Студентско катче

КОГА ПАТОТ ДО ОСАМОСТОЈУВАЊЕТО ПОМИНУВА НИЗ СТРАНСТВО

Студентско катче

“Ако сте доволно среќни да живеете во Париз како млад човек, каде и да одите до крајот на животот, тој ќе остане со вас, Париз е подвижен празник” – Ернест Хеминхгвеј

Дали некогаш сте патувале во некоја земја и сте си рекле:  Јас би можел/а да живеам тука еден ден! Или да прочитате некоја книга за некоја светска  култура и да си речете: Јас припаѓам таму! Милиони луѓе во светот го прават овој голем чекор на осамостојување. Се селат, наоѓаaт работа, се пронаоѓаат себе си и градат живот во земја во која што не се родиле и немале никој близок. Благодарение на интересен сплет на космосот, и јас сум една од тие луѓе. Да биде уште поинтересно, мојот „скок во далечина“ беше Париз, и траеше цели пет прекрасни години. Еднаш ја слушнав приказната за градот на светлината, вљубените, поетите, пистелите, филозофите  и…студентите дојдени од странство. Нешто ме влечеше да се вратам и да останам. Нешто ми велеше дека и покрај тоа што патувањето ќе заврши за 5 дена, јас ќе живеам таму и ќе бидам дел од тој град. Но што е тоа нешто, што стои зад таа одлука на секој еден, да замине и почне нов живот, таму далеку?

Да се почне од почеток, со авионски билет во еден правец, не доаѓа без цена и понекогаш е далеку од лесно и забавно. За жал неможеме да бидеме на две места во исто време, и од тој ден па натаму, постојано ќе има работи кои што ќе ги пропуштаме. Најважно во овие моменти е да се концетрираме на нашата крајна цел, на она нешто што ни е мотивација во животот и што не донело онаму каде што сме.

Култура и начин на живот

Една од најважните причини е можеби тоа што таа странска култура може да е посоодветна на вашата личност/карактер и вашите верувања, од онаа во која што сте се родиле. Кога прв пат пристигнав во Париз, освен оној првичен културен шок, другото се ми доаѓаше природно. Се случи некој вид на авто-асимилација. Чуствував огромна привлечност кон начинот на кој што ги правеа работите “avec le souci de détails” (со должно внимание кон деталите), нивните социјални кодови, начинот на кој што разговараат и дебатираат на секоја тема со издржани факти и филозофски цитати, храната, историјата, уметноста…буквално се. Слепо се вљубив во градот кој е сон на многу луѓе и комплетно се препуштив на француската култура која за мене дотогаш беше само поим на обожавање. Отворените и проширени видици за светот, желбата за разбирање на различните од нас и брзината со која се учи јазикот, се само дел од многуте придобивки по едно вакво искутво.

Личен развој

Живеењето во странство носи едно екстремно богато, лично  искуство. Нѐ обврзува да се адапатираме на работи кои што ни се малку или сосема непознати, да ги гледаме работите од повеќе агли. Стануваме самостојни и отворени кон нови, возбудливи понекогаш застрашувачки предизвици со кои што најверојатно никогаш не би се сретнале во нашата земја. Тоа е и најубавото во приказнава, можноста да се пронајдеш и надградиш себе си, затоа што кога живееме далеку од нашата комфор зона, повеќе од сигурно е дека ќе откриеме работи за себе кои што не сме ги знаеле претходно. Јас лично сфатив дека, не е дека не ме бива за готвење, туку едноставно полесно е кога мама прави се. Ама кога мама е на повеќе од 2000km од тебе, со мал труд и заинтересираност, сфаќаш дека не само што можеш да готвиш, туку и дека тоа им се допаѓа на твоите француски пријатели кои што историски се познати како гурмани…и со право!

Многубројни  предизвици

Една од поголемите мотивации што најбрзо ги тера луѓето на овој чекор се можностите за студии или работа. Со желба за совршената работа или диплома и надеж дека нашите вештини, знаења и амбиции се потребни и ќе бидат повеќе ценети таму, се впуштаме во најголемата авантура на нашите животи. Познавањето на јазикот на земјата во која одите ќе ви ги дуплира шансите за успех. Mодерниот свет денес е “глобално село” и соработката со земји од другата страна на светот е сведена на еден разговор на скајп, сѐ повеќе компании бараат билингвалци. Ако зборувате англиски веќе сте на добар пат да го исполните својот сон, бидејќи полека но сигурно, англискиот стана јазикот на денешницата, па дури и во земји како Франција, кои што цврсто се држеа до „исклучива употреба” на своите јазици.

По одредено време, она што почнува како нов предизвик се преточува во живот. Гледајќи наназад горда сум на секој момент од мојот живот во Париз. Од првата година, кога самото одење до продавница ми наликуваше на фантастична авантура и кога светот околу мене го гледав со очи на новороденче, се беше ново, убаво, возбудливо, до последната година кога веќе се чуствував како дел од таа култура, исто колку што сум дел од онаа во која што сум родена. Полека секојдневието се дели еднакво на две земји, мислите се преведуваат на два јазика, и јас се делам на две различни личности. Двете земји претставуваат и пополнуваат различни делови од мене, во двете земји имам премногу драги личности и спомени со кои што никогаш нема да раскрстам, во двете земји се чуствувам еднакво дома, секогаш кога сум во едната, другата ми недостига.

Следната голема работа е да се усогласат двете и да се најде совршената комбинација која ги спојува. За мене равенката ќе се постави назад во Македонија, каде што многу работи се европеизирани, напреднати, подобрени… Предизвиците се сега на домашен терен и чекаат на иновации и искуство донесено од надвор. Со созреани очи кои што го гледаат “старото” во ново светло, газам на тенок мраз, и се обидувам да пренесам се што мислам дека би било корисно. За време на мојата пракса во Одделот за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје, имав можност да видам како се работи во една од најреномираните македонски фирми и се уверив дека нашите ментори кои што несебично го делат своето знаење со нас практикантите и кои што ги извршуваат своите работни проекти до перфекција, можат “рамо до рамо” да се носат со своите европски колеги.

Да се живее на ново место е убаво и возбудливо искуство, остава голем простор да бидеме она што сакаме во животот, овде, таму или напоредно на двете места ако условите ни го дозволуваат тоа. Животот ни подарува огромна слобода на избор и љубопитни очи, на нас е да одлучиме како ќе го искористиме овој бесценет подарок.

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram