





НАЗДРАВУВАМЕ ЗАЕДНО, РАСТЕМЕ ЗАЕДНО – СТЕФАН ТОДОРОВСКИ – ПИВАРЕЦ – МАРКЕТИНГ МЕНАЏЕР ЗА БЕЗАЛКОХОЛНИ ПАЈАЛОЦИ
Со креативно размислување до најдобро планирање. Ова е наједноставното објаснување за нашиот колега Стефан Тодоровски, Пиварец и Маркетинг менаџер за безалкохолни пијалаци, кој својот кариерен пат во Пивара Скопје го започна во поинакво окружување, односно во Секторот за планирање на производство на безалкохолни пијалаци. Како Планер во производство Стефан и неговиот тим во Пивара Скопје донесоа две значајни награди, а денес Стефан е дел од тимот маркетери кои успешно се носат со предизвиците на големите глобални брендови.
Стефан, разговорот со тебе го правиме во улога на Маркетинг Менаџер за безалкохолни пијалаци кои се дел од портфолиото на Пивара Скопје. Тоа значи дека заедно со твојот тим работиш на имплементација на маркетинг и продажни кампањи на македонскиот пазар за големи глобални брендови, како Coca Cola, Schweppes, Fanta, Monster и тн. Како изгледа еден твој работен ден и што за тебе значи „во свои раце“ да имаш брендови од ваков ранг?
Стефан: Да се биде дел од маркетинг тимот во Пивара Скопје е огромен предизвик, станува збор за широка и разнолика дисциплина, па би рекол дека секој ден е ново доживување кое е единствено и не се повторува.
Во динамична атмосфера како што е мојот сектор во Пивара Скопје секој ден е различно забавен со специфични предизвици. Заедно со тимот работиме на стратешкото позиционирање на портфолиото безалкохолни пијалаци на Пивара Скопје преку најразлични кампањи, активации, промоции и соодветен специфичен пристап за секој бренд одделно. Тимот е составен од 4 членови вклучувајќи ме и мене и станува збор за семејство кое функционира како еден. Покрај честа да работам на најголемите светски брендови како Coca Cola, Fanta, Schweppes, Роса, Monster итн, особена чест ми е што сум дел од професионалци кои секојдневно се надградуваат и надополнуваат несебично. Маркетинг претставува функција која ги одредува краткорочните продажни цели,но и долгорочните стратешки “BIG BETS”. Како сопственик и чувар на брендовите, производите, пакувањата и целокупното портфолио на безалкохолни пијалаци кое го нуди нашата компанија, оваа функција е директна врска помеѓу нас како компанија, нашите купувачи и нашите партнери The Coca Cola Company и Monster Group. Поради тоа што трендовите, барањата и приоритетите на нашите купувачи се менуваат со брзо темпо за мене огромен предизвик и цел е јас и мојот тим да бидеме динамични и агилни така што ќе одговориме на сите барања на купувачите и конзументите, а дополнително ќе понудиме и додадена вредност преку нашите кампањи.
Новите трендови на дигитализација го менуваат начинот на продажба, па секојдневно сме сведоци на нови канали кои активно ги ставаме во полза на нашата компанија, нашите купувачи и конзументи.
Твоето кариерно патување во Пивара Скопје го започна на една комплетно поразлична позиција. Започна како Планер на производство, за брзо време промени неколку позиции, дојде на чело на тимот Планирање како Менаџер за Планирање, а потоа и Менаџер на магацини. Ако треба да направиш една ретроспектива на твоите почетоци и твојот кариерен развој во овој сегмент, што е она што би го издвоил како посебен предизвик?
Стефан: Мојот кариерен пат започна во маркетинг индустријата, поточно во маркетинг агенција каде што работев цели седум години. А одтаму, продолжив во Пивара Скопје, во еден комплетно поразличен свет, односно во Синџирот на снабдување на компанијата за безалкохолни пијалаци. Тогаш се случи и мојот кариерен престврт. Нова компанија, нова индустрија, нова работна позиција. Но јас како личност имам потреба од адреналин, динамика и предизвици, и оваа промена ја прифатив со леснотија. Не беше лесно на почетокот, но беше доволно различно за да биде за мене одлично. Всушност, желбата за учење и ширење на знаењето ме натера комплетно да ја сменам мојата професија и да се приклучам на победничкиот тим за Планирање на безалкохолни пијалаци во Пивара Скопје. Од оваа перспектива денес, тоа беа незаборавни времиња кои ќе ги памтам засекогаш. Со многу труд ги совладав сите новитети и со помош на моите драги колеги од Планирање и нивното несебично споделување на знаењето многу брзо се адаптирав и ги научив САП системот, процесите и процедурите кои беа тотално непознати и нови за мене. По една година и половина ги поминав и научив сите позиции во секторот и станав Менаџер за Планирање на Безалкохолни Пијалаци.
Заедно со тимот успеавме да освоиме 2 престижни награди, односно:
- 2016 – Golden Triangle Supply Chain Planning (1-во место во CCH)
- 2017 – BEST SC PLANNING IN CCH (1-во место во CCH)
Заедно со победите се сеќавам дека пристигнуваа честитки од секаде и особена гордост мене и на тимот ни претставуваше културата на препознавање и ценење на нашите успеси. Тоа не правеше гладни за уште поголеми победи и соочување со уште поголеми предизвици.
Работите се движеа во одлична насока и секторот прогресираше во победнички правец. Со новите структурни промени дојде и мојата следна позиција – Менаџер на Магацин. Огромен предизвик кој бараше дополнително учење и градење на моите способности. Со помош на можностите за различни обуки и тренинзи кои ми ги овозможи компанијата меѓу кои и Fast Forward 3 програмата, успеав да се адаптирам и инкорпорирам во новото окружување. Како претпоставен на сите 5 магацини имав можност да соработувам и да ги координирам и нашите надворешни логистички партнери кои оперираат во Пивара Скопје.
Професионалниот и личен раст во Пивара Скопје е предност која сите Пиварци треба да ја уживаат. По една година и половина на оваа позиција, бев на прагот на нов кариерен предизвик, односно можност да се вратам на старите патеки. Ја превземав позицијата Маркетинг Менаџер за безалкохолни пијалаци и се вратив на моите кариерни корени.
Ти си пример дека кариерни трансформации се возможни. Како изгледаше периодот на преминување од твојата позиција во Синџирот на Снабдување на новата позиција во Маркетинг Секторот? Станува збор за комплетно различна средина, различни работни обврски, па и различна динамика. Дали периодот на адаптација во новата средина беше комплексен за тебе?
Стефан: Секоја нова позиција бара огромна агилност, приспособување и безусловно учење. Перформансот при промена на позиции секој професионалец треба да го задржи на високо ниво и трансферот да помине без поголеми падови. Во мојот случај станува збор за огромна помош која ја добив од колегите и верувам дека извршив лесен премин, без потешкотии при промената.
Преминувањето во Маркетинг е промена која ми донесе поголема флексибилност во работењето и различна динамика од функцијата која ја имав во Синџирот за снабдување. Станува збор за нова средина која е директно изложена пред купувачите и продажниот сектор, наместо позадинската поддршка на бизнисот, која ја обавував претходно.
Пивара Скопје нуди одлична можност за брзо адаптирање на различни позиции преку индидуалните планови за воведување и јасен опис на работните обврски преку кои успешно се справував со сите предизвици и различни специфики на позициите.
Оваа година, Пивара Скопје прославува 100 години од своето постоење. Ти си дел од една генерација Пиварци кои ја имаат честа да бидат дел од оваа 100-годишна прослава. Што за тебе значи да си Пиварец?
Стефан: Јас и тимот веќе одамна се подготвуваме за големиот јубилеј но нема да ви откријам што сè е вклучено во прославата. Со помош на нашите партнери The Coca Cola Company ќе подготвиме уникатни изненадувања за нашите купувачи и конзументи.
Да бидеш дел од пиварското семејство е гордост и привилегија која треба да се почитува. Пивара Скопје е 100 години градена традиција и култура која нашата генерација ја негува и го трасира патот за следните 100 години. Оваа прекрасна 100 годишна “дама” испишала значителен дел од историјата на нашата земја, а ние имаме можност да кажеме дека сме дел од неа – нели е тоа гордост?
Во добро и во лошо тимот Пиварци секогаш наоѓа решенија за сите предизвици, победнички излегува од секоја битка и расте во духот на партнерство и заедништво.