Студентско катче

“КОГА БЕВ СТУДЕНТ“ СО АНДРИЈАНА ЈАНЕВСКА: ПРОФЕСОРИТЕ ОД ФМУ МЕ НАПРАВИЈА КОМПЛЕТЕН МУЗИЧАР.

Студентско катче

За да станете професионален виолинист, буквално од бебе треба да почнете да вежбате. Ние го немавме тој луксуз „да ни текне“ во средно, еј, ај ќе станеме музичари. Не, некои професии бараат да им го посветите целиот живот – вели Андријана Јаневска, која ни ги раскажа студенстките денови во рубриката „Кога бев студент…“ на Факултети.мк и „Пивара Скопје

 

Четири години земала стипендија за талентиран студент. Никогаш не паднала на испит. Дипломирала со просек 9.35, а дипломската ја одбранила со чиста 10-ка. Магистрирала со просек 10. Нашата позната талентирана музичарка Андријана Јаневска е пример за успешен студент кој со голема страст и љубов се дал на својата идна професија.

Додека студирала имала многу настапи како пејачка и виолинистка, па често и преморена и ненаспана полагала испити. Нејзината челична волја и незимерна љубов кон музиката ѝ била водилка. Вели дека додека студирала на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), каде сега е доцент најважно ѝ било да се изгради во комплетен музичар, затоа што сакала и да компонира, и да свири пијано, и да пее, и да се бави со наука.

 

За малку ќе студирала во Холандија

Со оглед на тоа што претходно завршила нижо и средно музичко училиште на отсекот виолина, сѐ поизвесно било дека ќе продолжи на ФМУ, исто така на виолина. Но, Јаневска вели дека она што навистина многу го сакала било компонирањето. За време на средното образование била на консултации кај професорите по композиција на ФМУ, Зографски и Коларовски. Истовремено ја започнала и кариерата на Скопје фест 1998, а нејзината композиција ја аранжирал Илија Пејовски. И тој ја пофалил како автор.

– Ме охрабри, а тоа многу ми значеше со оглед на тоа што во мојата фамилија сум прва која професионално се бави со музика. Со други зборови, немав многу самодоверба, не бев сигурна дали сум добра. Во тој период (98/99 година) се појави интернетот, па веднаш отворив email и пратив писмо до неколку факултети по музика во Холандија. Тогаш ми беше сон да живеам таму. Од сите добив одговор да испратам мои композиции. Напишав две клавирски минијатури и ги испратив. Точно пред да ги поднесам документите за упис на ФМУ, на домашниот телефон се јави деканот на еден од факултетите во Холандија. Рече дека им се допаднале композициите и дека прелиминарно сум примена – раскажува таа.

 

На радоста ѝ немало крај!

– Имав можност да го студирам она што најмногу го сакам и да живеам во земјата за која сонував. Тоа беше пресвртница во мојот живот. Но, сепак после долгите разговори со родителите, решив да останам овде и поднесов документи за упис на ФМУ на отсекот виолина – вели Јаневска.

 

Бидејќи средното училиште го завршила со просек 5,00 и имaла над десетина награди од државни натпревари по виолина, самото запишување не претставувало некој проблем.

– Се сеќавам дека претходниот ден пеев на Будва фест и брзав да се вратам за да полагам. Програмата за приемниот беше тешка, но сепак, тоа е нормално за тој отсек. Бев преморена и исцрпена од настапот и патот, но веќе бев научена на тоа темпо со оглед на тоа што за време на средното образование секој втор ден некаде настапував. Секојдневие ми беше да учам во автобус или автомобил додека патувам. На самиот испит имав многу трема, но сепак сѐ помина во ред и бев примена.

 

Андријана била примерна и редовна студентка. Единствено отсуствувала кога одела на турнеи. Но сепак, тоа било во рамките на дозволените отсуства.

– Еден од омилените предмети ми беше хармонија кај професорот Живоjин Глишиќ кој важеше за најстрог, но најправичен професор. Кај него имав 10-ка и тоа за мене беше рамно на дипломирање. Најјака бев по предметот солфеж, па професорот Благој Цанев уште во прва година ме испрати на државен натпревар на кој освоив 100 бода. Тоа значеше специјална прва награда во конкуренција со студенти од цела Македонија и од сите катедри – раскажува Јаневска.

 

Сите професори ѝ биле драги затоа што од сите научила многу. Вели дека им е благодарна што ја направиле комплетен музичар.

– Од предметите кои не беа музички, омилени ми беа философија кај професорот Денко Скаловски и психологија кај професорот Благој Јанаков. Едноставно, уживав на нивните часови! А професорите по виолина Зоран Димитровски и Љубиша Кировски се „виновни“ што вистински ја засакав виолината и не се покајав ниту еден момент што се запишав на ФМУ.

 

Некои професии бараат да им го посветите целиот живот

 

Студирањето ќе го памети и по дружбата со колегите. Вели дека со сите на ФМУ се знаеле буквално откако знаеле за себе. Во тоа време сите студенти на ФМУ имале завршено нижо и средно музичко училиште.

– Всушност бевме истите деца, оние кои на 6-7 години ги учеа првите ноти и оние кои беа колеги на факултет. Со повеќето од нив денес сме колеги и во МОБ, што би се рекло, цел живот се знаеме. Токму затоа, музичарите-класичари треба да бидат уште повеќе ценети! За повеќето професии (без да ги потценувам!) доволен е факултет од 4, 5, 6 години. Но, за да станете професионален виолинист, буквално од бебе треба да почнете да вежбате. Ние го немавме тој луксуз „да ни текне“ во средно, еј, ај ќе станеме музичари. Не, некои професии бараат да им го посветите целиот живот – вели Јаневска.

 

Таа почнала со студирање на 1 октомври 2000 година, а дипломирала на 30 септември 2004 година. За дипломската, освен останатите дела, го свирела и концертот за виолина и оркестар „Шкотска фантазија“ од Макс Брух.

– Тоа за мене беше огромен предизвик бидејќи дотогаш никој во Македонија го немаше свирено, и е многу тешко и комплексно дело. Со професорот Љубиша Кировски го работевме една година. На испитот воопшто немав трема, напротив, едвај чекав да дојде комисијата за да свирам. Секој кој свири класична музика знае колку треба да се вежба. Таму нема импровизации. После толку години свирење, за првпат се чувствував сигурно, отсвирев одлично и комисијата ме оцени со 10-ка – раскажува Јаневска.

 

Потоа веднаш се запишла на постдипломски студии на методика на музичка настава (Катедра за музичка теорија и педагогија) каде ментор ѝ била професорката Викторија Коларовска – Гмирја. Во тој период повеќе се посветила на науката.

– Учествував на неколку конференции со свои презентации од истражувањата. Магистрирав со просек 10.

Евентуалниот неуспех на студентот го сфаќам како мој личен.

 

Јаневска не седела со скрстени раце дур студирала. Напротив, во тој период беше многу активна на естрадата и вели буквално секој втор ден некаде настапувала. За време на студентскиот живот ги отпеа песните „Твоето писмо моја библија“, „Носталгија“, „Своја на своето“, „Име ти е адреса“ со Маријан Стојановски, „Ден по ден“ со Врчак.

– Бев растргната од настапи, но не дозволив тоа да влијае на студиите. Кога бев трета година на факултет, решив да пробам хонорарно да свирам во оркестарот на МОБ. Отидов на аудиција и ми дадоа шанса. Некако, се пронајдов таму. Уживав во изведбите на Тоска, Боеми, Кармен, Травијата… Всушност, свирењето во МОБ ми даде можност одблиску да се запознаам со партитурите на тие ремек-дела. Едно е кога го слушате делото, но сосема друго кога го свирите. Внатре сте во него, ги слушате сите делници кои ги напишал композиторот. Тоа многу ми помогна во компонирањето и аранжирањето – вели таа.

 

Од таа 2002 година до денеска останала да свири во МОБ, цели 16 години. Од 2007 година е редовно вработена како прва виолина. Јаневска повторно му се врати на факултетот, но овојпат како доцент по предметите Соло пеење – популарни жанрови и Група наставни предмети од областа на популарните жанрови.

– Понекогаш кога ќе ја погледнам зградата од далеку, се прашувам дали повеќе време имам поминато таму или дома. Точно 30 години секојдневно влегувам и излегувам низ истите врати. Таа зграда е мој втор дом. Сега секојдневно се среќавам со професорите кои ми предавале и навистина се гордеам што сум дел од кадарот на оваа институција.

 

Јаневска ужива во работата со студентите. Вели дека се труди да го извлече најдоброто од нив и се надева дека успева во тоа.

– Лесно е да не дадете потпис или да го бутнете студентот на испит. Многу потешко е како наставник да го предизвикате да доаѓа редовно на предавања и да има знаење за да не дојде воопшто до ситуација да не земе потпис или да падне на испит! Евентуалниот неуспех на студентот јас го сфаќам како мој личен неуспех и затоа се трудам секогаш да најдеме решение за било кој проблем- завршува Јаневска.

Полна чаша на Instagram