Студентско катче

„КОГА БЕВ СТУДЕНТ“ СО ТАЊА КОЧОВСКА, АКТЕРКА: САКАВ ДА БИДАМ ХИРУРГ, АМА МОЌТА ЗА ТРАНСФОРМАЦИЈА БЕШЕ ПОСИЛНА!

Студентско катче

Со Рефет Абази имавме најмногу хемија на сцена, многу се согласувавме и се разбиравме со поглед, се надополнувавме во емоцијата, во реакцијата и се чувствувавме. И Милчин не ставаше да играме заедно, тој е многу добар актер и со него сум се чувствувала многу сигурна на сцена.

 

Нема дете кое не ја препознава од некоја од претставите што ги гледало во Театарот за деца и младинци. Најмногу аплаузи и насмевки побудувала токму таа, Тања Кочовска. Иако од предедна година веќе не е дел од ансамблот на овој театар, таа сѐ уште ги игра своите улоги. Македонскиот народен театар и е новиот дом и како што вели самата: „Театарот за деца за мене е како дете, кое пораснало, созреало и треба да се разделиме“.

Со задоволство ни ги раскажа своите студентски денови во „Кога бев студент“, рубрика која Факултети.мк и Пивара Скопје ја креираат за вас. Бевме трпеливи и почекавме да ѝ помине премиерата на мјузиклот „Мама миа!“ во декември, за да можеме на раат да поразговараме бидејќи, вели таа: „кога работам нов проект, можам да мислам само на улогата, на ништо друго“.

Единствена друга желба, на страна на студирањето глума ѝ било да стане хирург, ама сепак, театарот бил помагичен. И генот си го направил своето. Како прво дете на Пантелеј и Невенка Кочовски, ѕвездите на составот „Мањифико“, кои во времето на нејзиното детство имале турнеи по цел свет, се чинело нормално и Тања да ја засака сцената.

Се запишала на Факултетот за драмски уметности во 1985 година. За приемен испит избрала да интерпретира четиво од учебник за 8 одделение.

– Се подготвив брзо. Тоа четиво страшно ме погоди. На српски ја изрецитирав „Стојанка мајка Кнежопољка“ од Скендер Куленовиќ…Влегов уште во првиот круг. Милчин ме праша дали сум ќерка на „Мањифико“, а јас му вратив дека сме роднини. Студентскиот е најтежок и најубав период. Час ќе направиш нешто добро, час ќе пројдеш низ голгота – вели Тања.

Припаѓала на таква класа во која немале само еден раководител, туку повеќемина професори.

– Две години бевме кај Владимир Милчин, трета бев кај Владо Цветаноски и Кирил Ристоски, па кај Илија Милчин, па Слободан Унковски, а завршивме практично кај Љубиша Георгиевски. Сите работевме со по двајца режисери. Мислам дека тоа е добра варијанта за еден глумец, да почувствува различни начини на работа и пристапи – вели актерката.

Колеги ѝ биле – Владимир Ендровски, Рефет Абази, Кирил Поп Христов, Владимир Лазовски, Валентина Божиновска, Даница Георгиевска. Во трета година им се придружиле Сенко Велинов, Драган Спасов-Дац, Софија Куновска-Ангеловска, Ѓорги Јолевски.

– Бевме заедно 24 часа, спиевме на академија. Кај Љац одевме да учиме, па после кај мене, со спиење, јадење, тоа беа цели турнеи. Толку многу се дружевме, што останав бремена од Љац и родив син. Многу работевме заедно и бевме поврзани. Едно време ми се налутија, бидејќи почнав почесто да работам со Јолевски и со Сенко. Јолевски и до ден денес ми е колега и другар, тој важи за поспецифичен табиет, затоа што е голем работник. Кога игравме „Тартиф“, работевме заедно со денови, за да имаме резултат – вели таа.

На дипломската работа била бремена. Се исплашила дека сите ќе ја заборават откако ќе роди дете. Но, ја побарал Благој Чоревски, тогаш директор на Драмски театар и ја поканил да стане дел од ансамблот. Во театарот веќе влегле Велинов, Куновска-Ангеловска, Дац.

– Љубомир Чадиковски често доаѓаше во бифето на Драмски и ме канеше да се префрлам во тогашниот Детско-младински театар, кој беше во зачеток. По природа сакам нови предизвици и прифатив да одам во Театарот за деца, кој по концептот на работа на почетокот беше најавуван како отворен, за подоцна да биде обратното за нас актерите. Ние не можевме да играме на други сцени или проекти. Тоа можеби за нас актерите не се покажа добро, но за театарот беше. Кога игравме во регионот, нѐ викаа „тешката артилерија од Македонија“. Кога дојде Довлев веќе се отворивме малку и така ми се случи МНТ и првите проекти – раскажува Тања.

Уште во основното училиште почувствувала дека има талент за професијата идека реагирала различно на дадени ситуации.

– Можев во еден момент да почувствувам тага, а во нареден – радост, лесно да променам расположение. Имаше луѓе што го забележуваат тоа, не ми викаа ништо, само ќе се насмееја. Кога гледав филм, се фокусирав на ликот што ми се допаѓаше најмногу и почнав да реагирам исто како него. Ја сакав и медицината, ама и генот си го направи своето. Имав и специфично детство, живеев со тетка ми и тетин ми. Моите патуваа многу, но не можам да се пожалам дека сум имала лошо детство, ми беше најубаво на светот – се потсетува Кочовска, која е категорична дека студетнтскиот период и е најубавиот период во однос на образованието.

Признава дека како мала била и малку отфрлувана од нејзините соученици. Се дружела, ама не ја прифаќале едноставно.

– Им купував подароци за да ме примат во друштво. Сега е обратно, денес тие ми носат подароци, ама не им обрнувам внимание. Бев како грдото пајче. Некои работи се сменија во средно. Прво учев во гимназијата „Никола Карев“. Бев одлична, но имав една професорка по физика со која имав тежок средношколски период, бидејќи јас не сакав да учам физика. Затоа се префрлив во „Орце Николов“. Влегувам во училница, гледам едно шармантно девојче кое веднаш ми рече да седнам до неа. Тоа беше Амелија Серафимовска, која до ден денес ми е најдобра другарка– вели Кочовска.

Ја прашавме дали фактот што е ќерка на познати музичари ѝ помогнал во животот. Таа вели дека најмногу и помогнала нивната посветеност на работата.

– Моите никогаш не доаѓале во училиште специјално за да ургираат за нешто. И секогаш ми велеа: ова го направи добро, ама можеш и подобро. Ме запишаа во Музичко школо, а јас не сакав да одам. Намерно не отидов на испит, за да ме отпишат и издржав до четврта година. Подоцна, кога сестра ми одеше во средно или на факултет, мене ми беше мачно од мирисот во зградите. Пеењето ми е во гени, ми оди, ама не сакав тоа да учам – признава Кочовска.

Многу професори од ФДУ ѝ оставиле впечаток. Вели дека учеле од стара гарда професори.

– Иван Ивановски, Горан Стефановски, Ацо Алексов, Владимир Милчин…тоа беа професори чии предавања беа посебни. На факултет имавме стара гарда професори. Постојано си запишував нешто, а и ден денес го правам тоа кога имам проби. Тоа ми помага за креирање одреден лик. Беше поинаку со тие стари професори. Прво, неможеше кој било да биде професор на катедра. Ние бевме глумци кои сакавме да се правиме специфични, ама се знаеше мерката. Јас се вадев некако и не ми земаа за зло. Не знаеja да ме искараат, ама пак многу си плачевме кога си одевме накај дома. Полудувавме кога ќе ни дадеше Милчин одредена литература да прочитаме за два дена.Имав професорка по историја од „Орце Николов“, која беше најстрогата и точно ме процени и најде начин како систематично да учам и повеќе историја никогаш не сум знаела. Сѐ зависи од педагогот и на кој начин ќе ти го пренесе знаењето и како ќе те заинтересира – вели Кочовска

Како студент многу често работела на претстави на Александар Поповски и жали што отпосле немала прилики да работи повторно.

– Многу го сакав Чехов и го играв успешно, најмногу ја сакав улогата на Нина Заречна. Дури и ќерка ми сакав да ја крстам Нина, ама се премислив и го доби името Нела по двете баби. Луѓето ме сакаат во комични претстави. „Тартиф“, „Животот е прекрасен“ ми беа големи тестови, да видам како публиката ќе реагира на мене. Работев со генијални режисери и немав проблем. Сѐ уште на секоја појава на сцена имам блага трема, не се чувствувам суверено и секоја улога ми е како првa. Филмот не е мој фах или да имам концерт со пеење, ќе умрам. Но, ако во претстава има пеење, нема проблем. Тоа е добро до некаде, оти пак добивам нов порив – истакнува актерката.Со актерот Рефет Абази имала најмногу хемија на сцена. – Многу се согласувавме на сцена, се разбиравме со поглед. Се надополнувавме во емоција, во реакција. И Милчин не ставаше да играме заедно, тој е многу добар актер и со него сум се чувствувала многу сигурна на сцена. Уште во средно не сакала да прави компромиси и да учи предмети што не ја привлекуваат. – Математика, на пример, не сакав и не учев. Сум имала среќа да имам и професори кои знаеле да ми ја почитуваат личноста и да не бараат од мене да учам тоа што не сакам или ме мотивирале на нивен начин.

Дури студирала, летно време одела да работи на острови во Грција.

– Кога родив дете, живеев одвоено и паралелно со работа во театар, чистев по куќи, чистев скали во неколку згради. Од работа никогаш не сум се срамела. Сум била пожртвувана за театарот. Сум трчала на проби и кога не ми било добро, и со инфузија или и децата кога не биле добри. Оваа професија не трпи размазеност – категорична е.

 Популарната актерка упатува убава порака до студентите на глума.

– Им препорачувам да бидат приземни. Да„пијат“од искуството на професорите, на постарите глумци. Да одат редовно во театар, да читаат литература поврзана со професијата, од секојдневни случки да развиваат моќ на скенирање, да анализираат, за да можат тоа да го употребуваат за некоја улога. И, многу важно, да бидат работници. Публиката не сака мамење, туку искреност. Точно знае кои сме и што сме и што им нудиме, а таa знае и да награди. Не мора за тоа да е показател само громогласниот аплауз. Некогаш воздишка од публиката може многу да каже. Актерот треба да ја има таа моќ да ја земе таа емоција и соодветно да ѝ врати на публиката.

Полна чаша на Instagram