
1922–41

По Првата светска војна, особено во првите повоени години, на Балканот настанува период на пробив на странски капитал и најчеста форма на инвестирање било формирање на акционерски друштва со доминантна странска сопственост.
2 септември 1922 година — Се одржал состанок на акционерското друштво „Парна Пивара АД“, кое ја формираше првата пиварница на овие простори.
Парната пиварница во Скопје настанала, најмногу поради тоа што јужно од Јагодина воопшто немало пиварници. Истовремено се отворила и Пиварница во Ниш, која била помала и со помал капацитет од онаа во Скопје.
На земјиште од 32.347 м2, покрај железничката линија Скопје – Ниш, два километра источно од Скопје и почнала изградбата на фабриката. Истата година е основано индустриското претпријатие Парна пиварница во Скопје. Основачи биле двајца Чеси, инженерот Виктор Цајс и банкарот Карел Хусник. Тие инвестирале сума од три милиони тогашни динари, која веќе наредната година била удвоена, а во 1924 година изнесувала девет милиони динари.
1924 – Пиварницата била пуштена во употреба, каде што се точи првата чаша пиво по стар чешки рецепт, со посебен вкус добиен од локалната бунарска вода на Скопје, пиво кое подоцна генерација по генерација ќе го препознае едноставно како – СКОПСКО.
Во периодот пред војната, годишниот производствен капацитет на пиварницата бил: 35.000 хектолитри пиво, 720 тони слад за пиво, 1.500 тони мраз.
1925 – „Парна Пивара АД“ добила дозвола за снабдување на целиот јужен регион на тогашната држава, по што компанијата наскоро ќе ги отвори своите магацини и ледени куќи во Куманово, Прилеп, Битола, Струмица и Косовска Митровица.
Неколку интересни податоци од почетоците
Административните и производствените капацитети на Пиварницата до 1941 година биле сместени на 5.919 м2. Тие опфаќале главна фабричка зграда, одделение за слад, мелничко одделение, одделeние за варилници и варење на пивото, одделение за ладење на пивото, одделение за ферментација и одделение за одлежување на готовото пиво, одделение за миење, полнење и за пастеризирање на пивото, заедно со четирите одделенија: за киснење на бурињата, за миење на бурињата, за смолење на бурињата и за полнење на бурињата со пиво и за производство на мраз, како и одделенијата за машинско и техничко одржување.
Номиналното работно време пред војната било 8-часовен работен ден. Поради тоа што пивото најинтензивно се трошело во летниот период, од 1 април до 30 септември, се работело секој ден. Во есенскиот и во зимскиот период се работело само три дена неделно. Во последните три години пред војната, трошењето и производството на пиво пропорционално се зголемувале и тогаш секојдневно се работело во текот на целата година.