Солидарност

НАШАТА СТРАТЕШКА ОПРЕДЕЛБА ЗА СОЛИДАРНОСТ И ХУМАНОСТ

Солидарност

“Секој од нас чувствува дека она што го прави е само една капка во океанот. Но ако не правиме ништо, океанот ќе биде посиромашен за таа една капка.”

Мајка Тереза

Скопје, 26 август 1910 – Калкута, Индија, 5 септември 1997

Едно од универзалните начела за солидарност и хуманост е да се заштитат животот и здравјето на луѓето, да се спречи и да се ублажи човековото страдање во време на несреќи, катастрофи и вооружени конфликти, да се обезбеди почит и достоинство за секое човечко суштество, да се работи на превенција на болестите и унапредување на здравствената и социјалната благосостојба на луѓето, да се поттикне доброволното ангажирање и подготвеноста за давање помош.

Помагањето и хуманоста се стратешка определба на Пивара Скопје. Веќе 90 години компанијата ја потврдува својата позиција на одговорен член на заедницата на која ѝ припаѓа. Тоа се потврдува и со долгогодишната непосредна соработка со Црвениот крст на Република Македонија во обезбедување хуманитарна помош и логистика во многубројни хуманитарни акции во услови на непогоди, несреќи, вежби. Нашето партнерство продолжува и преку заеднички активности за  постојана едукација на вработените на теми за превенција и здравствена заштита на работното место и надвор во средината на живеење.

По страшното невреме и поплавите кои ја зафатија Србија и Босна и Херцеговина во 2014 година илјадници луѓе останаа без дом, поплавата отсече голем број патишта и мостови, се затворија училиштата, беше предизвикан прекин во снабдувањето со електрична енeргија за цели градови. Во хуманитарните активности на Црвениот крст на Република Македонија се вклучи и Пивара Скопје со финансиска помош и поддршка во пакети вода за пиење наменети за помош на настраданото население.

Во 2015 природата уште во неколку наврати ни ја покажа сета своја моќ. Најкритично беше во месец февруари кога невообичаено високите температури доведоа до нагло топење на снеговите, кои, проследени со обилните дождови, предизвикаа излевање на водата од речните корита и големи поплави речиси на целата територија на Република Македонија.

Поголем број општини се соочија со прекини на патната инфраструктура и на снабдувањето со електрична енергија. Поплавени беа голем број домови и земјоделски површини, при што беше причинета и голема материјална штета во велешкиот, штипскиот, струмичкиот, битолскиот и во кумановскиот регион. Овие тажни слики се повторија и во месец август. Силното невреме, проследено со ветер и обилни врнежи од дожд, предизвика поплави и лизгање на земјиштето во регионот на Тетово, каде што, за жал, невремето однесе и пет човечки животи и причини голема материјална штета. И во двата случаи со поплавите Пивара Скопје беше подготвена да соработува со Црвениот крст на Република Македонија и да даде поддршка со донации во пакети вода, како и логистичка поддршка за достава согласно со потребите на оваа организација.

За време на кризата со погодените и раселени лица од Кумановско, Пивара Скопје активно се вклучи преку обезбедување помош и поддршка во логистика преку дистрибуција на нашата хуманитарна помош. Нашиот стратешки партнер, Црвениот крст на Република Македонија, беше на самото место да ја обезбеди потребната помош.

Како последица на војните на Блискиот Исток, на патот кон подобра иднина нашата земја стана главен транзитен коридор на мигрантите од југ, од соседна Грција, до север, во Србија, кон нивната крајна дестинација во земјите од Западна Европа. Многу тажни приказни, многу трагедии и потресни судбини на раселени, изнемоштени лица кои ги изгубиле своите домови и своите најблиски. И овојпат во соработка со Црвениот крст на Република Македонија, Пивара Скопје во неколку наврати активно се вклучи со логистичка поддршка во навремено обезбедување помош и достава на вода за пиење.

Не можеме да зборуваме за хуманост без да го споменеме нашето долгогодишно партнерство со Црвениот крст на Република Македонија и Заводот за трансфузиологија, изразeно преку највисокиот степен на солидарност – крводарителството. Велат, крводарувањето е највисок чин на алтруизам и хуманост на секој здрав човек. Чин кој нема цена и со кој во даден момент можеме да спасиме нечиј живот. Крв се дарува само со големо човекољубие и желба да се помогне. Нашите пиварци се долгогодишни крводарители и кај нас редовно се организираат крводарителски акции.

Ние остануваме посветени да го поддржуваме Црвениот крст на Република Македонија кога е најмногу потребно, заради хуманост и солидарност со оние на кои помош им е најпотребна.

Полна чаша на Instagram