Совети за кариера

МАРКЕТИНГ-АГЕНЦИИТЕ МОРА ДА „ДИШАТ“ СО БРЕНДОТ

Совети за кариера

Јавноста ја познава како новиот директор на маркетинг-агенцијата „Меккен“ во Скопје,  колегите ја опишуваат како позитивна и ведра личност, а клиентите како професионалец со кого е задоволство да се работи. Се вика Јелена Арсовска и од јули 2015 година раководи со една од најуспешните маркетинг-агенции во земјава.
Да се биде менаџер, сопруга и мајка во исто време бара голем компромис, а во случајот на Јелена задоволството од играњето на сите овие три улоги е повеќе од очигледно. Токму затоа таа е една од оние личности од кои може да се научи многу, особено кога е во прашање водењето голема агенција и раскажувањето успешни бренд-приказни.

Вие сте новиот директор на маркетинг-агенцијата „Меккен Скопје“. Кој е вашиот најголем предизвик со преземањето на водечката функција во оваа најуспешна агенција на домашниот пазар?

Jelena-ArsovskaДа се остане на врвот. Притоа мислам да се биде број еден во однос на најзначајните параметри: финансиските резултати, квалитетот на производот, односно креативната изведба, стратешкиот пристап во комуникациските решенија и задоволството на вработените. И, секако, најважниот елемент, грижата за нашите клиенти и нивното задоволство од нашите услуги. Само партнерскиот однос со клиентите носи долгорочна и успешна соработка и овозможува опстојување на врвот.

Каква сè поддршка очекуваат клиентите од една креативна агенција?

Jelena-ArsovskaАко одговорам на прва, ќе кажам секаква. Но искуството ми кажува дека клиентите бараат, пред сè, професионален однос, посветеност и грижа за нивните брендови од страна на агенциските тимови. Да „дишат“ и да живеат со брендот, да бидат негови чувари. Бараат иновативност соодветна на нивниот начин на размислување и карактерот на брендот, сакаат да се чекор пред другите, што значи дека ние мора секогаш да сме два-три чекора уште понапред. И така, пак се враќаме на првичниот одговор, но перспективата е поинаква.

Кои се специфичностите на креирањето промотивни платформи за пивската категорија?

Jelena-ArsovskaЈас би издвоила четири компоненти кои треба да се земат предвид при креирање комуникациски платформи во пивската индустрија.

Една од нив е компонентата на социјална одговорност, која треба и мора да повикува на одговорна консумација на производот. Комуникацијата треба да ги повикува потрошувачите да пијат одговорно практикувајќи умереност и пиење заради вкусот и уживањето. Драго ми е што нашиот клиент Пивара Скопје уште како посветува внимание на овој момент.

Друга значајна компонента е уживањето во пивото преку споделување. Пивото е пијалак кој ги поврзува луѓето и ги асоцира на дружење, забава, прославување заедно со пријателите, друштвото, семејството.

„Пивото и храната“ стануваат сè позначајна компонента на маркетингот во светски рамки. Кај нас, пак, доброто пиво отсекогаш се поврзувало со добра храна. Тоа е одлична комбинација со храна поради комплексноста на неговите вкусови, способноста да освежува и да има интеракција со различни вкусови. Кога станува збор за комуникација на платформи за пиво и храна, основата е да се направи соодветно обединување на вкусот на пивото со вкусот на храната на начин кој е примамлив и релевантен за потрошувачите.

Уште позначајна е сензорната компонента која вклучува сè, од брендирање и пакување до вкусот на производот. Современите маркетинг-платформи за пиво мора да ја идентификуваат и да ја искористат моќта на сетилните особености кои влијаат врз одлуката дали и кое пиво да се купи.

Кога производот станува бренд?

Jelena-ArsovskaПрашање на кое е тешко едноставно да се одговори, бидејќи брендот содржи многу аспекти. Но ако се обидам да го банализирам, би кажала: во моментот кога почнува да се купува не поради она што е, туку поради она што го претставува.

 

Има ли Македонија креативен потенцијал и како може уште повеќе да го развиваме?

Jelena-ArsovskaПотенцијал има, но, за жал, недоволно искористен. Првенствено, треба да постои свесност дека талентот, односно креативниот потенцијал треба континуирано да се менаџира. Потребно е да се насочува, да се гради, да се развива и да се вложува во него. Тоа е должност на сите страни од интерес во креативната индустрија доколку сакаме да ја однесеме македонската креативна сцена на повисоко ниво. Креативноста во кој било  нејзин облик бара поттик и поддршка. Наградите и признанијата се само поттик за нови предизвици, не цел сама за себе. Треба постојано да се учи и да се биде во тек со трендовите, да постои добра пропорција помеѓу инвестирањето во едукација на вработените и нивното лично вложување во сопственото знаење. Колку и да не се согласувам со изреката “Ти си онолку добар колку и твојата последна кампања”, сепак има голема вистина во неа.

Вие сте жена менаџер која работи со голем тим и со големо портфолио на клиенти. Во кој дел ќе ви беше полесна работата доколку бевте маж?

Jelena-ArsovskaМногу пати сум размислувала на оваа тема. И немам одговор. Но да беше природата поинаква и да имав можност да одбирам, ќе одберев да бидам жена. Дали нешто е лесно или тешко во работата, мислам дека многу повеќе зависи од карактерот на човекот отколку од неговиот пол. Олеснителна околност за мене е и тоа што на повеќе од половина менаџерски позиции во нашиот регионален комуникациски систем I&F McCannGrupa се жени.

Како ги балансирате професионалните и семејните обврски?

Jelena-ArsovskaПовеќе би рекла дека ги комбинирам, бидејќи невозможно ми е соодветно да ги избалансирам. Како мајка на два сина, можам да кажам дека без разбирањето и помошта која ја имам од сопругот, тешко дека денес ќе го давав ова интервју. Да не ги изумам само и бабите и дедовците, како неизоставен дел на моето семејно секојдневие.

Има ли време за рекреација, колку е важен активниот живот за  луѓето од бизнисот?

Jelena-ArsovskaСè уште немам време посветено да се рекреирам. Се надевам и очекувам дека набрзо тоа ќе се смени затоа што и помалиот син ќе стане посамостоен. Активниот живот е неопходност за луѓето кои работат и живеат со денешното темпо. Тоа е начин за намалување на стресот и за одржување на физичката кондиција, но веќе станува и животен стил и начин на функционирање.

Полна чаша на Instagram