитки, надополнети со персонализирана порака или покана за ручек се идеални за тоа. Со нив можете да ја одржувате врската повеќе години без притоа да имате дополнителни контакти.

Доколку сте од оние кои бараат работа или промена во кариерата, пратете им честитки на менаџерите во компаниите со кои сте имале интервју или разговор за работа. Со тоа ќе им дадете на знаење да ве имаат на ум за следната соодветна позиција.

Направете ретроспектива на минатата година и поставете ги целите за новата

Првите денови од јануари се совршено време да направите ретроспектива на претходните дванаесет месеци. Ако сте направиле план, сега едноставно ќе го споредите планираното со оствареното. За сето она што сте го оствариле и за сите успеси што сте ги постигнале оддајте си почит и прославете. Бидете задоволни од себе. За оние работи кои не сте ги оствариле, пробајте да увидите која била причината за истото. Научете од тоа со цел да не се повторат грешките. Во секој случај, имајте на ум дека патот до успехот има искачувања и падови од кои треба да се мотивирате и да учите.

Откако ќе го направите тоа, земете еден најобичен лист хартија и направете го планот за следната година и целите кои сакате да ги остварите на приватен и кариерен план. Најважно, со цел да го остварите планот, ставете дати, рокови, клучни точки кои сакате да ги постигнете, квалитет и квантитет. Тоа ќе ви помогне да го следите остварувањето на планот низ целата година. И запамтете, немојте да ги потрошите празниците правејќи детален план, тоа ќе го направите подоцна. Сега поставете ги главните цели и активности и роковите за истите.

Искористете ги празниците за промена во кариерата или барање работа

Доколку веќе некое време размислувате за кариерна промена, сега е вистинско време, растеретени од секојдневните обврски да размислите во која насока сакате да ја движите вашата кариера или вашиот бизнис и да ги преземете првите чекори за истото. Ако се решите за промена, тоагаш уште еднаш видете ги советите погоре околу забавите на кои треба да се појавите, луѓето со кои треба да се видите, кому треба да му испратите новогодишна честитка и планот кој треба да го направите.

Ако сте од оние кои бараат (нова) работа тогаш не заборавајте да ги прегледате страните за кариера на компаниите за кои би сакале да работите како и порталите за работа. Активните огласи во овој период се во помал број од огласите во останатиот период во годината, но бројот на оние кои ги посетуваат овие портали за време на празниците е уште помал, така што вашите шанси се поголеми. Исто така земете во предвид дека многу компании, со нетрпение ја чекаат новата година и новите буџети со цел да можат да огласат нови работни позиции. Затоа не пропуштајте го овој период.

Полна чаша на Instagram