
ДЕТСКА ЗАБАВНА И ЕДУКАТИВНА ПРОГРАМА СО КОЈА РАСТЕА „ДЕЦАТА ОД 90-ТЕ“


Back to School! Првиот училишен ден, ме врати години наназад кога прв пат тргнав во училиште и кон сите години кога повторно се враќав во клупите. Секоја генерација носи свои предизвици и своја магија. Околностите на децата денеска се различни од оние кога растевме ние. Тоа не подразбира натпревар чие детство било поубаво или побогато, туку само напредок и промената која доаѓа со него. Но, за моето детство ме врзуваат позитивни, весели и шарени сеќавања.
Јас како дете во деведесетите години до многу скоро не го разбирав популаризирањето на идејата за „Децата од 90-те“. На почетокот секако, мислев дека тоа е само едно популаризирање на одреден термин кој и нема значење. Но, кога подобро ќе размислам јасно ми е зошто постојано се споменува тој феномен за децата од 90-тите. Впрочем, тие беа последните генерации кои ги исклучија старите телевизори, ги извадија касетите од касетофоните и вокмените, го испратија минатиот милениум и со радост влегоа во новиот. А таму пак, се соочија и ја прегрнаа идејата за молскавично брзиот развој на технологијата. Многу истражувања се обидуваат да го докажат токму тоа – генерацијата на последната декада од минатиот век е многу борбена и прилагодлива, генерација на промена.
Технолошкиот развој за време на овие 20 години, донесе промени во стилот на живеење, културата, забавниот живот, не само кај нас туку и на глобално ниво и тоа не влијае само на детската забавна програма туку и на светот на возрасните. Но, јас лично сметам дека од децата започнува сѐ и затоа сум среќна што сум дете кое растеше со широк спектар на квалитетна забавна, културна и едукативна програма.
Бушава азбука! – култна едукативна и забавна програма! Го става акцентотот на вредноста и посебноста на јазикот и неговото изучување го прави супер забавно! Песната на азбуката стана основна мелодија кога децата ја кажуваат азбуката. Дури некои од нив не можат да ја кажат без оваа мелодија.
Во светот на бајките – волшебни приказни инспирирани од фолклорот, секогаш интересни и секогаш со поука!
Наше маало – Серијал кој зближува и руши јазични, етнички и возрасни граници. Омилените ликови, песни и заплети на секого од старо до младо!
Умни глави – деца претставени како едно тричлено семејство кое се соочува со проблемите од секојдневието и на крајот секогаш има голема поука до која стигнуваат заедно!
Големи и мали – Серијал направен по истоимениот детски роман на Бошко Смаќоски. Одличен стимул за децата да сфатат дека книжевноста има своја убава страна, а не е само задолжителна обврска.
Сител бамбини – супер забавно детско шоу, каде беше доживување ако успееш да одиш во живо да го гледаш!
Ѕвон – убаво беше да се има емисија со интервјуа и едукативна програма посветена од младите за младите.
Дајте музика – две продолженија од по 10 епизоди (1993, 1995 година), стана детска програма со трајни вредности, со која израснаа неколку генерации, а децата имаа модели на позитивна идентификација, каде преку игра, забава и песна се испраќаа пораки до сите кои беа пред малите екрани.
Си – До фестивал– Супер хитови излегоа, кои и денес служат за џускање и како успиванки.
Фестивал Златно славејче – Основан 1971 година од страна на неколку членови на Советот за грижа и воспитување на децата, и тоа: Александар Џамбазов, Васил Пујовски и Благоја Јордановски. Но, секако голем хит во 90-те години.
Супер ѕвезда- Започнува со работа во 1998, а во јавност излегува 1999. Супер забава од која останаа некои култни детски песни како „Чадорче“.
Цртани во 9 часот наутро – Коj не ги памети цртаните за Металниот џин, Диносаурусот мало стапало, Кралот лав, серијалот цртани поддржани од УНИЦЕФ за девојчето Мина кое се соочуваше со различни проблеми сакајќи да покаже на добро воспитување и позитивни навики?! Том и Џери, Пинк Пантер и многу многу други! Супер начин за децата сами да сакаат да стануваат наутро.
Boomerang, Cartoon network- толку голем избор на цртани, што буквално за сечиј вкус имаше по нешто (паметам, еден другар се лутеше зошто рекламите помеѓу цртаните биле само за женски – тоа е доказ кон тезата дека од мали сме биле бунтовна генерација 😊 )
Театар за деца и младинци – јас паметам полна сала до последно седиште наполнета на секоја претстава, а ние бевме присутни буквално на секоја! Дури и родендени славевме таму 😊
МКЦ игротеката – Тоа беше доживување од највисок степен, забавен парк по тогашна најнова мода – на затворено, со играчки излезени од фантазија!
Убави спомени ни врати овој трети септември, но ова не е носталгичарски текст за некое поминато време. Ова е мотив за да се посвети поголемо медиумско време и простор за културна, едукативна и забавна програма за децата, затоа што така се развива размислувањето кај децата и суптилно се гради личноста која ќе станат подоцна.
Колку чавки толку петки, сите се за вас!