СКОПСКО СО СПЕЦИЈАЛЕН ПОДАРОК ЗА ГАЛИЧКА СВАДБА

По повод 50-годишниот јубилеј
Во пресрет на одржувањето на педесеттата јубилејна Галичка свадба, која традиционално се одржува во истоименото печалбарско село, Пивара Скопје АД и СКОПСКО одново го потврдија своето партнерство со манифестацијата, кое годинава се круниса со обезбедување на свадбените носии за невестата и младоженецот.

Викендов, на 14-ти и 15-ти јули, по педесетти пат се одржува автентичната Галичка свадба, културно-сценска манифестација, единствена од ваков тип на нашите простори и пошироко. Покрај финансиската поддршка за организација на манифестацијата, како и пијалаци за учесниците, Пивара Скопје АД и СКОПСКО, обезбедија нови носии за да се облечат невестата Даница Тортеска и зетот Трајче Лозаноски.

Специјалниот подарок всушност се традиционалните свадбени носии типични за овој крај, кои заедно со свадбените ритуали и обичаи претставуваат централен дел од богатата културна ризница и ги содржат влијанијата на историјата на жителите од галичкиот крај. Рачно изработена од вештите раце на жените од мијачкиот крај, особено карактеристична и богата со уметнички детали од срма и сребро, е невестинската носија која се состои од 46 делови и тежи околу 25 килограми.

„Пивара Скопје АД и СКОПСКО отсекогаш билe верен поддржувач на националните вредности и македонското културно наследство. Оваа манифестација игра огромна улога во зачувувањето на народните обичаи во нивната изворна форма и на тој начин секоја година придонесува за негување на македонската традиција и културните вредности. Затоа Пивара Скопје АД, со својот бренд СКОПСКО секоја година се нејзин неодвоив дел“, изјави Маја Муратовска – Чанговска, претставник на Пивара Скопје АД.

Традиционалната културна манифестација во селото Галичник, веќе половина век привлекува илјадници посетители од земјава и странство, кои секоја година одново се воодушевуваат на оригиналните свадбени обреди проследени со традиционални народни ора и песни, кои пленат со својата убавина и духовна вредност и кои се сведоци на автентичниот дух на Македонецот.

Полна чаша на Instagram