










10 ИНСПИРАТИВНИ КНИГИ ЗА ВАШАТА КАРИЕРА












Научно е докажано дека читањето ја подобрува интелигенцијата, меморијата и социјалниот живот. Но исто така, книгите имаат големо влијание на креативноста, иновативноста, во подобрувањето на личноста, а служат и како инспирација во животот и во кариерата, независно дали сте почетник или напреден професионалец.
Во продолжение ви нудиме листа на книги во издание на Арс Либрис, кои ќе ве инспирираат и ќе ви помогнат да напредувате во вашата кариера, без разлика во која област. Ви предлагаме неколку инспиративни биографии и автобиографии на најголемите визионери од различни професионални области, како и книги кои ќе ве мотивираат да работите на себе и ќе ви ја зајакнат самодовербата.
Тишина – моќта на интровертните во светот што не престанува да зборува
Сузан Кејн
Многу долго оние што природно се тивки, сериозни или чувствителни биле превидувани. Најгласните доминирале – дури и кога немале ништо да кажат. Но наспроти ваквите мислења, многу од успешни личности се всушност – интровертни.
Барем една третина од луѓето што ги познаваме се интровертни. Тоа се оние кои повеќе слушаат одошто зборуваат, повеќе сакаат читање отколку луди забави, сакаат да креираат и иновираат но не сакаат себепромоција.
Оваа книга претставува мала револуција во тоа како се гледа на интровертните личности. Сузан Кејн во „Тишина“ зборува како светот ги потценува интровертните. Таа опишува како работи мозокот кај интровертните, а како кај екстровертните личности, и како светот гледа на едните и на другите. Кејн притоа им дава алатки на интровертните како подобро да се разберат себеси и максимално ги искористат своите капацитети и предности, да ја впрегнат својата сила.
Паун во земјата на пингвините
Б. Џ. Галагер, Хејтли Ворен и Х. Шмит
„Паун во земјата на пингвините“ дава проникливи видувања во однос на проблематиката на креативноста и иновативноста на работното место – и тоа на мошне симпатичен начин.
Користејќи го концептот на басна и следејќи ги авантурите на Перо Паунот и други егзотични птици кои се обидуваат да си најдат место под сонцето во Земјата на Пингвините, таа ни помага да видиме што може да се случи кога целосно и храбро се обидуваме да се изразиме во средина создадена од извршни директори и раководители кои на светот гледаат многу поинаку од нас.
ДА! 50 Тајни на науката на убедувањето
Стив Ј. Мартин, Ноа Ј. Голдстајн и Роберт Циалдини
Кој дел од канцеларискиот материјал може да го зголеми вашето влијание? Кој еден единствен збор ќе ја зголеми вашата убедливост? Како можете да станете џедај-мајстор на социјалното влијание? Која е активната состојка на трајниот успех? Зошто некој би одбрал „мерцедес“, а е вљубен во „БМВ“?
Сигурно би сакале вашите колеги повеќе да се согласуваат со вас, вашите деца да си ја пишуваат домашната и соседите да престанат да расфрлаат ѓубре наоколу.
Без разлика дали работите во маркетинг, адвертајзинг, менаџмент или продажба, или едноставно сте љубопитни како да сте повлијателни во секојдневниот живот, книгата „Да!“ ќе ви помогне да откриете како преку мали промени, научно докажани, промени во вашиот пристап може да има драматични ефекти врз вашите убедувачки вештини.
Како ја изгубив невиноста (автобиографија)
Ричард Бренсон
Ова е вистинска и возбудлива приказна на претприемачот зад империјата „Вирџин“. Ричард Бренсон со свои зборови раскажува за својот живот и за личната филозофија на живеење. А кога станува збор за бизнисот, но и за другите нешта, сер Ричард Бренсон има едноставна филозофија: забавувај се најмногу што можеш – дури и ако тоа бара да ги прекршиш сите правила!
Тоа е таа филозофија заради која на шеснаесетгодишна возраст се откажал од школувањето, за да го основа револуционерниот магазин „Студент“ (кога му било речено дека од него се очекува да стане или криминалец или милионер), да ја именува музичката компанија „Вирџин“ (со значење девица, како одраз на неговото неискуство во бизнисот). Низ истите години успева да ги издаде некои од најважните албуми во музичката историја, како оние од Секс пистолс, Џенет Џексон и Ролинг стоунс, да урне многу светски рекорди со своите луди авантури и да изгради деловна империја вредна милијарди долари. Ова е неговата приказна, која ја раскажува со свои зборови и е како и сè останато во врска со Бренсон – забава.
Автобиографијата на Ричард Бренсон е многу повеќе отколку само збир од записи и мемоари – таа е приказ на неговиот живот и на начинот на работа, кои се сè само не обични. Но, уште поважно, таа е и ултимативен деловен водич што ги открива неговата уникатна филозофија на тргување, извонредниот успех и неговиот живот.
Напред! Како Старбакс се бореше за својот живот без да ја изгуби својата душа
Хауард Шулц
На 26 февруари 2008 година, муштериите од 7.100 продавници на Старбакс во Соединетите Држави беа замолени да си заминат. Во следните три часа секој барист во секој Старбакс беше повторно воведен во уметноста на подготвување совршено еспресо! Настанот беше без преседан, но докажуваше само колку сè попоразителни стануваат работите во компанијата која не смееше да си дозволи уште една грешка.
Втората најтешка работа во бизнисот е да се изгради успешно претпријатие – најтешката е да се менаџираат пресвртите, а сепак да се остане достоен на базичната култура и на вредностите на организацијата. Ова е класичен пример како тоа може да се постигне.
“Напред!” на Хауард Шулц е една од најважните книги за лидерство и за промената на нашето време, и за секоја генерација на лидери.
Тајните на иновациите на Стив Џобс
Кармин Гало
Бестселер-авторот Кармин Гало ги споделува најпознатите, најоригиналните и најефективните стратегии на извршниот директор на Епл, Стив Џобс, кои ја будат вистинската креативност и иновација – на кое било работно место. Стив Џобс не е само некој извршен директор на некоја технолошка компанија. Стив Џобс е човекот кој ја измени музичката дистрибуција, го ресоздаде мобилниот телефон и од корен го промени книгоиздаваштвото.
Во „Тајните на иновациите на Стив Џобс“, Кармин Гало ни го предава вистинскиот начин на размислување на Стив Џобс и на Епл. Оваа книга не е само за луѓето во маркетингот и во технологијата, иако и тие ќе имаат корист од една таква проникливост во нивните светови. Наменета е за сите оние што имаат интерес во технологијата и сакаат да осознаат како да размислуваат во насока на дизајнирање на едноставни уреди што ќе ни го изменат животот.
Книгата претставува инспиративен акционен план за секој што сака да го живее животот исполнет со страст и што има цел.
Момчето милијардер: Марк Закерберг со свои зборови
Џорџ Беам
Навидум позната приказна – уште една бубалица која успеала во животот. Марк Закерберг, детето гениј, го напушта Харвард за да го основа Фејсбук, гигант и социјална мрежа која го редефинира светот каков го познаваме. Тој станува најмладиот милијардер во светот на сите времиња, што самиот го заработил своето богатство.
Но вистинската приказна е нешто посуптилна. Се работи за трансформацијата на Закерберг од програмер-самотник, без никакви социјални вештини, во еден успешен менаџер и инспиративен лидер. Како Закерберг ја употреби сопствената хакерска филозофија, опишана со слогани како „Движи се брзо и скрши нешто“, за да создаде неверојатно успешен бизнис?
Покривајќи сè, од почетокот на неговите рани денови на Харвард, па сè до станувањето јавна компанија, па и понатаму, „Момчето милијардер“ претставува една детална колекција од Закерберговите мисли, изјави и предвидувања за иднината, исто како и туѓи увидувања за Закерберг и феноменот Фејсбук. Извадени од интервјуа, говори, допишувања и написи на Фејсбук, овие обелоденувачки изјави ја покажуваат конкретната генијалност на бубалицата.
Сергеј Брин и Лери Пејџ: Основачите на Гугл
Стефани Самартино Мекферсон
Гугл се има инфилтрирано во секојдневните животи на милиони луѓе. Но, гигантската компанија има многу скромни почетоци. Во 1996 година, Сергеј Брин и Лери Пејџ биле дипломирани студенти на Универзитетот Стенфорд кога одлучиле да измислат нов начин за пребарување информации на Глобалната мрежа. Нивниот технолошки проект наскоро станал пребарувач и компанија, по име Гугл (Google). Тој пребарувач го смени начинот на кој информациите се добиваат и се контролираат на Интернет, правејќи ги полесно достапни, побрзи и поважни.
Под раководство на Брин и на Пејџ, Гугл стана меѓународна велесила, со бескраен обем на сервиси – од G-mail до Google Earth, па сè до паметните телефони. Google е познат и по своите работни канцеларии од фантазијата, надополнети со гурмански готвач и со скутери.
Оваа биографија на двајцата основачи на Гугл претставува инспирација за секого, без разлика дали е на почетокот на својата кариера или е искусен професионалец или лидер.
Сергеј Брин и Лери Пејџ продолжуваат да сонуваат за возбудливи вложувања во иднина, а светот чека да види што е следно.
И така, ви велам…
Џон Клиз
Автобиографијата на Џон Клиз, „И така, ви велам…“, е сето она што се очекува од нејзиниот автор – луцидна, промислена, провокативна и пред сè – забавна историја за тоа како едно високо, срамежливо момче од Вестон-супер-Мер стана своевидна легенда.
Во овој интензивен и реномиран мемоар, Клиз ги води читателите на една голема турнеја низ неговиот подем во светот на шоу-бизнисот поаѓајќи од скромните почетоци во сонливиот роден град и раните комични денови на универзитетот Кембриџ (во друштво на идниот партнер во славните „Монти Пајтон“, Греам Чепмен) до основањето на прочуената комична група што ќе му донесе светска слава.
Низ изненадувачки приказни и смешни дигресии со кратки попатни поетички паузи за тоа што е смешно, според една своја издржана дефиниција, и зошто е така, Клиз ја раскажува личната метаморфоза од млад комичар во мајстор на изведбата. Оваа исклучително досетлива и забавна автобиографија може да послужи како корисно четиво за оние кои размислуваат да влезат (или сакаат да напредуваат) во шоу-бизнисот.
Алекс Фергусон: Мојата автобиографија
Алекс Фергусон
Инспиративната приказна на, според многумина, најголемиот менаџер на сите времиња. Преглед на неговите скромни почетоци, неколкуте „мрачни години“ без титула на клупата на Јунајтед, дострелите на Генерацијата ’92 предводена од Гигс, Сколс, Невил, Бат и Бекам, потпишувањето со Кристијано Роналдо и Вејн Руни, ривалството со Венгер и Бенитез, обостраната почит со Жозе Мурињо – сè до возбудливиот проштален натпревар со Вест Бромвич на крајот од предминатата сезона.