Активен живот

ВЕТЕР ВО КОСА, БИТОЛА ПОД ТРКАЛА

Активен живот

Битола – градот во подножјето на Пелистер. Доволно голем и убав да побуди во вас желба за нова авантура, овојпат на велосипед.

Возење велосипед низ град е една од најубавите и здрави активности преку која може да падне и некоја добра дружба. Убавината е во тоа што кога сте на велосипед, ја имате флексибилноста на пешак, а брзината на кола. Па може да се помине многу, може да се стигне секаде – секое ќоше ви е достапно и притоа глетките и ситуациите се доживуваат истовремено.

Сите сме возеле велосипеди како деца, и во одреден период од животот, за жал, прекинуваме. Повторното откривање на велосипедот, посебно ако го возиш во друштво, е како враќање во младоста. Се потсетуваме зошто сме го правеле тоа како деца и се прашуваме зошто не го правиме како возрасни.

Дека возењето велосипед е кул, урбано и градски, дури и во секогаш дотераната и напарфимирана Битола на штикли, покажаа дечките од „БитолаНаВелосипед“ годинава за време на „Манаки“. „Манаки“ е филмски фестивал од оние вистинските, со црвени теписи, каде што (за наши услови) дефилира гламур. Дечките на премиерата на документарниот филм за „НаВелосипед“ дојдоа онака како што одат од точка А до точка Б секој ден во годината – на велосипеди. И продефилираа со велосипедите на црвениот тепих и се фотографираа онака баш гламурозно. На истиот оној црвен тепих каде што се имаат сликано и Жулиет Бинош, Кетрин Денев, Мајкл Јорк и сите други големи ѕвезди што биле гости на фестивалот.

Пред да тргнете на турата, имајте предвид дека возите во градска средина, и тоа не меѓу кого било, туку баш меѓу битолчани. Добро де, и битолчанки 🙂 . Кацигата во град не е задолжителна, меѓутоа ѕвонче и светла се неопходна опрема за секој велосипед. И не заборавајте да сигнализирате со рацете секојпат кога вртите лево или десно. Бидете примерни учесници во сообраќајот, ама не само затоа што возите низ градот на конзулите, туку затоа што тоа е ваша обврска секогаш и секаде!

Палете педалите и како дестинација број еден – задолжително Хераклеја. Дотаму се стига… не, бесмислено е да ви давам инструкции како се стига до Хераклеја кога насекаде низ градот има знаци. А и секогаш можете да прашате некого. Сепак, не сме ние Финска за да се шетаме со ГПС-уреди во сопствената земја, остана барем уште малку топлина во нас за да си ги прашаме сограѓаните за насока и да свртиме некој неврзан муабет, а можеби и да стекнеме некое ново пријателство. Низ Хераклеја поминувал познатиот пат „Виа Игнација“ – битна трговска рута што ги спојувала Босфорот и Јадранското Море и поминувала низ Истанбул, Солун, Битола и Драч. Ова парче земја содржи многу историја, и не само што е греота, туку е и срамота да отидете во Битола, а да не ја посетите Хераклеја. Ве советувам да направите прошетка со водич, сепак тие се за тоа тука, да им раскажат на посетителите како се живеело во античките времиња. А и урнатините од камења ништо нема да ви значат доколку некој не ви објасни што е што.

На велосипед задолжително извозете се по булеварот „1 Мај“. Тоа e една широка авенија со ленти од двете страни, реката Драгор помеѓу нив, импозантни дрвореди и прекрасни староградски куќи со чардаци и балкони од ковано железо. Ќе се почувствувате како конзул на велосипед. И ќе посакате да бевте подотерани во тој момент.

Бидејќи сте на велосипед, ќе можете да си дозволите и да подизлезете од градот. Задолжително свртете ги педалите до Баиро. Баиро е ромска населба на влезот од Битола. Битолската Шутка. Да се отиде до Баиро со велосипед не е ни приближно слично искуство на она кога се поминува оттаму со кола. Сум била неколку пати до Битола со велосипед, и на секое поминување покрај Баиро децата трчале кон нас, од куќите ни мавтале луѓе, дечките што седат на банкините (секогаш некој седи на банкините и грицка сончоглед) тропале по лимовите да нè поздрават…. тоа е едно такво фасцинантно доживување, се чувствувате како да сте отишле во Калкута.

Туку, Битола не е само град на конзулите. Во Битола учел воена академија и големиот Кемал Ататурк и, верувајте, Турци доаѓаат со авион специјално за да ја видат таа академија, а ете вие можете тоа да го направите возејќи велосипед низ Битола. Денес познат како Национална установа „Завод и Музеј“, објектот е, всушност, сместен во Старата касарна. На времето функционирал како Воена гимназија – Идадие, а подоцна и како Воена академија – Харабие.  Ете ви шанса да направите кратка, ама едукативна пауза. Заклучете го велосипедот пред влезот и опуштете се во „друштво“ на највредните културно-историски богатства од регионот.

Откако попатно примивте мала доза едукација, на крајот слободно изгубете се низ малите улички. Куќите не се со реновирани фасади како на Широк Сокак. Во нив се гледа она старото. Ќе ве воодушеват интимните мали улички со гламурозни староградски куќи. Мислиш секој момент ќе се разминеш со некој пајтон.

Можам да ви гарантирам дека доживувањето што ќе го имате низ градот на велосипед не е ни приближно блиску до ниедно друго доживување кога одите во друг град. Како прво, имате комплетна слобода да се „изгубите“, каде и да сте, бргу ќе се вратите назад. На велосипед сте. Како второ, не загадувате и не се секирате за паркинг. Буквално каде што сакате, таму можете да се паркирате. А во исто време и се рекреирате и трошите по некоја калорија што се наталожила седејќи пред компјутер од понеделник до петок. Вртете бескрајно низ лавиринтот од улици додека не се уморите, впијте го секое ќоше на градот. Нема подобра комбинација од рекреација и задоволство во едно.

Кога ќе ожеднете, правец Саат-кулата од каде што почнува Широк Сокак. Е, таму изберете некое кафуле, оставете ги велосипедите веднаш до кафулето, да се гледа како сте дошле, седнете на масата, ама никако свртени со грб кон Широк Сокак и нарачајте си убаво освежување. Го заслуживте.

Возете безбедно и консумирајте одговорно!

На здравје!

ЈОВАНА ТОЗИЈА,
на велосипед низ Македонија

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram