ПИВАРА СКОПЈЕ СО НАЈДОБРИ ПРАКТИКИ ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА
Пивара Скопје АД е добитник на годинешната национална награда за најдобра практика во областа на безбедност и здравје при работа. Наградата ја доделуваат Македонското здружение за заштита при работа и Меѓународната организација на трудот, по повод одбележувањето на 28. Април – Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.
„Пивара Скопје е одличен пример и воедно поттик за целата индустрија за тоа како треба да се размислува и делува за заштитата на здравјето и безбедноста при работа. Од сето она што комисијата го увиде на лице место во компанијата, уверен сум дека оваа награда за најдобри практики од областа на заштитата при работа оди на вистинска адреса“, изјави Милан Петковски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа.
Токму во доменот на управување со безбедноста и здравјето при работа, Пивара Скопје е своевиден пионер во Македонија и претставува пример за одлична практика во домашната индустрија за пијалаци. Компанијата е меѓу првите во Македонија која уште од 2007-та година го воведе и успешно се сертифициирше според водечкиот меѓународен стандард за управување со безбедноста и здавјето при работа – OHSAS 18001. За одржување на здрава и безбедна работа средина, покрај почитувањето на востановените процедури и правила, во Пивара Скопје, во текот на целата година, се организираат разновидни активности, обуки, презентации и вежби на кои сите вработени стекнуваат и ги освежуваат своите знаења од оваа многу значајна област.
„Оваа награда е верификација на нашите континуирани напори и вложувања во обезбедување и гаранција на највисок степен на безбедност и здравје на сите што работат во Пивара Скопје, како и на нашите соработници, на потрошувачите на нашите брендови, како и на сите оние од нашето опкружување. Создавањето и одржувањето на безбедна и здрава работна средина е неодвоив, суштински дел од нашата компаниска култура и политика на развој која ние ја негуваме и се трудиме да ја пренесеме и надвор од нашата компанија, во заедницата на која и припаѓаме“, изјави Катерина Хаџи-Ангелеска-Начевска, специјалист за односи со јавноста од Пивара Скопје, најавувајќи дека оваа година компанијата ги проширува своите активности од областа на безбедноста и здавјето при работа и надвор од компанијата, со реализација на пилот – проект во основните училишта во општината Аеродром. Овој проект е наменет за учениците од четврто одделение и ќе се состои од презентации и материјали на теми кои се од особена важност за здравјето и развојот на децата, од аспект на правилното седење во училишна клупа, пишување и работа со компјутери, како и безбедно однесување во училишна средина.