ПОДАРОК ЗА ГРАЃАНИТЕ НА ПРИЛЕП
Во пресрет на отворањето на годинешниот „Пивофест“, Пивара Скопје АД им подари на граѓаните на Прилеп нови стилизирани канделабри кои ќе го красат централното градско јадро и паркот пред зградата на општината.
– Нашата мисија како компанија, покрај тоа континуирано да создаваме најдобри брендови и да нудиме неприкосновен квалитет, не упатува и да бидеме одговорен граѓанин во заедницата на која и припаѓаме.
Оваа донација од Пивара Скопје АД на Градот Прилеп и неговите граѓани, претставува исполнување на нашата трајна определба – да покажеме интерес за потребите на граѓаните и да делуваме во согласност со нив, изјави Лиза Поповска, Финансов Директор во Пивара Скопје АД.
Поголемиот дел од канделабрите се веќе поставени од внатрешната страна на булеварот “Гоце Делчев“ кон градскиот парк, а останатите ќе бидат распоредени во внатрешноста на паркот по завршување на годинешниот фестивал на пивото.- Овој подарок на Пивара Скопје.
За градот Прилеп претставува убав пример како бизнисот и локалната самоуправа можат заеднички да допринесуваат за задоволството на граѓаните.
Вредноста на оваа конкретна донација е дотолку поголема поради тоа што придонесува да се прикажеме во најдобро светло пред повеќе од 300-те илјади гости од земјава и странство кои очекуваме да нè посетат за време на годинешниот „Пивофест“, изјави градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, при симболичното примопредавање на канделабрите.
Пивара Скопје АД успешно соработува со градот Прилеп во активностите кои треба да придонесат за промоција и соодветни услови за престој на посетителите на „Пивофест“.
Имено, минатата година Пивара Скопје АД обезбеди поддршка за изработка на туристички водич за градот Прилеп. Според зборовите на менаџментот на Пивара Скопје АД и на градоначалникот, со овие активности поставени се добри основи за продолжување на соработката во иднина, а сè во интерес на градот, на неговите жители и на посетителите на Прилеп и „Пивофест“.