ПИВАРА СКОПЈЕ Е ПРИМЕР ЗА КОМПАНИЈА СО РОДОВА ЕДНАКВОСТ ВО КОЈА СИТЕ ИМААТ ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ ЗА НАПРЕДУВАЊЕ

Во минатото, светот на финансиите беше, многу повеќе, свет на мажите. Ако се сеќавате, дури и во филмовите “the clerk” оној во банка или голема компанија, најчесто беше господин кој со должно внимание се грижеше за финансиите на компанијата и клиентите. Денес, жените се дел од финансиските сектори на речиси секоја компанија, а многу од нив се и на високи раководни функции. Нашата денешна соговорничка е Магдалена Христова. По професија дипломиран економист, Магдалена веќе 3.5 години работи во Одделот за финансии на Пивара Скопје како Финансиски контролор, а нејзината работа е повеќе од комплексна бидејќи води тим од околу 20 луѓе, задолжена е за контрола на финансиите и подготовка на финансиски извештаи за работењето на компанијата.

Magdalena HristovaКажи ни нешто за твоите почетоци… Каде ја започна својата кариера, како се вработи во Пивара Скопје и како напредуваше?

Бројките беа моја опсесија уште од дете и бев предодредена за нив веќе од средно училиште. Завршив средно економско училиште, а потоа и Економски факултет, отсек Финансиски Менаџмент. Веднаш по завршувањето на факултетот, во 2002 година се вработив во ПроКредит Банка. Таму научив дека она што си го учел на факултет како теорија сосема се разликува  од она што се применува во пракса и дека навистина е потребно да се вложи многу труд за да се разбере работата. Во текот на 10-те години поминати во банка, се стекнав со искуство градејќи ја својата кариера по природен пат, која благодарение на вложениот труд  се движеше во нагорна линија. Започнав како Кредитен Аналитичар, потоа следеше првото унапредување во Раководител на Сектор Финансиска Контрола, па Раководител на Сектор за позадинска обработка на податоци и конечно, Раководител на Сектор Финансии. По 10 години поминати во банкарскиот сектор го прифатив предизвикот и позицијата Финансов Директор на Carrefour во Македонија. Овој чекор беше огромен предизвик за мене, пред се заради промената од секторот услуги во секторот трговија, како и предизвикот и одговорностите кои ги носеше позицијата. Работата во динамичното окружување во секторот трговија, потребата од секојдневно донесување на одлуки за натамошен раст во бизнисот, ме направи уште посилна и похрабра и само ми ја потврди изреката на Пауло Коелјо дека доколку нешто силно посакуваш, целиот универзум ќе се насочи кон остварување на твојата цел.

По две години поминати во секторот трговија, добив понуда да се приклучам кон тимот на Пивара Скопје. За мене тоа беше неверојатна промена, нов предизвик и можност за уште поголема професионална надградба, работа во нова и сосема поинаква средина во секторот-производство. Во Пивара Скопје дојдов на позицијата Внатрешен Ревизор. Оваа позиција ми овозможи брзо учење на процесите и процедурите во компанијата, како и можност да го дадам својот придонес преку предлози за подобрување на истите. Мојата желба за учење нови работи и проактивниот пристап во работата набрзо беше препознаена од моите претпоставени по што добив нов понуда за позицијата Финансиски Контролор. Предизвик, кој секако го прифатив и кој секојдневно ги проширува моите хоризонти и познавања на полето на финансиите и производствената индустрија.

Magdalena HristovaШто опфаќа твојата работна позиција?

Работната позиција Финансиски Контролор во Пивара Скопје опфаќа одговорност за повеќе оддели во рамките на Секторот Финансии: Сметководство, Бази на податоци, Кредитна Контрола и Финансиско Известување и Буџетирање. Оваа позиција подразбира секојдневна комуникација,  поддршка на купувачите и навремено одговарање на нивните барања, поддршка на останатите сектори во компанијата со цел навремено извршување на планираните проекти и активности. Истовремено, оваа позиција е задолжена за контрола на навремено евидентирање на сметководствените документи со цел точно и навремено изготвување и доставување на извештаи согласно локалната законска регулатива. Бидејќи Пивара Скопје е акционерско друштво, мојата одговорност на оваа позиција е и месечно доставување на извештаи за работењето на компанијата до нашите акционери, како и изработка на годишен бизнис план. Во една реченица, многу комплексна, но истовремено позиција полна со предизвици и  одговорности.

Magdalena HristovaКои се клучните вредности и вештини што секојдневно ги применуваш со цел да бидеш успешна и успешно да го водиш својот тим?

Јас уживам во секој момент што ми го носи мојата работа. Според мене, клучните фактори за успех се љубовта кон работата која ја работите, страста кон нови предизвици и секојдневна комуникација, поддршката и довербата во и од членовите на тимот. Доколку има меѓусебно разбирање, комуникација и доверба тимот ќе функционира како едно. Подеднакво важно е и вработените да чувствуваат дека се дел од секој проект и дека задоволството од успешно завршените проекти е заедничко. Успехот, според мене, е резултат на тимска игра, а тоа пак е доказ дека целиот труд, време и љубов кои сум ги вложила во работата и градењето на тимот не се залудни.

Magdalena HristovaКои се твоите најголеми достигнувања во кариерата, нешто што те прави осоебно горда?

За еден човек да се чувствува исполнет и горд, потребно е да е исполнет и на приватен и на професионален план, односно достигнувањата во кариерата и во приватниот живот се делови од една целина. Затоа, јас ќе издвојам две нешта кои ме прават особено горда: моето континуирано учење, усовршување и напредување во кариерата, надополнето со континуираната поддршка од мојот сопруг и плодот на нашата љубов-нашите две деца.

Magdalena HristovaСпоред тебе, каква е улогата на жените во подобрувањето на родовата еднаквост во деловната средина?

Според мене, сите чинители во општеството подеднакво можат да придонесат за подобрување на родовата еднаквост во деловната средина. Денес компаниите, во изборот на кандидатите,  сѐ повеќе посветуваат внимание на квалитетот и компетенциите кои ги поседуваат, а не на половата припадност. За жал, во нашиот регион се уште преовладува мислењето дека жената треба да биде посветена на децата, семејството, а мажот е оној кој треба да работи. Среќна сум што Пивара Скопје е пример за компанија во која родовата еднаквост се потенцира како предност и сите имаат подеднакви можности за напредување.

Magdalena HristovaКоја е формулата на една деловна жена која успеала во сè: да има среќно семејство и успешна кариера.  Постои ли начин да се воспостави рамнотежа помеѓу приватниот живот и кариерата?

Не постои едноставна формула и едноставен одговор на ова прашање, но пред сѐ важна е поддршката од колегите и поддршката од семејството. Живеам со мислата дека сѐ е можно и сѐ може да се направи ако навистина се сака. Во таа насока, ќе ја цитирам Mary Kay Ash која вели “Аеродинамички, бумбарот не би требал да биде во состојба да лета, но бумбарот не го знае тоа, па секако лета”. За да бидете сто процентно посветена мајка и сопруга, трпи професионалниот живот.  Да се биде успешна на професионално поле, во одреден момент страда приватниот живот. Важно е да знаете како да направите компромис, да имате јасна визија за вас и вашата иднина и секогаш пред себе да ја имате целта која сакате да ја постигнете во животот.

Magdalena HristovaКоја е вашата најголема поддршка во животот?

Поддршката од најблиското семејство, децата, сопругот, родителите се нешто незаменливо и непроценливо. Радоста на детските лица после напорниот ден на работа е најголемото богатство и гледајќи ги нив, почнуваш да ја сфаќаш смислата на животот.

Magdalena HristovaКое е твоето животно мото?

Моето животно мото е сонувајте затоа што секој сон кој доволно силно го посакувате станува реалност.

Полна чаша на Instagram