ЛИЧНИ ВЕШТИНИ КОИ ТРЕБА ДА ГИ ПОСЕДУВА СЕКОЈ ПРАКТИКАНТ
Наточено од
Дејан Маџоски
Во денешната брза и динамична деловна средина организациите имаат сè поголема потреба од кандидати кои се целосно подготвени да ги преземат и успешно да ги извршуваат работните обврски што ги носи секое работно место. Кандидатите кои веќе биле претходно вработени имаат добра стартна позиција во однос на ваквото барање, но наспроти нив стојат студентите кои тукушто дипломирале, немаат никакво работно искуство и им недостигаат утврдени работни навики, практично знаење и вештини. Надминувањето на ваквиот јаз не е лесно, токму поради тоа што за да научите како да работите, треба прво да работите, така што секоја добро замислена и добро искористена практикантска работа може да биде одличен мост меѓу постојните вештини и способности и оние кои треба да се стекнат.
Ние веруваме дека како општествено одговорна компанија сме должни на студентите да им помогнеме да го надминат таквиот јаз и да се подготват за идните работни места. Токму затоа Пивара Скопје има активна улога давајќи им можност за практикантска работа на студентите, со цел да им се помогне знаењето со кое се стекнале во академската средина да го применат и да го искористат во реална деловна средина. Покрај тоа, ги охрабруваме сите практиканти да бидат проактивни и да бидат отворени за постојано учење, со цел да извлечат колку што е можно повеќе од практикантската работа.
Како да се извлече најмногу од практикантската работа
Иако резултатот од практикантството во голема мера зависи од тоа како организацијата го поставила целиот процес, како гледа на практикантската работа и со која цел ја организира, голем дел од успехот на практикантската работа исто така зависи и од самите практиканти. Оние студенти кои ја започнуваат практикантската работа со мисла дека тоа е одлична можност да научат нешто ново и да ги подобрат своите вештини со цел да напредуваат и да се подготват за во иднина, ќе научат многу повеќе од оние кои учествуваат во практикантската работа само затоа што мораат. Покрај тоа, организацијата која ја нуди практикантската програма е секако можен иден работодавач, а вработените и менторите може да бидат одлични референци за понатамошниот професионален развој, така што е од суштинска важност да се остави добар впечаток.
Кои вештини им се потребни на практикантите за да извлечат што поголеми придобивки
Со цел да го извлечат најдоброто од практикантската работа, студентите мора да бидат „опремени“ со одредени вештини и способности со кои патот кон професионален успех ќе им биде полесен и поуспешен.
Во почетокот постојат одредени основни вештини кои мора да ги има секој практикант, како што се добро теоретско познавање на специфичната област и индустрија, добри компјутерски вештини (познавање на основниот пакет на „Микрософт Офис“ и специфичен софтвер поврзан со работата), како и добро познавање на англискиот јазик (што е незаменлив услов доколку практикантите сакаат да научат колку што е можно повеќе од практикантската работа во меѓународна организација). Покрај овие вештини, постојат и таканаречени лични вештини и способности кои се очекуваат од практикантите. Ќе ги разгледаме таквите вештини една по една и ќе се задржиме на најважните.
Проактивност и подготвеност за учење и подобрување.
Проактивноста е клучна доколку сакате да постигнете и да научите повеќе од она што ви се сервира. Многу често вработените и менторите се премногу зафатени и не се во состојба да им посветат поголемо внимание на практикантите од она што се поставува како минимум, така што на практикантите им преостанува да бидат проактивни и постојано да бараат да им се доделуваат нови дополнителни задачи.
Во таа насока, менторите секогаш уживаат да работат со студенти кои покажуваат желба да научат колку што е можно повеќе. Според тоа, вистинската подготвеност да научите повеќе и да напредувате ќе ги мотивира менторите да споделуваат повеќе со вас.
Работа во тим и соработка.
Секоја организација е поделена на сектори, единици и тимови. Во природата на работата е да се соработува со другите во рамките на формални или неформални тимови. Способноста за работа во тим и соработка на практикантите ќе им помогне да станат високо ценети членови на секој тим и лесно да се поврзат со останатите членови на секоја група.
Самодисциплина и професионалност.
Да се биде професионален и самодисциплиниран значи секогаш да се биде точен, да се почитуваат зададените рокови и целосно да се исполнуваат зададените задачи, со цел вработените и менторите да не мора постојано да ве следат и да ве потсетуваат на она што треба да го сработите. Исто така, да се биде професионален и самодисциплиниран значи да се почитуваат етичките правила на работното место, со што менторите ќе бидат поштедени од постојани поправки и објаснувања. На таков начин менторите ќе може на практикантите да им посветат повеќе квалитетно искористено време, што секако ќе биде корисно и за двете страни.
Позитивен став.
Ставот е една од работите кои може да внесат огромна разлика во тоа како ќе ве прифатат другите и колку ќе бидете успешни. Едноставно, вашиот став има директно влијание врз вашите дејства, а токму вашите дејства даваат резултати. Според тоа, позитивниот став во текот на практикантската работа ќе ви помогне да постигнете многу повеќе.
Емоционална интелигенција и комуникациски вештини.
Имајќи предвид дека секоја практикантска програма трае кратко, за секој практикант е особено важно да успее да воспостави добри меѓучовечки односи кои ќе му помогнат да воспостави подобри и попродуктивни врски.
Доколку практикантите сакаат да научат повеќе, да усвојат нови професионални вештини и да напредуваат, тие мора да ја разберат важноста на двонасочната комуникација и активно да слушаат. Тоа е единствениот начин на кој може да се добијат сите потребни информации, насоки и совети.
Приспособливост и сестраност.
Во современиот деловен свет изреката „преживува најдобриот“ е заменета со „преживуваат оние кои знаат да се менуваат“. Промените се константни и неизбежни, така што од особена важност е да се биде способен за прифаќање на промените. Често ќе се случи да мора да престанете со работа на даден проект или задача кои биле речиси завршени и кои од вас барале огромен напор и енергија и да се посветите на нешто друго поради тоа што во меѓувреме дошло до менување на условите. Токму затоа, како практикант, важно е да разберете дека ова често се случува и дека е важно да бидете способни да се префрлите од една на друга активност, а да ја задржите истата енергија за работа и мотивација.
Сестраноста на практикантите им овозможува исполнување различни видови задачи. На таков начин ќе се сретнете со различни работи кои ќе ви бидат од голема корист во иднина. Тоа не значи работење неколку задачи истовремено, иако и таквата карактеристика секако ја зголемува вредноста на секој практикант во рамките на тимот во кој е вклучен.
Лидерски вештини.
Лидерството и лидерските карактеристики не секогаш се поврзани со формална менаџерска улога. Истото важи и за практикантите, поради тоа што одредени лидерски карактеристики и особености, како што се, на пример, интегритетот, заложбата, страста за извонредност, чесноста и инспирацијата, се универзални квалитети кои не се поврзани со дадено работно место.
Вештини за решавање проблеми.
Во динамичната деловна средина во која функционираме речиси секој ден се соочуваме со проблеми. Често самите проблеми не се и оние вистинските. Во најголем дел од случаите, вистинскиот проблем е, всушност, ставот кон проблемите. Начинот на кој реагираме на проблемите внесува огромна разлика во начинот на кој ги решаваме. Добрите вештини поврзани со решавањето проблеми може да ни помогнат во решавањето дадени проблеми пред тие да станат уште поголеми, така што енергијата се насочува кон продуктивна работа, а не кон постојано справување со предизвици.
Вештини за градење професионална мрежа.
Во текот на секоја практикантска работа ќе се сретнете со голем број вработени и менаџери. Тоа е, секако, одлична можност да почнете со градење сопствена професионална мрежа која ќе ви биде од огромна корист за идната професионална кариера.









