Квалитет и безбедност на храна

КВАЛИТЕТОТ Е НАШАТА ДВИЖЕЧКА СИЛА

Квалитет и безбедност на храна
Што подразбира квалитетот во компанијата Пивара Скопје?

Intervju-dir-proizvodstvo-Coca-colaЕдна од главните движечки сили на нашата компанија е квалитетот. И кога велам квалитет, не мислам само на квалитетот на нашите производи, туку и на квалитетот на животната средина, работната средина за нашите вработени, технологијата што ја користиме, процесите на работа, дистрибуцијата, пакувањето и сето она што секојдневно го работиме и со што влијаеме на состојбите во нашата компанија и пошироко, во нашето општество.

Нашето мото е дека квалитетот е обврска на секого во компанијата и составен дел на секојдневното работење на сите вработени. Тоа е нешто што тече во нашата крв и за што сите во Пивара Скопје сме максимално посветени, бидејќи само на таков начин можеме да ја остваруваме нашата заедничка и јасна цел, а тоа е задоволни потрошувачи кои повторно ќе одлучат да ги купат нашите производи.

Беспрекорниот квалитет се постигнува, се одржува и континуирано се унапредува преку систематско воведување и целосна усогласеност со голем број процедури и стандарди. Нашата компанија е лидер во Македонија во креирањето и управувањето на системот за квалитет, а овој заклучок е поткрепен со факти. Пивара Скопје е првата компанија во земјава која има воведено стандард за интегрирано управување со безбедност на храна ISO 22000 во делот на безалкохолни пијалаци и пиво, како надградба на веќе постоечките ISO 9001 и HACCP.  Од друга страна, тука се и ISO 14001 и OHSAS 18001 стандардите кои постојано се одржуваат и се унапредуваат, и вреди да се напомене дека Пивара Скопје се јавува како една од водечките компании во процесот на имплементација на Директивата на ЕУ за пакување и управување со отпад од пакување.

Следен наш чекор е воведување на ISO 50001 стандардот, со што очекуваме дека преку подобро управување со енергетските ресурси, ќе помогнеме за подобар квалитет на целокупното наше опкружување.


Која е тајната што Пивара Скопје велат ги прави најквалитетните безалкохолни пијалаци во светот? Објаснете ни повеќе за престижните награди за квалитет доделени од The Coca-Cola Company?

Intervju-dir-proizvodstvo-Coca-colaИако изгледа едноставно, нашето производство на безалкохолни пијалаци е сложен процес кој е изготвен по светски стандарди и кој постојано е строго контролиран. Во производствениот погон, каде што одржувањето на врвната хигиена и примената на добрите практики на работење се секојдневие, инсталирана е софистицирана опрема која ги исполнува највисоките критериуми, барања и стандарди за производство на храна.  Покрај тоа, од исклучително значење за работата во овој погон се квалификациите на вработените, нивните вештини и посветеност. Таму работат луѓе во кои имаме максимална доверба и кои функционираат како една компактна целина. Нашите резултати се должат на тимската работа. Сите се трудат да го дадат својот максимум и така успеваме да произведеме производи со врвен квалитет.

Секако, процесот се контролира во секоја фаза, од влез на суровини и репроматеријали, преку производството, складирањето па сè до дистрибуцијата до купувачите и финалните потрошувачи. Само готов производ што ги исполнува најстрогите критериуми се дозволува да се дистрибуира на пазарот, бидејќи нашите потрошувачи заслужуваат врвен квалитет и ние тоа им го обезбедуваме.

Признанието за најдобар квалитет во рамките на The Coca-Cola го добива онаа полнилница чии пијалаци ќе бидат највисоко оценети според индексот на квалитет, при контролите кои се прават од страна на независни меѓународни лаборатории. Контролата на квалитетот се прави врз примероци од пијалаци земени од продажни места по случаен избор. Признанието за најдобар квалитет го добива само оној производител кој ќе добие највисоки оценки за квалитетот на пијалаците во текот на сите 12 месеци од календарската година.

Нашата компанија во два наврата досега беше добитник на највисокото признание на глобално ниво во целиот систем на Coca-Cola, кој ја рангира Пивара Скопје на прво место во светот според индексот на квалитет на пијалаците (BPQI) што ги произведува, со што уште еднаш потврди дека во Македонија континуирано се произведуваат Coca-Cola пијалаци со врвен квалитет. Ние во Пивара Скопје се обврзуваме да продолжиме со истата посветеност и понатаму.

На крајот би се навратил уште еднаш на Вашето прашање и би рекол дека доколку навистина постои строго чувана тајна за формулата на пијалакот Coca-Cola, за рецептот на успехот на нашата компанија нема тајна, тоа се, пред сè, нејзините луѓе, нивната максимална посветеност, нивното знаење, искуство и вештини во примената и управувањето со врвната технологија и стандардите за квалитет.

Две години по ред „Пивара Скопје“ ја добива најпрестижната награда за квалитет и одржлив развој на Кока-Кола ХБЦ. Зошто токму „Пивара Скопје“ ја добива оваа награда?

Intervju-dir-proizvodstvo-Coca-colaЗборуваме за награда која компанијата „Кока-Кола ХБЦ“ ја доделува секоја година на една од земјите кои се во склоп на оваа корпорација за најдобри резултати и постигнувања остварени во текот на изминатите 12 месеци согласно со неколку критериуми, а тоа се: квалитетот на нашите производи, здравјето и безбедноста на нашите вработени, заштитата на човековата околина и усогласеност со воспоставените стандарди на работење кое се верификува преку независни надворешни проверки. Овие проверки може да бидат и ненајавени, што уште повеќе укажува на фактот дека работењето согласно со високите стандарди мора да биде постојано одржливо.

„Пивара Скопје“, како дел од „Кока-Кола ХБЦ“, последователно ја добива оваа награда за изминатите две години во конкуренција на полнилници од 28 земји од Европа и пошироко, и тоа токму за истите две години кога корпорацијата „Кока-Кола ХБЦ“  е рангирана на прво место во светската индустрија за пијалаци од страна на глобалниот The Dow Jones Sustainability Index. Истовремено, за своите напори за намалување на емисиите на јаглерод диоксид во атмосферата, „Кока-Кола ХБЦ“ го задржа првото место меѓу производителите на пијалаци и осмото место на листата „ТОП 100 водечки компании“ кои го формираат FTSE 100 индексот на Лондонската берза.

Да се биде двапати на врвот во таква конкуренција е големо достигнување, што за нас претставува огромна чест и со што особено се гордееме бидејќи овие меѓународни признанија се верификација на сиот труд што нашите вработени безрезервно и со љубов го вложуваат во осигурувањето на целокупниот квалитет, како и на нашиот постојан процес на инвестирање во подобрување на општествената и на социјалната одговорност.

Во кои сфери вложува Пивара Скопје за да го осигури својот долгорочен развој?

Intervju-dir-proizvodstvo-Coca-colaПомеѓу другото, сите претходно споменати остварувања се постигнати и затоа што ние сме во континуиран процес на правилно инвестирање во имплементација на нови и подобрување на постојните производствени процеси, методи и применети технологии. Дополнително, ние постојано и безрезервно вложуваме и во усовршување на знаењето и вештините на нашите луѓе, бидејќи сметаме дека тоа е еден од основните предуслови за нашиот долгорочен развој.

Кога станува збор за областа одржливост, би започнал со безбедноста и здравјето при работа, што е од исклучителна важност за нашите вработени, но исто така и за зголемувањето на ефективноста и продуктивноста во работата. Пивара Скопје е меѓу првите во Македонија која уште од 2007 година го воведе и успешно се сертифицираше според водечкиот меѓународен стандард за управување со безбедноста и здравјето при работа – OHSAS 18001. За одржување здрава и безбедна работна средина, покрај почитувањето на востановените процедури и правила, во Пивара Скопје континуирано, во текот на целата година, се организираат разновидни активности, обуки, презентации и вежби на кои сите вработени стекнуваат и ги освежуваат своите знаења за оваа многу значајна тема. Резултат на сите наши заложби е рекордниот број денови без повреда на работното место што Пивара Скопје успева да го постигне.

Понатаму, ние во Пивара Скопје веруваме дека успехот на една компанија зависи од понудата на производи и услуги со висок квалитет, квалитет кој ќе ги исполни или ќе ги надмине барањата и очекувањата на купувачите и потрошувачите. Токму поради тоа, од фундаментално значење е постојаното вложување за одржување и подобрување на тој квалитет, што покрај инвестиции во нова и внимателно избрана софистицирана опрема, значи и вложување во надградба на знаењата и вештините на вработените кои управуваат со таа опрема.

На крајот би сакал да истакнам дека Пивара Скопје, како општествено одговорна компанија, води грижа за животната средина и постојано се труди да го намали колку што е можно повеќе влијанието што го има нашето работење врз човековата околина. Освен примената и почитувањето на највисоките ЕКО-стандарди во текот на нашите производствени процеси и при набавката на нова опрема, постојаната едукативна програма која се спроведува за зголемување на еколошката свест кај нашите вработени, што подразбира користење најразлични методи, како што се обуки, комуникација и визуализација, многубројни се и инвестициите кои се направени за заштеда на потрошувачката на вода и енергија. На тој начин помагаме кон севкупните напори за заштита на природните ресурси и намалување на глобалното загадување. Не можам да не ја споменам нашата најголема скорешна инвестиција во третманот на отпадни води, што по капацитетот и применетата современа технологија е единствен ваков систем не само во земјата, туку и во регионот.

Како „Пивара Скопје“ ги споделува своите знаења и искуства со другите бизниси во нашиот деловен свет, како ги инспирира другите да го следат примерот на оваа компанија?

Intervju-dir-proizvodstvo-Coca-colaКако што реков претходно, „Пивара Скопје“ досега има вложувано многу за да го осигури својот долгорочен развој и таквиот тренд ќе продолжи и понатаму, но, од друга страна, нашето мислење е дека сите тие инвестиции би биле залудни доколку ние не оперираме во една здрава и стабилна средина. Здрави и стабилни заедници се многу подобри деловни средини од заедниците кои се во постојана криза. Знаејќи го ова, пристапот на „Пивара Скопје“ е да бидеме постојано вклучени и да инвестираме во заедницата каде што работиме и да се обидеме да го подобриме животот на луѓето во нашето опкружување врз основа на нашето постоење тука. Следејќи ја нашата политика и определба за корпоративно-општествена одговорност, нашата компанија прави напори за споделување на добрите практики и вистинските вредности со заедницата, помагајќи на тој начин да се обезбеди просперитет далеку повеќе од едноставно нудење квалитетни производи и услуги на овој пазар.

Свесни сме исто така дека севкупниот развој на заедницата не можеме да го направиме сами. Сите ние што оперираме на овој простор имаме иста цел, а тоа е креирање позитивни промени за да се помогне во решавањето на општествените предизвици. Со заедничка работа и споделување на соодветните клучни компетенции, знаења и вештини, имаме многу подобри изгледи да ја постигнеме оваа цел. Затоа ние во „Пивара Скопје“ максимално се трудиме преку партнерски пристап да имаме блиска и долгорочна соработка не само со бизнис-заедницата, туку и со останатите агенции, институции, невладини организации и локални лидери. Знаеме дека можеме да понудиме вештини од областа на инженерството и успешни практики во поттикнувањето на напорите за одржлив развој и заштита на човековата околина, и тука сме максимално транспарентни и подготвени да ги споделиме нашите знаења и искуства со другите.

Минатата година „Пивара Скопје“ беше добитник на националната награда во категоријата на големи компании, како компанија со најдобра практика за безбедност и здравје при работа. Оваа практика ние подоцна ја споделивме со целата бизнис-заедница.

Знаејќи дека добрите навики се стекнуваат уште во детството, „Пивара Скопје“ веќе неколку години спроведува небрендиран проект во основните училишта за едукација во врска со темите поврзани со здравјето и безбедноста. Овој проект е наменет за учениците од четврто одделение и се состои од презентации од страна на вработените на „Пивара Скопје“. Тие како волонтери презентираат теми кои се од особена важност за здравјето и безбедноста во училишната средина.

Оваа година нашата компанија, во соработка со UNIDO и Регионалниот центар за животна средина, ќе биде домаќин на дел од експертската обука за оптимизација на индустриски системи за пареа, програма што се реализира во рамките на проектот за поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии. На тој начин нашиот инженерски тим, заедно со колегите од другите компании и во присуство на надворешни експерти и консултанти од оваа област, ќе има можност директно во нашите индустриски погони да сподели искуства и знаења, како и да идентификува можности за подобрување на ефикасноста на системите.

Ние во „Пивара Скопје“ силно веруваме дека патот кон долгорочен успех е водење бизнис на одговорен, транспарентен и етички начин. Нашата компанија е изградена на тие вредности и сакаме со преточување на овие вредности во пошироката бизнис-заедница да помогнеме кон изградба на едно поуспешно општество. Целокупното наше работење води кон раст и развој на компанијата, но секогаш со креирање дополнителна вредност и на заедницата на која ѝ припаѓаме како единствен пат за нашиот одржлив развој.

Полна чаша на Instagram