





НАЗДРАВУВАМЕ ЗАЕДНО, РАСТЕМЕ ЗАЕДНО – ДЕСАНКА ТАЛЕВСКА СИМЕОНОВА – ПИВАРЕЦ – МЕНАЏЕР ВО СЕКТОРОТ ЗА ГРИЖА ЗА КОРИСНИЦИ И ПОДДРШКА
Разговараме со Десанка Талевска Симеонова, Менаџер во Секторот за грижа за корисници и поддршка, која ни раскажа интересни детали од нејзиниот кариерен пат во Пивара Скопје. Зборувавме како една млада жена на менаџерска позиција, почнувајќи во сегментот Производство и Логистика, преку повеќе различни позиции, денес го води тимот во Пивара Скопје кој се грижи и дава поддршка на нашите купувачи. Ни раскажа што значи да се биде жена во сегментот Производство и Логистика, но и какво искуство носи од таму на нејзината нова позиција во Комерцијалниот сектор.
Десанка, пред 7 години се приклучи на тимот Пиварци во Секторот Производство на Пиво, а потоа и во Логистика, каде во изминатите години имаше можност да се развиваш на повеќе различни позиции. Какво е искуството и чувството да се биде пред сè жена во тоа динамично окружување, а и млада жена менаџер која треба да носи важни одлуки на дневно ниво?
Производството и Логистиката, односно целиот синџир на снабдување претежно е категоризиран како “машка” индустрија. Работејќи на 5 различни позиции во изминативе 7 години во Пивара Скопје, од кои 4 се во рамки на Синџирот за снабдување, можам да кажам дека имав, a и како млада жена на менаџерска позиција сè уште имам, уникатна можност активно да придонесувам во градењето на културата на нашата компанија и да помогнам во рушењето на тие стереотипи.
Уште од студентските денови знаев дека еден ден ќе работам во компанија во која мојот труд ќе биде вреднуван, каде гласот на секој вработен ќе биде слушнат, и денес знам дека работам во вистинската компанија за мене. Имено, во Пивара Скопје секое мислење е важно , промовираме разновидност, ја поддржуваме еднаквоста на сите поединци, ги адресираме предизвиците, ги споделуваме нашите емоции и ставови, и заедно се поддржуваме кон остварување на нашите цели.
Од моето досегашно искуство и работата во 3 различни компании, тоа што можам да го издвојам како совет за секој млад професионалец е – секогаш барајте ја работната средина која ја има истата енергија како вашата и во која ќе можете да растете и на професионално и на лично ниво! Само тогаш ќе може да се чувствувате целосно исполнети.
Неодамна направи голема кариерна промена, приклучувајќи се како Менаџер во Секторот за Грижа за корисници и поддршка. Како се одлучи на оваа промена и како искуството од изминатите години ќе ти помогне на новата позиција?
Процесите “Talent Review” и “Individual Development Plan” на сите нас ни даваат можност да дискутираме со нашите непосредни менаџери за можностите за развој. Секој еден вработен кој има амбиции и покажува перформанси може да изгради квалитетна кариера во Пивара Скопје.. Така, во изминативе 7 години, преку идентификација на моите јаки страни и развојните области, јас континуирано работам на унапредување на моите функционални и лидерски способности.
При секој трансфер од една позиција на друга, без разлика дали станува збор за промоција или линеарно поместување од една во друга област, можам да кажам дека компанијата нуди квалитетен план за воведување во работата и јасен опис на работните обврски, со што секогаш имаме структурна поддршка кога сме подготвени да искочиме надвор од комфорната зона и сакаме да развиеме нови способности. Секоја позиција на која досега работев, со себе носеше различни специфики, но и свои предизвици со кои успешно се справував.
Така, барајќи нова динамика и адреналин во работата, во Април оваа година, патот ме донесе во Секторот Комерција. Преземајќи ја оваа нова улога, потребно е да направам целосна трансформација во мојот пристап кон работата, односно од досегашната позадинска поддршка на бизнисот и процесите, да се насочам кон целосна поддршка на продажниот дел од бизнисот од првите редови.
Како Менаџер за Грижа на Корисници и Поддршка, моите главни одговорности се стратешкото планирање на волуменот, анализа на перформасот, телепродажбата и поддршката на купувачите. Тимот со кој што работам има големо искуство, секој во својата област, и тоа што јас го носам како ново искуство е прегледот и синергијата на процесите во целата компанија, од продажба, до планирање и производство, па сè до испорака.
Велиш дека успешно се справуваше со најразлични предизвици низ годините благодарение на поддршката од колегите и од компанијата. На што точно се однесува таа поддршка?
Предизвиците на еден родител во ова динамично време, а и во брза работна средина се многубројни, но флексибилноста, разбирањето и поддршката од колегите и самата компанија се клучни за што е можно полесно справување со нив. Тука ќе бидам баш прецизна – типичен пример кој можам да го споделам од моето искуство е поддршката која ја имав од Пивара Скопје особено во изминатите 3 години, период во кој станав мајка на 2 прекрасни девојчиња. Имено, покрај поддршката која ја имав од мојот сопруг и семејството за да се изборам со предизвиците на една млада жена менаџер и воедно мајка, имав и безрезервна поддршка од колегите и компанијата за да продолжам со градењето на моите професионални и лични амбиции.
Доказ за сета оваа поддршка е всушност и мојот последен трансфер во Комерцијалниот сектор како Менаџер за Грижа на Корисници и Поддршка.
Оваа година Пивара Скопје прославува 100 години од своето постоење на пазарот. Како дел од оваа јубилејна приказна, ако треба да издвоиш еден проект на кој си работела на кој си посебно горда, кој би бил тој?
Многу тешко прашање, зашто ми е тешко да извојам баш само еден проект. Пивара Скопје во последниве неколку години поминува низ комплетна трансформација. Сè повеќе се става акцент на луѓето и на оддржливоста на нашиот бизнис од сите аспекти.
Стратешкото и долгорочно планирање на капацитетите на нашиот синџир на снабдување е еден од најголемите проекти на кои работев, како и предводењето на проектот за Планирање на логистичката инфраструктура на Пивара Скопје во Македонија. Со пратењето на трендот во нашата земја и со реализацијата на овие проекти, со сигурност можам да кажам дека испораката на нашата визија како компанија е неминовна.
Тука, исто морам да ја споменам и дигитализацијата, како една од нашите стратешки иницијативи, со која во изминативе две години донесовме многу новини. Мојот белег и активна контрибуција е во развојот и имплементацијата на онлајн портал за продажба на производи на нашите конзументи (D2C portal), како и во дигитализацијата на магацинското работење преку WMS систем и „vision picking“ технологија.
Што за тебе значи да си Пиварец?
За мене, да бидеш Пиварец значи дека не си сам, дека секогаш имаш колега со кого можеш да ги споделиш предизвиците и да добиеш поддршка. Дел си од интересна, динамична и здрава работна средина, во која се цени придонесот на секој поединец. Да бидеш Пиварец значи да си подготвен постојано да учиш, да се развиваш и надоградуваш, и да растеш.
Имаме и една интерна поговорка која вели: “Еднаш Пиварец, секогаш Пиварец!” Тоа е она чувство кога вработените се идентификуваат со вредностостите на компанијата, горди се што се дел од неа, и со огромна страст придонесуваат кон нејзиниот развој гледајќи на тоа како на свој личен развој.