СОВЕТИ КАКО ДА ВОДИТЕ УСПЕШНА КОМПАНИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

1. Конципирајте ја Вашата долгорочна визија и дејствувајте според неа

Секој менаџер на компанија си поставува едно суштинско прашање: каде ја гледам мојата компанија и нејзиниот успех во иднина? Кога ја замислувате иднината на Вашата компанија и го визуализирате нејзиниот успех, секогаш треба да бидете храбри, да ја ставите визијата во перспектива, визија која ќе ги отсликува Вашите аспирации за иднината, и што сакате да постигне Вашата компанија. Доколку сте број 1 на пазарот, сонувајте да ја зацврстите таквата позиција и да ги зголемите Вашите перформанси во рамките на сите области на патот да станете неприкосновен лидер. Доколку сте присутни на пазарот, меѓутоа сè уште не сте ги постигнале зацртаните цели во однос на перформансите, замислете како Вашата компанија станува играч број 1. Исто така, доколку размислувате за проширување на опсегот на бизнисот, замислете како го проширувате ваквиот опсег со вклучување дополнителни производи и услуги, како и нови пазари. Размислувајте на големо!

Тогаш кога ќе имате јасна и храбра визија, дејствувајте. Ќе Ви биде потребна стратегиска рамка во која ќе ги дефинирате Вашите клучни стратегии како да ја постигнете замислената визија. Размислете за големиот влог и дефинирајте јасни одредници. За да ја надополните стратегијата, потребни ви се збир организациски принципи и вредности кои ќе Ви помогнат во насочувањето на однесувањето на организацијата, со цел постигнување на Вашата визија. Поставете си стандарди во однос на тоа што претставува прифатливо однесување и бидете конзистентни во неговото спроведување. Однесувањето кое се заснова врз вредности и се води од принципи ќе Ви помогне да дојдете до целната дестинација на одржлив начин.

За да измерите колку е успешна компанијата во постигнувањето на нејзините цели, поставете јасни цели и постојано мерете го напредокот. Прославувајте го секој чекор или одредница на патот кон постигнувањето на Вашата визија, постојано потсетувајќи ги сите во организацијата која е Вашата дестинација.

Понекогаш нема да успеете да ги постигнете поставените цели во одредени области и немојте да дозволите тоа да Ве обесхрабри, само продолжете напред, составете планови за непредвидени ситуации и бидете издржливи. Секојдневните задачи и ситните пречки не смеат да ја одвлечат Вашата организација од целокупната претстава за она што сакате да го постигнете и од Вашата визија за успех.

2. Инвестирајте во Вашите луѓе, градете силни тимови, луѓето се оние што ги прават компаниите успешни

Важно е да се запомни дека луѓето ги прават компаниите она што се. Луѓето сонуваат за визии, луѓето зацртуваат стратегиски рамки и луѓето спроведуваат стратегии. Наоѓањето на вистинските луѓе со вистински вештини не е лесна работа, особено во рамките на помали пазари како што е нашиот. Во многу случаи ние во Пивара Скопје ги препознаваме талентите и луѓето со голем потенцијал и им овозможуваме да се развијат во рамките на компанијата. Од особена важност е да се најдат луѓе кои се подготвени за раст, за постојано учење и луѓе кои секогаш ќе вложуваат повеќе од тоа што се бара од нив. Не задоволувајте се со просечност. Луѓето се највредната инвестиција во Вашиот бизнис. Кога ќе наидете на голем потенцијал, инвестирајте во неговиот развој. Поттикнувајте го растот на Вашите луѓе со практично учење, менторство, обуки. Како работодавач, обезбедете безбедна, но амбициозна работна средина. Секој ден обидувајте се луѓето да се чувствуваат вреднувани и важни. Како лидер, јас сум посветен на поттикнувањето тимски дух и колаборативно однесување. Кога работат заедно, луѓето полесно и побрзо ќе ја постигнат зацртаната визија. Лансирањето нови и иновативни производи на пазарот пред конкурентите е од особена важност за водењето бизнис денес, така што заедништвото и усогласеноста се од суштинска важност.

3. Трудете се постојано да ги задоволувате потребите на Вашите купувачи и потрошувачи

Компаниите се поврзани со пазарот. Колку повеќе ги разбирате Вашиот пазар и Вашата компанија, толку ќе бидат подобри Вашите резултати. И никогаш немојте да мислите дека во даден момент сте успеале да постигнете сè, затоа што пазарот денес е многу динамичен и работите може да се променат преку ноќ. За да постигнете одржливи деловни резултати, сметајте ги Вашите купувачи за партнери. Постигнувањето заеднички победи е единствениот начин на кој можете да напредувате. Бидете отворени со Вашите купувачи, споделете ги Вашите гледишта, грижи и, што е најважно, слушајте ги. Обидете се да ги сфатите нивните гледишта и на тој начин ќе ги најдете одговорите на Вашите прашања. Поминувам многу време на пазарот, секој ден сè повеќе и повеќе, и се чувствувам како тоа никогаш да не е доволно. Секогаш има некоја дополнителна можност за инспиративни разговори кои ми овозможуваат да добијам различна перспектива за нештата. Разговорот со нашите купувачи секогаш ме поттикнува на размислување.

Истото важи и за потрошувачите, како крајни корисници на производите и услугите кои ги нудиме. Од нив зависи дали нашиот бизнис ќе расте. Слушајте ги Вашите потрошувачи во однос на она што им е потребно во моментот и создадете нови потреби со цел да го унапредат својот начин на живеење. Градењето долгорочна врска со потрошувачите значи доверба и заложба.

Одобрувањето и прифаќањето на Вашите производи и услуги од страна на Вашите купувачи и потрошувачи Ви го даваат правото да постоите на пазарот. Организацијата никогаш не смее да заборави дека на перспективите треба да гледа низ очите на купувачите и потрошувачите, а не обратно.

4. Иновирајте, со висок квалитет и брзина

Во ерата на дигитализација и социјални медиуми, потрошувачите се постојано информирани. Нашите граѓани станаа граѓани на светот. Неизбежно е да се следат глобалните трендови на локалните пазари. Потрошувачите на македонскиот пазар се сега поотворени кон промени и прифаќаат различни алтернативи многу побрзо од порано. Веќе не зборуваме само за задоволување на потребите на потрошувачите, туку и за разбирање на нивниот животен стил и создавање нови потреби кои ќе го подобрат и ќе го унапредат нивниот начин на живеење. При иновирањето главната цел е да се предвидат очекувањата на потрошувачите. Секогаш нудете повеќе, а ветувајте помалку. Иновациите веќе се дел од вообичаениот начин на водење бизнис. Доколку сакате да растете, мора постојано да бидете иновативни и да нудите разновидни, а со тоа и поконкурентни опции. Во голем број случаи тоа значи преземање пресметани ризици, за кои на крај ќе се покаже дека биле многу корисни.

Инвестирањето во иновации оди рака под рака со инвестирањето во квалитет. Едното не функционира без другото. Новите работи треба да имаат стандарден квалитет уште од појавувањето, затоа што животниот век на иновациите денес е многу пократок. Потрошувачите треба да искусат стандарден квалитет уште од почетокот, затоа што немате простор за импровизација со квалитетот. И, што се однесува до иновациите, мора да бидете брзи. Не само затоа што и останатите компании постојано работат на иновации, туку многу повеќе затоа што животниот стил на потрошувачите се менува многу брзо и тие брзо се приспособуваат, така што она што е интересно денес, утре ќе биде минато. Ќе Ви го дадам примерот со СКОПСКО Темно. Оваа екстензија на брендот ја лансиравме во ноември 2014 година и e првото и единствено темно пиво на македонскиот пазар произведено локално. Не само што навлеговме во сосема нов сегмент, туку и се подразбира дека уште „на прва“ понудивме стандарден квалитет. Подготвувањето на најдобриот рецепт за темно пиво, притоа задржувајќи го стандардниот квалитет кој СКОПСКО го одржува речиси еден век, е суштината на нашата формула за успех.

Важно е да се запомни дека иновирањето не се однесува само на производите кои ги нудиме, туку и на целокупната наша работа. Иновираме процеси, платформи, алатки, активирање и сите други области во кои можеме да се подобриме како бизнис и каде што можеме да постапуваме поинаку со цел подобро да ги задоволиме потребите на пазарот и да поставиме нови трендови.

5. Фокусирајте се на одржлив раст и развој

На крај, без разлика што правите, секогаш трудете се да растете и да се развивате на одржлив начин. Дајте им приоритет на долгорочните цели во однос на краткорочните тактички победи и имајте го на ум влијанието кое Вашата деловна дејност го има не само во однос на локалниот пазар, туку и во однос на целокупната заедница.

Сите компании имаат специфично влијание врз социоекономската средина преку работните места кои ги отвораат, даноците кои ги плаќаат и додадената вредност која ја создаваат за локалната заедница. Од тој аспект, Пивара Скопје има голем придонес за националната економија. Како менаџер на таква компанија, важно е да се разбере дека колку е поголемо влијанието на Вашата компанија, толку е поголема одговорноста која ја носите за иднината.

Безбедноста е секогаш на прво место. Најважно е на вработените да им се овозможи здрава и безбедна работна средина. Начинот на кој работите е исто така важен на долг рок, колку сте одговорни за управувањето со природните ресурси и дали сте способни да идентификувате алтернативни ресурси. Позитивното размислување и дејствување во оваа насока не само што придонесува за заштита на животната средина, туку и доведува до зголемување на ефикасноста на користењето на ресурсите и намалувањето на трошоците.

Она што сметам дека е особено важно е сите наши деловни активности да се во согласност со интересите и потребите на нашата заедница, за што е потребно изнаоѓање одржливи начини на кои организацијата ќе може да се поврзе и заеднички да работи на унапредувањето на оние цели кои се во согласност со нејзините. За мене, постигнувањето одржлив успех исто така значи залагање и исполнување на улогата на одговорен корпоративен граѓанин. И, според тоа, колку е поавтентичен Вашиот пристап, толку ќе бидат подобри добиените резултати.

Одржливиот раст и развој се во голема мера поврзани со визијата на Вашата компанија и нејзиното постигнување не е можно едно без друго. Токму затоа секогаш велам дека за да постигнеме деловен успех, секогаш треба да размислуваме на големо, да размислуваме на долг рок и во корист на сите засегнати страни.

Полна чаша на Instagram