ВОЛОНТЕРСКА АКЦИЈА НА ЖЕНИТЕ ОД ПИВАРА СКОПЈЕ ВО СОС ДЕТСКО СЕЛО

Имајќи ја како мотив моќта на жената во современото општество, а уште повеќе, улогата на жените вработени во Пивара Скопје кои редовно ги поддржуваат општествено одговорните проекти на компанијата, во пресрет на Меѓународниот ден на жената 8-ми март, Пивара Скопје во соработка со СОС Детско Село Македонија организираше Женска волонтерска акција.

Акцијата се спроведе во Креативниот центар на СОС Детското Село во населбата Ченто, при што волонтерките на Пивара Скопје во двочасовно креативно дружење им помогнаа на децата во изработката на осмомартовските честитки за нивните СОС мајки.

„Велат дека за среќа понекогаш е доволно и само малку внимание. Она што жените вработени од Пивара Скопје го направија денеска за децата од СОС Детско село, внесе голема радост и топлина кај сите, бидејќи ова дружење и размената на кретивни идеи им помогна на децата да подготват прекрасно изненадување за своите СОС мајки и успешно да ја завршат оваа нивна осмо мартовска активност“ – изјави Јулијана Гапо, национален директор на СОС Детско село Македонија, заблагодарувајќи им се на волонтерките од Пивара Скопје за нивната желба на ваков начин да го одбележат 8-ми март, а на компанијата за континуираната поддршка и партнерство.

СОС Детско Село е меѓународна невладина организација за социјална заштита, посветена на заштита и примена на детските права, со посебен фокус на поддршка на децата без родители и родителска грижа и деца кои растат во семејства со социјални ризици. Организацијата во Македонија е основана  во 2002 година, а во рамките на организацијата функционираат СОС Детско Село, СОС Младинска Заедница и СОС програма за полунезависно живеење. Во 2016 година, СОС Детско Село Македонија прослави 15 години успешно работење во земјата, а по повод јубилејот, на Пивара Скопје и додели јубилејна плакета во знак на благодарност за континуираната и долгогодишна поддршка која компанијата и ја дава на оваа организација.

„Сите ние во Пивара Скопје сме исклучително горди на нашата компаниска култура и вредности кои меѓудругото се темелат на солидарност и поддршка на оние на кои таа им е неопходна. Доказ за тоа се големиот број разновидни активности и општествено одговорни проекти наменети за поддршка на заедницата. Истовремено, преку оваа волонтерска акција на жените вработени во Пивара Скопје тие уште еднаш покажаа дека солидарноста е дел и од нивниот личен кодекс на вредности, што несомнено е одлика на луѓе со интегритет и силна желба да помогнат онаму каде што е потребно“ – изјави Ламбро Патче, Mенаџер за Јавни работи и комуникации во Пивара Скопје.

Како дел од глобалните системи на Coca-Cola и Heineken, Пивара Скопје веќе 93 години, покрај лидерството на пазарот за производство на безалкохолни пијалаци и пиво во земјата, одвојува значајно време и ресурси во реализација на проекти и волонтерски активности за поддршка на заедницата во области како: образованието, развојот на вештини на младите, културата, спортот, уметноста, социјалната заштита и други области, за што компанијата е добитник на голем број општествени награди и призанија.

Полна чаша на Instagram