МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ПИВОТО 2023 — ВКУС КОЈ ОБЕДИНУВА

Секогаш е убаво да се празнуваат, слават и почитуваат националните празници кои нѐ потсетуваат на патот низ историјата кој сме го изврвеле како народ, будејќи гордост и самопочит. Но, не треба да ги забораваме и празниците кои нѐ потсетуваат дека сме само дел од големото патешествие на целото човештво. Празници кои ги слават универзалните придобивки на културно-историското наследство. А дали сте знаеле дека и пивото има свој меѓународен ден? Тој ден е токму денес. Иницијативата за прослава на Меѓународен ден на пивото се случува во Санта Круз, САД, во 2007 година. Основачите на овој празник биле водени од три главни почетни цели:

— да се промовира пријателството преку уживање во вкусот на пивото

— да се слават пиварците ширум светот одговорни да го овозможат ова задоволство

— да му се даде уште еден благородоен повод на светот да се обедини, овојпат преку сите вкусови на пивото од целиот свет.

Од 2007 до 2012, Меѓународниот ден на пивото се славел фиксно на 5 август. Потоа било изгласано празникот да биде подвижен и да се слави секој прв петок во август.

Може слободно да се каже дека изборот на овој датум е произволен. Не ни може поинаку, затоа што точниот датум на првото пиво не може да се утврди, од едноставна причина што пивото е вткаено во самите основи на општочовечката култура уште од праисториските времиња. Според некои научници, токму пивото е еден од двигателите за појавата на првите градови и цивилизацијата. Покрај археолошките наоди во Кина, Грузија и Иран, на кои што се најдени најстарите докази за планирано ферментирање на ориз, мед, грозје и јачмен, со цел производство на алкохол, најдени се археолошки остатоци и во плодородните полиња меѓу реките Тигар и Еуфрат, во Месопотамија. Според германскиот археолог Аделаида Ото, овие наоди посочуваат кон тоа дека во тоа време секое домаќинство правело свое пиво, кое го пиеле и мажите и жените, и возрасните и децата. Самото пиење било социјален настан, односно се пиело за време на гозби, при што сите заедно пиеле од еден заеднички сад, употребувајќи цевки од трска. Овие археолошки наоди се поткрепени и во првото литературно дело во историјата, во сумерскиот „Еп за Гилгамеш“, кој настанал во периодот меѓу третиот и вториот милениум пред нашата ера. Во редовите на ова монументално дело, токму лебот и пивото се спомнуваат како „обичај на градот“, на цивилизацијата, за разлика од напитоците од тревки и млеко од диви животни со кои се одликувал животот на номадите надвор од ѕидините на древниот сумерски град Урук.

Интересен факт е што во овие најрани древни времиња како заштитнички на пивото се јавуваат женски фигури. Таков е примерот со Сидури, божица на пивото во Гилгамеш, но и со божицата Нинкаси, на којашто е ѝ е посветана сумерската „Химна на Нинкаси“. Оваа химна, зачувана на глинена плоча датирана приближно околу 1800 г. пр.н.е. претставува прослава на волшебниот напиток кој „дава живот како што даваат живот реките Тигар и Еуфрат“, но исто така е и најстариот познат запишан рецепт за пиво. Во Египет пак, кој ја продолжува сумерската пиварска традиција, заштитничка на пивото била божицата Тјененет, божица на плодноста, исцелувањето и радоста. Во средниот век се јавува и цел еден социјален слој на „пивоварки“, т.е. „крчмарки“, во англискиот јазик познати под зборот „alewives“ (од англискиот збор ale – аловина, вид домашно пиво). Ова ни кажува дека долг период во историјата пивото било неизоставен дел од домаќинството, не помалку значајно од тоа што за нас денес претставува зимницата.

Вреди да се спомне дека уште од времето на Сумер, на граѓаните пиво им било доделувано како награда, но и следување, во зависност од нивниот социјален статус. Редовно им било доставувано пиво и на луѓето кои ги граделе пирамидите во Гиза. Пиво се пиело и на Балканот, при што било многу почитувано кај Тракијците, Пајонците и Фригијците, народи кои населувале голем дел од просторот на денешна Македонија.

Овој краток историски осврт покажува дека пиварската традиција влече длабоки корени, многу пред индустријализацијата и првото производство на чист пивски квасец во 19 век. Ова е само една од многуте причини пивото да има свој меѓународен ден.

 

Меѓудругото, Меѓународниот ден на пивото, покрај уживањето има и своја едукативна димензија преку поттикот за споделување на различни техники и рецепти за производство на пиво. Ова е целосно во духот на Пивара Скопје, која минатата година основа свој „Experience“ центар во кој, покрај интерактивна средба со историјата на компанијата и нејзиното активно учество во развојот на индустриското и културното наследство на нашата земја, посетителите ќе имаат можност и самите да си направат свое пиво. Редовната програма на центарот е сѐ уште во фаза на подготовка и може да се посети само во специјални пригоди, но активно се работи за соѕдавање услови за отворен пристап и редовни посети и активности. Дотогаш, Пивара Скопје останува на својот зацртан пат како активен чинител и општествено одговорна компанија. Ви го честитаме Меѓународниот ден на пивото и наздравуваме со чаша ладно „СКОПСКО“.

 

СПОДЕЛИ: facebook twitter linkedin

Полна чаша на Instagram