Студентско катче

„КОГА БЕВ СТУДЕНТ“ СО ДУКЕ БОЈАЏИЕВ: ТРЕБАШЕ ДА ЗАВРШАМ МЕДИЦИНА, ЗА ДА СЕ ПРОНАЈДАМ КАКО МУЗИЧАР

Студентско катче

Во мојата професија никој никогаш не ме прашал што сум студирал, ниту пак какви оценки сум имал, туку колкаво е моето искуство, кои се резултатите од мојата работа. Книгите ти даваат само информација, додека не ги примениш информациите во лични искуства не можеш да го совладаш материјалот – вели композиторот со богата кариера во Њујорк, кој се наврати на студентските денови во рубриката на факултети.мк и Пивара Скопје.

 

Со музика почнав да се занимавам од најраните години, на 3 веќе свирев клавир, а на 10 години почнав да ги пишувам првите композиции. Доаѓам од докторска, но и музичка фамилија, растев изложен на влијанија од двете сфери. Музиката ја сфаќав како игра и нешто што извира од мене природно и затоа никогаш не помислив да се школувам. Целото школство ми беше во полето на науките. Средно завршив биохемија во „Никола Карев“, а дипломирав на Медицински факултет. Дури подоцна сфатив дека ми нема бегање од музиката како професија – вели Дуке Бојаџиев.

 

Минатиот викенд тој повторно и се врати на публиката дома и со два концерта го заокружи својот проект „Сон. Верба. Љубов“ на кого работеше десет години. Факултети.мк и Пивара Скопје го навратија на студентските денови. Бојаџиев дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1998 година. Се потсетува дека во првите четири години бил речиси фанатично посветен на медицината, но после тоа, сфатил дека музиката ја сака многу повеќе.

– После првите четири години следеше транзиција во која почнав да навлегувам сѐ подлабоко во водите на оркестрацијата и продукцијата и сѐ повеќе ми стануваше јасно дека патот на музиката по кој тргнав од љубопитство и пасија е еднонасочен, нема назад. Една година по дипломирањето на Медицински, заминав за Беркли. Во таа година се занимавав само со музика – вели Бојаџиев.

 

На прашањето како реагирал неговиот татко, познатиот гинеколог и композитор, Тодор Бојаџиев, кога одлучил да замине во Америка и да се посвети на музиката, Дуке вели:

– На почетокот беше малку исплашен за мојата иднина, бидејќи тоа беше скок во голема неизвесност, селење на нов континент со почеток на нова кариера, но беше многу среќен за мојата одлука!

 

Се наметнува прашањето дали токму тоа што неговиот татко бил почитуван доктор, му го олеснило студирањето.  

– Напротив. Ми беше тежина фактот што татко ми беше почитуван доктор. Секаде каде што ќе се претставев автоматски бев „синот на…”, што почна да ми пречи во развојот на мојата индивидуалност, желба за независност и самоосознавање – вели композиторот.

 

На почетокот на студирање вели дека оценките му биле важни.

– Во првите години на медицинските студии оценките ми беа важни, но при крајот, кога почна сѐ повеќе да ми се зголемува интересот кон музиката, ми стануваа сѐ помалку битни. На музичките студии во Бостон оценките не ми беа никаков проблем, бидејќи веќе имав големо предзнаење, па најмногу се фокусирав на тоа да стекнам што повеќе искуство. Во мојата професија никој никогаш не ме прашал што сум студирал, ниту пак какви оценки сум имал, туку колкаво е моето искуство, кои се резултатите од мојата работа. Книгите ти даваат само информација, додека не ги примениш информациите во лични искуства не можеш да го совладаш материјалот. Познавањето теорија помага, но праксата е пресудна – категоричен е Бојаџиев.

 

Вели дека имал студентски живот како од соништата.

– Поминав прекрасни студентски денови и во Скопје и во Бостон, тие искуства имаат безвременска вредност. Имав прекрасна екипа пријатели кои бевме во иста група за поголемиот дел од медицинските студии. Од дневен живот како студенти до ноќен живот по клубови, поминавме магични моменти кои се паметат цел живот. Во Бостон на музичките студии сретнав нова група пријатели од целиот свет, со кои поминав незаборавни години на дружење и соживот. Го почувствував светот како една фамилија бидејќи одеднаш имав пријатели од сите континенти, раси и религии, дојдени со чисто срце и искрени амбиции да ја споделат својата креативност со светот – вели тој и додава дека при крајот на студиите, всушност, се носат најважните животни одлуки.

– Решаваме со што ќе се занимаваме до крајот на животот, а тие одлуки се пресудни за нашата иднина. Тоа има своја убавина, но и тежина, да се направи изборот кој го задоволува и срцето и мозокот. Требаше да завршам Медицина, за да се пронајдам како музичар – додава Бојаџиев.

 

За најинспиративен професор Бојаџиев го посочи Др.Ричард Буланже, кој особено му помогнал и го насочил.

– Тој ја почувствува мојата пасија, талент и амбиции и ми даде голема поддршка во процесот на мојата транзиција од студент на медицина во професионален музичар. Главните лекции беа дека ништо не е невозможно, ако доволно му се посветиш и фокусираш! – потенцира музичарот.

 

Уште дури студирал Медицина, тој работел на разни музичко-сценски проекти, свирел во театарски претстави, во барови, џез-клубови, учествувал на фестивали. Вели дека особено е важно секој да ги создава и негува своите работни навики, па дури и кога тоа не е од областа на студиите, „зашто тоа подоцна влијае и на навиките во професионалниот живот“.

– Во Бостон работев континуирано и паралелно со школувањето, имав концертни настапи, давав часови по музика и компонирање, работа на компјутерски програми за музика. Во Беркли работев во Компјутерскиот центар за цело време на студиите. На почетоците на мојата кариера во Бостон и во Њуjорк, доброто познавање на компјутери најмногу ми помогна да се снајдам со работа. Човек што разбира компјутери и компјутерски апликации секаде беше пожелен. Првата година во Њуjорк работев во музичка куќа во која ме примија како аудиоинжeнер и човек за сите компјутерски проблеми. По три месеци работа успеав да ја пласирам мојата музика на првите големи проекти и да бидам сериозно сфатен како композитор и продуцент – споделува Бојаџиев.

Полна чаша на Instagram