Студентско катче

„КОГА БЕВ СТУДЕНТ“ СО Д-Р ЖАН МИТРЕВ: БЕВ ОПСЕДНАТ СО МЕДИЦИНА, УЧЕВ НАВЕЧЕР, КОГА ЌЕ ЗАВРШЕА ЗАБАВИТЕ

Студентско катче

Најдобар бев во најтешките предмети – патофизиологија, анатомија, хирургија. Имав просек околу 9 и тоа без да фаќам врски – вели академикот, кој токму на утрешен ден пред 18 години ја направи првата операција во Скопје.

Како мал се плашел од лекари и бели мантили, а кон крајот на средното образование веќе бил сигурен дека ќе учи медицина. Веќе во втора година на Медицинскиот факултет во Скопје знаел дека ќе се посвети на кардиохируријата. Д-р Жан Митрев веќе 18 години секојдневно e сликата за кардиохирургијата во нашата земја. Факултети.мк и Пивара Скопје го убедија да ја сподели со нас неговата студентска приказна. Бевме упорни и украдовме половина час од неговиот зафатен работен ден.

 

Роден е во Штип во 1961 година. Судбински или случајно, детството го поминал во дворот на штипската болница.

– Се кршевме, сечевме нозе, раце, бевме пргави деца, такви ни беа игрите. Врти сучи по неколку пати во сезона ќе завршевме во болница. Одевме многу и боси. Како дете никогаш не сум помислил дека ќе бидам доктор, оти имав уплав од инјекции, од мантили. Во гимназија, до втора година не знаев, ама трета година веќе ми беше јасно дека сигурно ќе одам на медицина. Предметите како математика не ме влечеа, природните науки многу повеќе. Во четврта година, професорката по математика се мислеше дали да ми стави петка, ама јас ѝ реков: „Професорке, немојте да се мислите, јас нема да одам на Природно-математички факултет“ – вели академик Митрев.

 

Тој објаснува дека во 70-те години на минатиот век и не било баш едноставно да се стане студент по медицина во Скопје, поточно да се остане студент по медицина.

– Во тоа време примаа многу студенти, првата година бевме околу 400-500 студенти. Првата голема селекција се правеше уште после прва година, речиси половина од студентите не продолжуваа. Во тоа време не се полагаше приемен испит, имаше полагање матура. Ама за да се запише некој на медицина, требаше да ги има сите петки. Јас воопшто немав дилема дали да изберам медицина. Немав дилема и после втора година медицина дека сигурно ќе одам на хирургија. Уште не бев влегол во клиничкиот дел, ама имавме вежби и гледајќи ги работите какви што се, веќе знаев дека го сакам тоа – објаснува Митрев.

 

На прашањето дали стекнал солидно знаење на Медицинскиот факултет, д-р Митрев вели дека студирањето го доживувал како многу индивидуална работа.

– Имав предмети што ми беа досадни. Можев да стекнам добри сознанија за голем дел од предметите. Во тоа време имаше стандардни книги по кои се учеше, главно преведени од американска литература, за главните предмети, во нив практично имаше сѐ можно. Односно, до студентот беше колку тоа ќе го совлада. Најдобар бев во најтешките предмети. Деветки и десетки на патофизиологија, анатомија, хирургија, оние предмети кои се, да речеме, најмедицински. Имав просек околу 9 и тоа без да фаќам врски. Во тоа време 10-ките се чуваа за децата на овој или на оној, оти тие требаше да останат на клиника. А за мене, тоа беше апсолутно неважно, оти јас со една нога бев преку Атлантикот – вели Митрев.

 

Добил и две шестки – по предметите марксизам и одбрана и заштита. Не можел да ги смисли двата предмета.

Кога стигнал петта година, веќе знаел дека нема да остане во Македонија. Бил решен да го продолжи образованието во САД.

– Уште во петта ги полагав испитите за нострификација на македонската диплома за Америка. Планирав после служењето воен рок да заминам за Америка. Меѓутоа, не секогаш излегува како што планираме. Се вработив во Штипската болница веднаш по дипломирањето и набрзо заминав во војска. Ние бевме последната генерација што после факултет одевме во војска. Отпосле дојде нов закон да се оди војска по средно школо, па на факултет. Дури бев на отслужување на воениот рок во Ѓаковица беше распишан конкурс за хирургија и други специјалности. За поголемиот дел од специјализациите беше тепачка, а за хирургија – никој. Ја добив специјализацијата. Ми се случи некако брзо и непредвидено и ја одложив Америка – вели Митрев.

 

Награда во војската оти спасил две кучиња

Се потсетува на војничките денови, кога благодарение на два големи оперативни зафати, добил наградa и отслужил војска само десет месеци, наместо година.

– Лекарите половина воен рок одевме во офицерска школа во Белград, а другите шест служевме по гарнизони, амбуланти. Мене ме ставија во Ѓаковица, имав 13-14 караули што ги обиколував покрај границата на Албанија. Ми се случија два големи медицински зафати. Покрај границата имаше тренирани кучиња. Донесоа куче каснато од змија. Веќе се гушеше. Јас како млад и „зелен“, знаев дека кога пациентот е човек во вакви случаеви треба да му се даде противзмиски серум. Одеднаш дојдоа пет-шест војници кои во принцип беа емотивно врзани со кучињата. Му ги вбризгав сите серуми што ги имавме на располагање, и за чудо, преживеа. Сите бевме среќни. Информацијата стигна до командантот на гарнизонот, добив пофалница, па ме читаа пред сите – се потсетува со радост д-р Митрев.

 

После само неколку месеци, Митрев добил нов предизвик. Куче удрено од коњ со огромен хематом на главата и оток.

– Јас, потенцијалниот хирург му направив рез, му истече целиот гној. И пак бев херој, пак ме читаа. Се шегував дека барем за ветеринар ќе ме биде. Интересно е што кога заминав во Германија, пак судбински ме поврзуваа животните, работев испитувања на свињи. Добив специјализација, заминав во Загреб, таму ја минав општата хирургија. Во 1990 година заминав во Германија, во склоп на проект на Универзитетската болница во Франкфурт. После месец дена изби војната во бивша Југославија, дојде многу комплицирано време. Добив стипендија од Универзитетот во Франкфурт, половина година бев таму, па добив уште една стипендија од Дојче Херц Штифтунг, каде останав две години од Дојче. Таа стипендија беше за млади талентирани доктори што покажуваат посебен интерес од областа на кардиоваскуларната хирургија – вели Митрев.

 

Бил посветен на експериментална медицина околу две години. Работел со животни, од мали глувчиња, до свињи.  

– Страшно ме интересираше тоа. Последната година оперирав повеќе од 80 свињи. Тие беа со посебен протокол. Тоа беше во фарма концерни со специјални операциони сали и животните имаа одличен третман. Во тие услови можев многу брзо да учам. Почнав да ги интубирам сам свињите, правевме мерења, истото тоа се прави и кај човекот. Свињата и од човекот се разликува во различна позиција на гените и сите лабораториски анализи, страшно многу ми помогна во хируршкиот дел и се уште ми помага. После тие две години веќе може да кажам дека бев афирмиран. Сите тие експерименти беа заедно со тој научен клуб што го имаше во Универзитетската болница во Франкфурт, а го водеше проф.Баездов, мој колега. Имавме публикации, одевме по конгреси, по некоја година стана шеф во еден друг град. Ми понуди да одам со него, ама знаев дека пак ќе сакаат да ме насочуваат на наука, а јас сакав да продолжам на клиника. Се пријавив на друго место и го добив местото како вработување. Имав огромно теоретско искуство, ама го немав клиничкото што ми беше неопходно за да бидам добар хирург. Во меѓувреме, мојот пријател и колега стана претседател на Здружението на кардиохирурзите на Германија – вели Митрев.

 

Од Германија патот го одвел во Швајцарија, од каде повторно се вратил во Франкфурт, каде што почнал. Таму ја направил првата трансплантација на срце во 1997 година.

– Потоа слушнале дека постојам тука во Македонија. Мојата континуирана желба да се вратам во Македонија ми беше остварена. На 1 март 2000 година беше првата операција во „Филип Втори“. Годинава славиме полнолетство. Минав низ многу перипетии низ овие години. Се чувствував како дете што го пречекало маќеа или очув, со добиени многу шлаканици. Кога би се анализирал сиве овие 18 години, немав баш среќно детство – вели Митрев.

 

Забавата и дружењето не недостигале воопшто во неговиот студентски живот.

– Бевме права тајфа. За викенди си одевме во Штип. Бев дисциплиниран како студент. Учев многу навечер. Во тоа време во Штип имаше парада, од 12 до 13.30 часот, сред бел ден парада пред гимназијата, а навечер одевме на корзо, излегувавме кога ќе почнеше да се стемнува, па одевме во дветe кафулиња во тоа време во градот. Во 23 часот, веќе сѐ беше затворено. Кога ќе завршеа сите „фестивали“, на полноќ, пиев кафе, учев од полноќ до кај 5 сабајле интензивно и многу ефективно. Спиев до кај 11 часот, и доаѓа наредниот ден, подготвен за нова парада со другарите – се потсетува Митрев.

 

Со другарите многу слушале реге-музика, носеле долги коси и бради. Се сеќава кога го положил последниот испит, сите го чекале за да ги почести.

– Последен испит ми беше судска медиицна. Ме чекаа сите во кафулето „Викторија“. Почнаа да се собираат девојчиња околу нас и едно од нив ме праша за што частам, да не ми било роденден. „Не, завршив факултет! Кој факултет? Медицина.“ Целата во прашалници, девојката ми рече: „Ее, а јас пак си мислев дека и ти си клошар како другиве. Кога дипломирав, ја потшишав долгата коса – вели Митрев.

 

Признава дека никогаш не се трудел да научи да го зборува македонскиот литературен јазик.

– Во гимназијата сите зборувавме на дијалект, дури и на часови по македонски јазик и професорката мешаше и се смеевме кога ќе почнеше да ни зборува литературно. И кога дојдовме во Скопје, се трудев да зборувам литературно кога бевме на испити.

 

На прашањето дали некогаш имал желба да биде професор и да пренесува знаење на студенти.

– Јас не сум официјано професор, а изгледа нема ни да бидам, некако ми пројде времето. Немам ниту време со начинот на работа. Во Германија, да се биде професор е различно од кај нас, немаш којзнае колку обврски, имаш предавање, вежби, а повеќе предавање и другото е практичната работа. А во Македонија професурата е професија и малку се губи осет со практичната работа. За мене тоа не е провокација. Предавања држам во цел свет. Друго е кога се презентира пред луѓе од одредена струка, иако и со студенти е интересно. На нашава клиника вршиме континуирана едукација на младите доктори, оти доаѓаат со ограничено знаење, посебно во кардиоваскуларната област. Си имам мој универзитет – се шегува д-р Жан Митрев.

 

На младите што студираат медицина им препорачува дека ако сакаат да се бават со оваа професија, треба навистина да ја секаат, да им биде опсесија.

– Јас сум опседнат од медицината до ден денес. Тоа ме исполнува – завршува Митрев.

Полна чаша на Instagram