Животна средина

НАМАЛУВАЊЕ НА ЕМИСИИТЕ НА CO2 ВО ПРОИЗВОДСТВОТО

Животна средина

Јаглеродниот диоксид (CO2) е главниот стакленички гас кој се испушта како резултат на човековите активности. Овој гас е природно присутен во атмосферата како дел од јаглеродниот циклус на Земјата, меѓутоа човекот со своите активности, преку испуштањето дополнителни количества CO2 во животната средина и преку влијаење врз способноста на природата да го отстранува од воздухот, го менува овој природен процес кој со помош на шумите го балансира количеството на CO2. Главната човечка активност во чии рамки се испушта CO2 е горењето фосилни горива (јаглен, природен гас и нафта) за добивање енергија и при транспорт, иако CO2 се испушта и при одредени индустриски процеси, кои исто така значително придонесуваат за климатските промени преку испуштање дополнителни количества во атмосферата.

Со цел реагирање во однос на непосредната закана од климатски промени, ние во Пивара Скопје усвоивме агресивна стратегија за намалување на јаглеродните емисии. Свесни сме дека најефикасниот начин за намалување на емисиите на CO2 е намалувањето на потрошувачката на фосилни горива и, следствено на тоа, ја подобруваме нашата енергетска ефикасност преку примена на почисти извори на енергија и развој на технологии со ниски јаглеродни емисии, со цел намалување на количествата CO2 што ги испуштаме во атмосферата. Се стремиме кон претворање на климатските ризици во можности преку иновации и инвестиции.

Производството на пиво и други пијалаци во голема мера зависи од примената на пареа во текот на производството. Загревањето на процесите и системите за производство на пареа имаат потреба од големи количества енергија и може лесно да се соочат со намалена енергетска ефикасност поради тоа што загубите на системот често тешко се мерат и тешко се забележуваат. Потрошувачката на енергија од системите за греење може да се намали со намалување на потребата за загревање, со подобрување на ефикасноста на производството на топлина, со задржување на топлината и со подобрување на нејзиниот пренос преку нејзина повторна употреба.

Како дел од напорите за намалување на емисиите на CO2, инженерскиот тим на Пивара Скопје работи на подобрување на ефикасноста на производните погони и на намалување на загубите при пренос на пареата во рамките на производните процеси. Некои од спроведените иницијативи вклучуваат оптимизација на капацитетите на котлите во зависност од реалните потреби, со менување на нивниот распоред и подобрување на изолацијата на парната мрежа со цел намалување на загубата на топлина при пренос.

Претходно пареата се добиваше во една котларница во рамките на фабриката и се дистрибуираше до секој производен процес и разменувач на топлина. Потребната пареа се пренесуваше на долги растојанија и поради тоа се губеше голем дел од неа. Со цел скратување на должината на дистрибутивниот систем, беа изградени нови котларници поблиску до производите процеси за кои е потребна пареа лоцирана подалеку од централната котларница. Системот за греење на канцеларискиот простор исто така беше одделен од производната мрежа и беше опремен со независни котли со топла вода, со цел да се овозможи регулација на греењето во зависност од годишното време или периодот во текот на денот.

Новите оптимизирани котли се целосно интегрирани системи кои произведуваат пареа под висок притисок на поефикасен и почист начин во споредба со претходно. Како резултат на длабоката анализа на процесите, нашиот инженерски тим работеше внимателно на усогласувањето на капацитетите на котлите со реалните потреби и ги опреми со најнова технологија за контрола на согорувањето, пламеници со ниски емисии и системи за поврат на топлинската енергија со уреди за економизација на кондензацијата. Наредната иновација на тимот беше намалување на загубата на топлина преку изолација на изложените фитинзи и вентили во парната мрежа. Намалувањето на загубата на топлина има голем број придобивки, вклучувајќи го и намалувањето на амбиенталната температура во погоните, намалување на емисијата на стакленички гасови и подобрување на заштитата на вработените.

Електричната енергија е исто така значаен извор на енергија за нашата компанија и се користи за напојување на производната опрема и на канцелариите. Горењето фосилни горива за производство на електрична енергија е еден од најголемите поединечни извори на емисии на CO2 во светот, и токму поради тоа нашиот инженерски тим посветува постојано внимание на енергетската ефикасност. Нашите вработени се свесни дека постојат енергетски ефикасни алтернативи за речиси секој вид процес, опрема, уред или светилка и токму поради тоа се трудат да ги откријат помалку очигледните извори на енергија, искористувајќи го целосниот потенцијал со цел операциите да станат колку што е можно енергетски поефикасни, и ја искористуваат секоја прилика со цел постојано подобрување на енергетската ефикасност на операциите, на тој начин постигнувајќи најниски можни емисии на CO2.

Беа основани меѓуфункционални тимови со цел анализирање на времето на производните циклуси, на евентуалните режими на мирување на машините, на употребата на компримиран воздух, осветлувањето и системите за климатизација и обезбедување сигурни показатели во областите каде што има неефикасно користење на енергијата, со цел обезбедување специфична оптимизација и решенија за заштеда на енергија.

Јас сум среќен и горд што можам да кажам дека неколку пати сум бил дел од таквите тимови, при што имав можност да дадам поддршка на различни иницијативи и да придонесам со мојата експертиза во изнаоѓањето на најдоброто решение за заштеда на енергија. Беа спроведени различни проекти во областа на автоматизацијата на системите, кога при изборот на соодветна опрема и контролирање на уредите, како и со примена на соодветни софтверски приспособувања, успеавме да постигнеме значителни заштеди на електрична енергија.

Горењето фосилни горива, како бензин и нафта, за транспорт на луѓе и стоки е дополнителен извор на емисии на CO2. Со цел решавање на овој еколошки проблем, моите колеги од Одделот за логистика постојано работат на оптимизацијата на рутите за достава и обновување на возниот парк. Покрај тоа, спроведувањето безбедна и еколошка возна програма, мониторирана преку Mobile-Eye and GPS системот за следење дополнително ќе ни помогне за зголемување на безбедноста на нашите возачи, но исто така и за намалување на потрошувачката на гориво и, со тоа, за намалување на емисиите на јаглерод.

Како што споменав претходно, постојат одредени индустриски процеси при кои се произведуваат емисии на CO2 преку хемиски реакции кои не вклучуваат горење фосилни горива. При процесот на ферментација во пивската индустрија се произведуваат големи количества CO2, кои може да дојдат во атмосферата. Од друга страна, во натамошниот тек на производството CO2 е потребен во неговата најчиста форма. Со цел постигнување повеќекратни придобивки, Пивара Скопје вложува заложби во инвестирање во постројка за поврат на CO2. Јаглеродниот диоксид од сопствената ферментација на пиварницата се преработува и се чува според најстроги принципи за чистота. Целосно автоматизираните системи внимателно го преработуваат CO2 кој се создава во текот на ферментацијата. Прочистениот CO2 ги исполнува сите барања за безбедност на храната и може повторно да се додаде во пивото во текот на процесот на производство. Истото количество CO2 кое би можело да дојде во средината во текот на процесот на ферментација, ќе биде искористено од страна на новите насади на јачмен. Така, рамнотежата на CO2 на Пивара Скопје подразбира исклучиво јаглерод диоксид од процесите на горење фосилни горива.

На крај, би сакал да нагласам дека знаењето на вработените, нивната свест и нивното однесување на работното место имаат значително влијание врз намалувањето на емисиите на CO2. Со цел постигнување одржлив успех на нашите активности за управување со енергијата, долго се трудиме нашите вработени да станат свесни за енергетската ефикасност. Организиравме голем број обуки за вработените и користиме голем број начини на комуникација со цел подобро да им ја објасниме темата и зошто е таа важна.

Почнувајќи од намалување на личното користење електрична енергија преку исклучување на светилките и електронските уреди кога не се користат, исклучување дел од производствената опрема кога не е потребна, сè до обезбедување навремени информации на Одделот за одржување во случај на течење пареа, компримиран воздух и CO2, сето ова ќе помогне за намалување на потребата за природен гас, електрична енергија и CO2. Покрај спроведувањето на сите применливи корпоративно успешни практики и решенија од други слични индустрии, ние исто се обидуваме да ги вклучиме и да ги охрабриме нашите вработени да доставуваат идеи и предлози за понатамошно подобрување. Голем дел од ова што беше споменато се едноставни мерки кои не чинат многу пари и подобрувања за домаќинско работење со краток период од поврат на вложеното, меѓутоа за Пивара Скопје сите тие се многу важни начини за намалување на емисиите на CO2 преку конзервација, токму поради тоа што се стремиме на наредните генерации да им оставиме подобра планета.

Полна чаша на Instagram