




НАШИТЕ ГОСТИ СЕ СЕКОГАШ НА ПРВО МЕСТО
Интервју со Валентина Мустафа, сопственик на струшкиот ресторан „Аквариус“





Целосно посветена на својот ресторан „Аквариус“ во Струга, но секогаш тука и за своето семејство, Валентина Мустафа е вистински пример за тоа како една жена треба да воспостави баланс помеѓу својот приватен живот и работните обврски. Воедно, таа е и личност од која може многу да се научи за водењето успешен угостителски објект. Успешен затоа што е домаќин на голем број редовни гости, кои знаат како да ѝ возвратат за вниманието кое таа им го дава, било преку услугата, било преку храната или насмевката која е постојано присутна на нејзиното лице.
Сопственичка сте на еден од најпознатите ресторани на плажа во Струга. Како успеа „Аквариус“ да стане толку популарно место во овој град?
Нашиот ресторан „Аквариус“ не е изграден прекуноќ, ни требаа години да стекнеме искуство, а со самото работење ги почувствувавме потребите и желбите на нашите редовни, потенцијални и идни гости. Филозофијата на нашето работење ја задржавме од самиот почеток, па до денес. Настојуваме да создадеме место за гости од 7 до 77 години, во кое сите ќе се чувствуваат удобно, а тоа значи дека посветивме внимание на сè, тргнувајќи од ентериерот, па сè до угостителската понуда во која секогаш има нешто што секого ќе го воодушеви. Секако, голем плус е тоа што имаме вработени кои се со нас веќе долги години и лесно ги препознаваат желбите на редовните гости. Тоа е многу важен детаљ за севкупното гостопримство во ресторанот „Аквариус“.
Колку е посетена Струга во последните години и како може понатаму да се развива туризмот овде?
Струга има висок туристички потенцијал, секоја година има сè повеќе гости, но секако дека бројката може да се зголеми. За тоа ќе помогне поддршката од државните и општинските органи преку подобрување на инфраструктурата, потоа и рекламирањето на нашиот град како една автентична македонска дестинација, а секако е битен и нашиот удел, односно ние како угостители треба да го прифатиме предизвикот секогаш да му бидеме на услуга на гостинот. Тоа значи дека гостинот мора да биде на прво место, и во никој случај да не се дозволи тој да излезе незадоволен од ресторанот, бидејќи неговото задоволство е гаранција дека тој повторно ќе дојде во Струга. Всушност, тоа е целта која секој угостителски работник треба да ја има како основна филозофија.
Зошто високиот квалитет на угостителските услуги е толку битен за развојот на туризмот?
Мораме да бидеме истрајни во тоа посетителот или туристот во кој било град или туристичка дестинација да го задржи во себе чувството кое го доживеал. Нудењето квалитетна услуга и креативно мени не значи само задоволување на најосновните потреби на гостинот, туку давање шанса тој да ја почувствува автентичноста на градот.
Најголема антиреклама на која било туристичка дестинација е кога гостинот ќе си замине со чувството дека многу платил, а речиси ништо не добил. Во тој случај незадоволството ќе се одрази на повеќе нивоа, не само врз конкретниот ресторан, туку и врз самата туристичка дестинација. Затоа градот Струга треба да внимава и да тежнее да биде сè подобар и подобар.
Кои иновации ги воведувате во вашето работење?
Можеби за многу наши гости од Македонија тоа и не е иновација, затоа што тоа за нас значи и обврска. Во секој момент и во секоја ситуација некој од раководниот тим мора да биде присутен во текот на целиот работен ден. Ние не се занимаваме со угостителство за да преживееме, туку обратно – ние живееме за угостителството. Секој гостин кој влегува во нашиот ресторан мора да има чувство на гостопримство и сигурност, мора да почувствува дека сите ние кои работиме сме таму од лично задоволство. Исто така, отворени сме за критики за пропустите што може да се случат при работа, а ние тоа го прифаќаме како обврска за уште поголем напредок. Најлош угостител е оној кој мисли дека сè знае и дека работи најдобро. Угостителството нема граници, секогаш постои начин да се биде поуспешен и поквалитетен, а ние од ресторанот „Аквариус“ сме подготвени за сите предизвици.
Кои се предностите , а кои недостатоците на тоа да се биде жена во бизнисот во Македонија?
Предност да се биде жена во бизнисот речиси не постои. Едноставно е, работата не препознава пол. Но за нас жените постои еден вистински проблем, а тоа е проблемот со времето. Секако дека голем дел од денот го посветувам на работата и ми останува малку време за семејството, пријателите и роднините. Но, сепак, со добра организација сметам дека може да се најде решение. Недостигот веќе и не го чувствувам, тоа веќе ми стана нормална работа, едноставно, работна рутина.
Како ги балансирате професионалните и семејните обврски? Наоѓате ли време за себе и што правите во слободното време?
Обврските се, секако, големи, како професионалните така и семејните. Правам напори да ја изедначам одговорноста, како сопственичка, како сопруга и како мајка. И тоа добро го правам, благодарение на добрата организација на времето. Време може секогаш да се најде за семејството и за најблиските. Непроценливо е времето инвестирано во некое заедничко семејно патување, посета на пријатели, времето посветено на самиот себеси, за малку одмор. Пред неколку месеци станав и баба, така што слободното време секогаш гледам да го поминам со мојата внука. А одличен начин за опуштање ми е и пешачењето, па затоа веднаш штом ќе најдам слободно време, го поминувам во прошетки.
Што би им препорачале на другите жени кои би сакале да започнат свој бизнис?
Препораката за жени или мажи е иста, во обврските нема разлика. Јас можам да кажам за угостителството со сигурност, а сметам дека и во другите области на бизнисот ангажманот е ист. Значи, доколку жена одлучи угостителството да биде нејзина животна определба, таа мора да има вистински намери, да има разбирање и да биде подготвена на позитивните и негативните последици. Да се одлучиш да бидеш угостител значи, пред сè, секој ден да бидеш добар домаќин, да бидеш толерантна и иновативна личност. Угостителството бара добро расположение, насмевка на лицето и позитивни мисли без оглед на моменталната ситуација, сеедно дали е приватна, семејна или службена. Угостителот треба секој ден да е насмеан и радосен, во спротивно, гостинот брзо ќе сфати, ќе се праша дали го направил вистинскиот избор. Тоа е клучно за успехот на секоја угостителска понуда.
Доколку не сте сигурни дека можете да се справувате со еден таков предизвик, подобро и да не почнувате. Но доколку ги преземете тие обврски и тој начин на живеење, вашата желба ќе се исполни, а вашите гости ќе бидат задоволни и верни.