ВЕРБАТА ВО СЕБЕ МИ ОВОЗМОЖИ ДА ГО ИСПОЛНАМ СВОЕТО ВЕТУВАЊЕ И НАВИСТИНА ДА СТАНАМ ШАМПИОН!

Во Австрија замина со ветување за медал, но освои два, а веднаш по пристигнувањето во Скопје, изјави: „Ветив дека ќе станам шампион и станав шампион.” Ова се зборовите на Бојан Трајковски, единствениот македонски претставник на  11-тите Зимски олимписки игри (ЗОИ) на Специјалната олимпијада за лица со интелектуална попреченост кои годинава од 14 до 25 март се одржаа под слоганот „Отчукување за светот“во Шладминг, Австрија. Со два освоени сребрени медали за Македонија во дисциплините алпско скијање; супер велеслалом и велеслалом, Бојан Трајковски се врати во Скопје. На наше огромно задоволство, ја имавме честа да добиеме ексклузивно интервју од Бојан за Полна Чаша и токму со Бојан, новата национална спортска гордост, денес, 6 април, го одбележуваме Светскиот ден на спортот.

 

  1. На самиот почеток, кој е Бојан, од каде љубовта кон скијањето и желбата за олимпијада?

Јас спортувам фудбал, кошарка и пливање, а идејата за скијање ја добив од моите тренери  Јован Јовановски и Аган Реџепагиќ. Тие сметаа дека јас би се забавувал и би уживал додека скијам и навистина е така.

  1. Колку време се подготвуваше за олимпијадата и кому си му посебно благодарен за големиот успех?

Подготовките траеа два месеци и се одвиваа во Скопје и во Маврово. Од првото стапнување на скии до спуштањето на црната патека во Боровец имаше многу паѓање, но целиот тим на Специјална олимпијада Македонија и јас верувавме дека можеме да направиме успех и така се покажа.

  1. Со какви впечатоци се враќаш од Австрија?

Одлично поминавме во Австрија. Летав со авион и уживав во летот. Нашата делегација беше пречекана во Виена и веднаш не однесоа во Зоолошката градина, каде јас вистински се забавував бидејќи сакам многу животни. Потоа не сместија во градот домаќин, Неункирхен каде не пречека градоначалникот со сите почести. Атлетите на Специјална олимпијада секаде во светот ги уживаат сите привилегии како и регуларната популација. Многу ми е мило бидејќи тоа го доживеав.

  1. Колку енергија и пожртвуваност вложуваш за да бидеш дел од тимот кој победува?

За победа е потребен тим, потребна е правилна исхрана, потребна е верба но, пред сѐ потребни се услови за тоа. Благодарен сум бидејќи имав можност да го искусам скијањето бидејќи е скап спорт кој не може секој да си го дозволи. Специјална олимпијада Македонија ми го овозможи тоа.

  1. На кој момент си посебно горд?

Горд сум на овие медали затоа што се резултат на вложениот труд и на одлучното поместување на границите кои општеството во Македонија секојдневно ги поставува.

  1. Која е твојата животна мотивација да истраеш и успееш?

Мотивацијата ја добивам секојдневно од моите другари со кои учам во Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, од моите бато Иле и дада Лидија, од моето семејство, од мојот пинч, од тренинзите кои ги имаме со Специјална олимпијада Макеоднија, од извонредниот тренерски тим…

  1. Можеме ли да очекуваме твое идно големо достигнување на кое ќе бидеме посебно горди како земја, нешто што ќе биде инспирација за генeрации млади луѓе?

Овие медали кои јас ги освоив, медалите кои претходно или во иднина ги освојуваат моите другари од Специјална олимпијада се повеќе од инспирација. Да живеете во Макеоднија, земја на стереотипи и предрасуди и низ спорт и работа да го докажувате спротивното се извор кој само дава поттик да се издржи и да се продолжи во оваа наша мисија, спорт и еднакви права за сите. Се надевам дека и во иднина ќе имам можности и средства да го искусувам скијањето со еднаква страст.

Полна чаша на Instagram