ЧЕКОР ПОБЛИСКУ ДО ПОТРЕБНИТЕ ВЕШТИНИ И ЗНАЕЊА ЗА ПОСАКУВАНОТО РАБОТНО МЕСТО

Тема, актуелна веќе со години, а која сè повеќе се среќава како болна точка или, во најмала рака, како предизвик кој треба да се совлада, е разликата помеѓу потребните вештини за успешно извршување на задачите на одредено работно место и вештините кои кандидатите за тоа место реално ги поседуваат. Причините поради кои оваа тема е сè поактуелна се повеќе. Само некои примери кои би можеле да ги наведеме се постојаниот и брз развој на технологијата и потребата од постојано одење во чекор со неа. Потоа, брзината со која се одвиваат секојдневните бизнис-активности и потребата работните места во секој момент да бидат пополнети со компетентни вработени, како и постојаните промени во скоро сите аспекти на бизнис-околината и неможноста на институциите на формалното образование да ги следат во чекор сите овие промени. Итн.

Сето ова претставува реален проблем за работодавците кои тешко доаѓаат до кандидати со потребните вештини и знаења, но исто така и за кандидатите, затоа што често пати одредени специфични работни вештини може да се научат само со работа или, евентуално, на високо специјализирана обука која ја покрива таа област.

Се чини дека од сите кои претендираат за одредено работно место, во најтешка позиција се оние без работно искуство и оние кои штотуку излегле од студентските клупи. Иако голем број факултети се трудат што подобро да ги подготват студентите за идните работни места, постојат одредени аспекти кои тие не ги покриваат. Така, на пример, студиите по Архитектура или Дизајн не секогаш ги опфаќаат најновите софтверски решенија за проектирање, односно дизајнирање; студиите по Бизнис-администрација не секогаш посветуваат доволно внимание на практичниот аспект на планирање, донесување одлуки или преговарање итн. А токму ова се вештините кои им се потребни на работодавците со цел вработениот за што пократок период да може успешно да ги извршува задолженијата на работното место.

На крајот како глобален проблем се појавува и недоволната развиеност на стратегии и програми кои ќе ги насочат универзитетите и останатите институции на формалното образование кон она што во моментот се бара и она што ќе се бара на среден или на долг рок.

Како да се премости јазот

Премостувањето на јазот бара проактивна улога од компаниите насочена кон потенцијалните кандидати уште пред тие да се пријават за некое од слободните работни места. Секако, тука не треба да изостане и неопходната поддршка од надлежните институции. Без активен пристап од нивна страна, товарот за справување со јазот на вештините би останал исклучиво на кандидатите. А тоа што тие би можеле да го направат во овој случај е да се потрудат да се стекнат со потребните вештини преку работна практика во компании од соодветната индустрија, работа во невладини агенции, посета на обуки и курсеви или самонадградување преку читање стручна литература, статии, истражувања итн.

Ова до некаде го решава проблемот, но поради непостоењето структуриран и организиран пристап, јазот, сепак, останува и проблемот е сè уште тука.

Улогата на компаниите

Согледувајќи го овој проблем, одредени компании и организации знаат да заземат поактивна улога во однос на премостувањете на разликите во вештините и, следствено, организираат соодветни програми, практична работа или одредени курсеви на кои потенцијалните кандидати имаат можност да се стекнат со потребните вештини и знаење.

„Вештини за успех“

Прифаќајќи го предизвикот, Пивара Скопје, заедно со Агенцијата за вработување и компанијата за деловна едукација „Мотива“, го започна проектот „Вештини за успех“ преку кој сакаме да придонесеме кон справувањето со јазот на вештините и да им помогнеме на младите полесно да стигнат до посакуваното работно место или да почнат свој сопствен бизнис.

Со цел да осигуриме успех, за овој проект го користиме веќе докажаниот рецепт од програмата на Обуката за млади менаџери која веќе 19. година по ред се организира во рамките на Едукативниот центар на Пивара Скопје во соработка со „Мотива“. Искуството стекнато од реализацијата на оваа обука го искористивме за да создадеме програма што ќе покрие теми битни за младите кои се во потрага по работа или сонуваат за свој сопствен бизнис.бук

Затоа програмата е поделена во два дела, односно модули, од кои првиот се фокусира повеќе кон самата индивидуа (разбирање на себе, своите вредности и развојни можности; комуникација со други; вештини на пишување CV итн.), додека преку вториот учесниците ќе можат да научат неколку од најчесто бараните т.н. меки вештини (поставување цели, планирање; менаџирање проекти; финансиска писменост; вештини на управување со време; преговарање итн.).

Идејата е на бесплатната обука „Вештини за успех“ да поминат повеќе од 5.000 учесници кои ќе се здобијат со вештини и знаење, но и со самодоверба, идеи и контакти кои ќе им овозможат полесен пат до целта. Се надеваме дека ќе успееме во оваа наша мисија!

Полна чаша на Instagram