ДАБЛИНСКИ ПИВСКИ ПРИКАЗНИ

Добра вежба би било да се обидете да поминете низ Даблин без да налетате на паб“ вели Леополд Блум, лик во „Улис“ на Џејмс Џојс. Па, се чини дека и тоа е можно иако не е едноставно. Имено, Рори Мекан, софтвер девелопер, развил специјален алгоритам за да нацрта пат од еден до друг крај на градот без да налета на паб.

The Brazen Head се смета дека е најстариот паб во Ирска, чија историја се протега до далечната 1198 година.  The Dawson Lounge е најмалиот со само 2,78 м2, а The Black Sheep го послужува најјакото пиво со дури 14% алкохол.

Downey’s pub во Дан Лаогар пак е славен по штрајкот на персоналот кој траел дури 14 години. Сопственикот отпуштил еден бармен по што синдикализираниот персонал започнал штрајк и сите биле веднаш отпуштени. Но, секој ден во смени се собирале пред пабот и штрајкувале попречувајќи ги гостите и нормалната работа. Штрајкот привлекол огромно внимание во меѓународни рамки до тој степен што кога ирски рибарски брод, управуван од човек од даблински Дан Лаогар, наишол на германски брод за време на Првата светска војна, главниот офицер на подморницата се распрашувал дали во Downey’s pub се уште трае штрајкот.

Даблин е град на пивото каде пабот е институција чии правила важат за сите, па и за Квентин Тарантино. Една од многубројните анегдоти што се раскажуваат во даблинските пабови вели дека познатиот режисер бил одбиен од персоналот во Stag’s Head кога побарал да го послужат со една кригла по завршување на работното време. Секако Тарантино пробал со репликата „Знаете ли кој сум јас?“, но не му успеало.

Друга филмска легенда со даблинска приказна е режисерот Серџо Леоне. Сцена од филмот „A Fistful of Dynamite“ била снимена во Toner’s. На ѕидот се уште има негова фотографија како држи пушка во пабот.

Многу даблински пивски приказни се раскажале во Against the Grain, Brew Dock и  The Black Sheep, пабови за кои се смета дека имаат најширока понуда. 23 видови точени пива и над 100 брендови флаширано пиво од цел свет се послужува во овие 3 даблински институции.

Полна чаша на Instagram