ВРЕЛО Е ЕДНА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ И НАЈУБАВИТЕ ПЕШТЕРИ КОИ СУМ ГИ ВИДЕЛ 

 

Полскиот спелеолошки нуркач Кшиштоф Старнавски кој денес се спушти во пештерата Врело на eзерото Матка на длабочина од 230 метри и со тоа го собори рекордот од 212 метри поставен во 2010, непосредно по излегувањето од пештерата, ексклузивно за Полна Чаша ги сподели своите импресии од Врело, според него, една од најголемите и најубавите пештери кои ги видел. Вели, со голема логистичка поддршка и во придружба на нуркачите од клубовите “Врело” и “Акватек”, по повеќе од 5 часа нуркање успеавме да допреме до неоткриените делови на подводната пештера. Со какви предизвици се соочува, кој е неговиот мотив, какви се неговите подготовки, безбедносни мерки, на што мисли кога е во утробата на земјата, а на што кога се релаксира дознајте од интервјуто во продолжение.

Зошто Матка и пештерата Врело, кој беше предизвикот?

Врело е убавина во која малкумина имаат чест да уживаат, единствена од ваков вид, многу длабока и се уште недоволно истражена. Врело е една од најубавите и најголемите пештери што сум ги видел во животот, навистина беше предизвик да се совлада нејзината внатрешност.

Какви психо-физички подготовки и тренинзи треба да мине еден спелеолошки нуркач за да влезе во пештера на големи длабочини?

Немам посебна програма, целиот мој живот е посветен на ова. 25 години постојано минувам низ тренинзи бидејќи и мојата професија го бара тоа. По професија сум спасувач на планина и дел од алпинистичкиот тим за спасување на Полска.

 
Каква опрема е  потребна за сериозен спелеолошки нуркачки подвиг?

Спелеолошкото нуркање бара посебна опрема. Освен стандардната нуркачка опрема во нуркање на големи длабочини се користи апарат за дишење кој го апсорбира јаглеродниот диоксид и му овозможува на нуркачот да го реискористува (рециклира) неискористениот кислород при секое вдишување. Тоа е затворен систем за дишење кој дозволува нуркање без замена на боци за кислород. Ваков тип, освен под вода се употребува и во вселенски мисии, подморници, падобранство на големи висини, во спасувачки акции во рударство,  алпинизам.

Долги отсуства од дома, висок професионален ризик со секоја нова експедиција…како правиш баланс меѓу приватниот живот и професијата? Како се релаксираш?

Мислам на убави работи. 🙂

 

 

На што размислуваш додека си во утробата на земјата кога е длабоко, темно и ладно во пештерата? Што те мотивира да истраеш и што е тоа што те тера да одиш се подлабоко и подлабоко?

Кога одам длабоко, максимално се концентрирам за да го изведам нуркањето безбедно и до перфекција. Но кога ја минувам постапката на декомпресија, мислам на ладно пиво и ситните мали задоволства што го прават животот.

Стигнавте до длабочина од 230 метри. Што значат за Вас овие 230 метри?

Јас сум спремен да одам и многу повеќе, но ова беше моја прва средба со Врело на која и претходеше четиридневна подготовка. Заедно со македонскиот тим проверуваме дали е можно да направиме нешто повеќе. Експедицијата имаше за цел да прибере информации од неоткриените делови на подводната пештера, да открие до каде таа се простира. Според моите претпоставки, пештерата се отвара подлабоко, и верувам дека постојат делови во кои досега не стапнал ниту еден човек.  Но го оставаме тоа за некоја следна експедиција. Знаете, кога нуркам одам чекор по чекор и секогаш правам мали чекори, затоа сум се уште жив.

Дали и какви сертификати / лиценци се потребни за спелеолошко нуркање?

Прво мора да има сертификат за нуркање на отворени води, а потоа мора да помине програми и курсеви и да се  сертфицира за нуркање во пештери.

Што треба да поседува еден професионален спелеолошки нуркач?

Треба да бидат многу спремни, да ги поминат сите обуки и да се подготвени на многу одрекувања бидејќи спелеолошкото нуркање се смета за едно од најопасните професии во светот. Но статистички е побезбедно во однос на рекреативното нуркање бидејќи оваа професија наметнува многу тренинзи, искуство и квалитетна опрема.

 

Дали можете да го срушиме рекордот од 283 метри во црвеното море?

Јас не се оптоварувам со рекорди, но ако се постигне рекорд тоа е во ред. Мене ме води желбата за истражување.

 

 

Што е следно? Која е вашата следна дестинација?

За сега, мојот дом.

 

 

Со што наздравуваш по голем успех?

Со ладно пиво 🙂

 

Полна чаша на Instagram