ПО СКАЛИЛАТА НА УСПЕХОТ СО АДИ ИМЕРИ: „НЕ СЕ СФАЌАМ СЕБЕСИ СЕРИОЗНО И НЕМАМ ТЕНДЕНЦИЈА ДА ИДОЛИЗИРАМ ЛУЃЕ“

Ади Имери е наш познат современ музичар, вклучен во разни музички форми, бендови, доживувања… Привлечен е од магијата на сите музички инструменти, но со гитара најчесто го гледаме на сцена. Многубројни настапи и концерти се дел од неговата кратка биографија. Се пробува во повеќе музички жанрови, истражува во повеќе музички форми и константно е во потрага по нови интересни ликови од музиката за соработка.

Ади влече музички корени од Дамир Имери, неговиот татко, наша етаблирана музичка легенда, и Будимка Имети – флејтистка, продуцентка… Затоа, музиката е азбука за Ади и неговиот брат Дино Имери, наш врвен пијанист.

 

Какви се почетоците на Вашата музичка кариера?

– Уште во пренатална фаза, додека мајка ми и татко ми биле на концерт на големиот перкусионист Боб Мозес на Скопскиот џез-фестивал, сум имал интензивна реакција на неговото свирење клоцајќи во стомакот на мајка ми – факт што ми беше пренесен многу подоцна во мојот живот, откако развив вкус за неговото свирење на “Bright Size Life”, првиот албум на Пет Метини. Би рекол дека некои работи биле исцртани пред да се родам и да тргнам на мисија.

 

Какви транзиции направивте за да бидете ова што сте денес, со што е пополнето вашето си-ви кога станува збор за кариерата?

– Мојот однос со мојава таканаречена кариера е контра од сѐ што би можело да се протолкува како бизнис-потег, така што пополнето си-ви сѐ уште немам бидејќи сум од задача на задача по принцип, оперирам од точка на длабока интуиција и не би знаел од каде да започнам. Додека трепнам, 20 години поминале исполнети со многу авантури, слатки и кисели сознанија, среќавање со генијални соработници и привилегијата да ги наречам пријатели и семејство.

 

Раскажете ни за првите работни денови… Кое беше Вашето прво работно искуство?

– Средината во која растев ми овозможи да изградам здрав и сочувствителен однос кон музиката како начин на врамување на реалноста и алатка за организирање на мојата внатрешна архитектура и екологија за да служат за истражување и развивање во константа, без конкретни експлозии и животопроменувачки.

 

Што ви беше отскочна штица и како се нижеа успесите?

– Имаше многу „аха!“ моменти досега, ама се сеќавам на еден за мене исклучително важен цитат од големиот музичар Еивинд Канг (Eyvind Kang): „Верувам дека музиката треба да расте на дрвја, да биде слободно обрана како овошка, без екстравагантноста на жетвата.“ Јасно го паметам тој момент како прелом, во смисла дека ова со што се занимавам во суштина е декорирање на аудионедвижностите, состојба на комуницирање убавина, разведена од пазарна вредност и културолошки удар. Од тој момент наваму, мојата комуникација со светот е во состојба на континуум. Сѐ што некогаш имам сработено и ќе сработам го гледам како дел од една целина, а не како скалило или потточк

 

Кои се Вашите најсилни атрибути што одиграа клучна улога во кариерата?

– Не се сфаќам себеси сериозно и немам тенденција да идолизирам луѓе.

 

Во која фаза сте сега во кариерата, во што ја вложувате Вашата енергија?

– Конкретно оваа година ја посветив на работата во театар, правејќи музика за претстави за Атриум („приПАЃАЊЕ“ и „Глад“ во режија на Хана Миленковска), Македонскиот народен театар („Хенгинг Араунд“ во режија на Бојан Трифуновски), Драмскиот театар („Парови“ во режија на Ивана Ангеловска) и Театарот за деца и младинци („Хајди“ во режија на Драгана Гунин), како и култивирање на конфузија во личниот и професионалниот живот преку работа до хардкор џез рок-панк Peach Vice, снимање албум со бендот Next to Silence, кој ќе биде издаден од СЏФ рекордс проследен со настап на отворањето на овогодишниот Скопски џез-фестивал (full circle момент!), како и работа на неколку нови изданија под мое име, формирање на дуото marumaru, едукација, работилници и триста други работи.

 

Што најмногу Ве мотивираше и инспирираше и кој најмногу Ве поддржа за да стигнете дотука?

– Морам да напоменам дека во мојот свет нема праволиниски прогрес, туку сѐ егзистира во исто време, така што повеќе немам увид во постариот модел на размислување и организација на успехот како социјална валута.

 

Кои се Вашите амбиции?

– Да останам над нивото на водата, да бидам присутен и корисен во животите на луѓето што ги сакам, да се занимавам со истражување и развој, и да си купам нови зимски панталони.

 

Сања Јачевска 

СПОДЕЛИ: facebook twitter linkedin

Полна чаша на Instagram