


МАРКЕТИНГ-АГЕНЦИИТЕ МОРА ДА „ДИШАТ“ СО БРЕНДОТ
Интервју со Јелена Арсовска, директор на Меккен Скопје



Јавноста ја познава како новиот директор на маркетинг-агенцијата „Меккен“ во Скопје, колегите ја опишуваат како позитивна и ведра личност, а клиентите како професионалец со кого е задоволство да се работи. Се вика Јелена Арсовска и од јули 2015 година раководи со една од најуспешните маркетинг-агенции во земјава.
Да се биде менаџер, сопруга и мајка во исто време бара голем компромис, а во случајот на Јелена задоволството од играњето на сите овие три улоги е повеќе од очигледно. Токму затоа таа е една од оние личности од кои може да се научи многу, особено кога е во прашање водењето голема агенција и раскажувањето успешни бренд-приказни.
Вие сте новиот директор на маркетинг-агенцијата „Меккен Скопје“. Кој е вашиот најголем предизвик со преземањето на водечката функција во оваа најуспешна агенција на домашниот пазар?
Да се остане на врвот. Притоа мислам да се биде број еден во однос на најзначајните параметри: финансиските резултати, квалитетот на производот, односно креативната изведба, стратешкиот пристап во комуникациските решенија и задоволството на вработените. И, секако, најважниот елемент, грижата за нашите клиенти и нивното задоволство од нашите услуги. Само партнерскиот однос со клиентите носи долгорочна и успешна соработка и овозможува опстојување на врвот.
Каква сè поддршка очекуваат клиентите од една креативна агенција?
Ако одговорам на прва, ќе кажам секаква. Но искуството ми кажува дека клиентите бараат, пред сè, професионален однос, посветеност и грижа за нивните брендови од страна на агенциските тимови. Да „дишат“ и да живеат со брендот, да бидат негови чувари. Бараат иновативност соодветна на нивниот начин на размислување и карактерот на брендот, сакаат да се чекор пред другите, што значи дека ние мора секогаш да сме два-три чекора уште понапред. И така, пак се враќаме на првичниот одговор, но перспективата е поинаква.
Кои се специфичностите на креирањето промотивни платформи за пивската категорија?
Јас би издвоила четири компоненти кои треба да се земат предвид при креирање комуникациски платформи во пивската индустрија.
Една од нив е компонентата на социјална одговорност, која треба и мора да повикува на одговорна консумација на производот. Комуникацијата треба да ги повикува потрошувачите да пијат одговорно практикувајќи умереност и пиење заради вкусот и уживањето. Драго ми е што нашиот клиент Пивара Скопје уште како посветува внимание на овој момент.
Друга значајна компонента е уживањето во пивото преку споделување. Пивото е пијалак кој ги поврзува луѓето и ги асоцира на дружење, забава, прославување заедно со пријателите, друштвото, семејството.
„Пивото и храната“ стануваат сè позначајна компонента на маркетингот во светски рамки. Кај нас, пак, доброто пиво отсекогаш се поврзувало со добра храна. Тоа е одлична комбинација со храна поради комплексноста на неговите вкусови, способноста да освежува и да има интеракција со различни вкусови. Кога станува збор за комуникација на платформи за пиво и храна, основата е да се направи соодветно обединување на вкусот на пивото со вкусот на храната на начин кој е примамлив и релевантен за потрошувачите.
Уште позначајна е сензорната компонента која вклучува сè, од брендирање и пакување до вкусот на производот. Современите маркетинг-платформи за пиво мора да ја идентификуваат и да ја искористат моќта на сетилните особености кои влијаат врз одлуката дали и кое пиво да се купи.
Кога производот станува бренд?
Прашање на кое е тешко едноставно да се одговори, бидејќи брендот содржи многу аспекти. Но ако се обидам да го банализирам, би кажала: во моментот кога почнува да се купува не поради она што е, туку поради она што го претставува.
Има ли Македонија креативен потенцијал и како може уште повеќе да го развиваме?
Потенцијал има, но, за жал, недоволно искористен. Првенствено, треба да постои свесност дека талентот, односно креативниот потенцијал треба континуирано да се менаџира. Потребно е да се насочува, да се гради, да се развива и да се вложува во него. Тоа е должност на сите страни од интерес во креативната индустрија доколку сакаме да ја однесеме македонската креативна сцена на повисоко ниво. Креативноста во кој било нејзин облик бара поттик и поддршка. Наградите и признанијата се само поттик за нови предизвици, не цел сама за себе. Треба постојано да се учи и да се биде во тек со трендовите, да постои добра пропорција помеѓу инвестирањето во едукација на вработените и нивното лично вложување во сопственото знаење. Колку и да не се согласувам со изреката “Ти си онолку добар колку и твојата последна кампања”, сепак има голема вистина во неа.
Вие сте жена менаџер која работи со голем тим и со големо портфолио на клиенти. Во кој дел ќе ви беше полесна работата доколку бевте маж?
Многу пати сум размислувала на оваа тема. И немам одговор. Но да беше природата поинаква и да имав можност да одбирам, ќе одберев да бидам жена. Дали нешто е лесно или тешко во работата, мислам дека многу повеќе зависи од карактерот на човекот отколку од неговиот пол. Олеснителна околност за мене е и тоа што на повеќе од половина менаџерски позиции во нашиот регионален комуникациски систем I&F McCannGrupa се жени.
Како ги балансирате професионалните и семејните обврски?
Повеќе би рекла дека ги комбинирам, бидејќи невозможно ми е соодветно да ги избалансирам. Како мајка на два сина, можам да кажам дека без разбирањето и помошта која ја имам од сопругот, тешко дека денес ќе го давав ова интервју. Да не ги изумам само и бабите и дедовците, како неизоставен дел на моето семејно секојдневие.
Има ли време за рекреација, колку е важен активниот живот за луѓето од бизнисот?
Сè уште немам време посветено да се рекреирам. Се надевам и очекувам дека набрзо тоа ќе се смени затоа што и помалиот син ќе стане посамостоен. Активниот живот е неопходност за луѓето кои работат и живеат со денешното темпо. Тоа е начин за намалување на стресот и за одржување на физичката кондиција, но веќе станува и животен стил и начин на функционирање.