Култура

ИНТЕРВЈУ СО Г-А НАТАША ПОПОВИЌ, ДИРЕКТОР НА ОХРИДСКО ЛЕТО 2022

Овогодинешното Охридско лето, 62-ро по ред е во полн ек. Да започнеме со поедноставно, тековно прашање:

П: Колку сте задоволни од завршената  работа лично од Вас како прв човек на Охридско лето, секако и од другите чинители, при организацијата, припремите, и еве сега и од остварувањето на оваа значајна, повеќедецениска и најпозната манифестација кај нас?

Поповиќ: Ќе биде нескромно ако се фалам себеси, ама слободно можам да кажам дека сите, почнувајќи од мене до сите останати чинители на фестивалот го дадовме максимумот за да почне годинешното Охридско лето така како што доликува на еден фестивал кој ужива огромна репутација во регионот. Свеченото отворање на 12 јули беше величенствено, Античкиот театар ја собра повеќеилјадната публика која уживаше во четирите врвни италијански тенори Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини кои создадоа волшебна ноќ под диригентство на маестро Лоренцо Бицари. Убаво ни започна фестивалот, а ние како тим се уште го даваме максимумот секоја вечер до 20 август да биде посебна за аудиториумот. Сите чинители на фестивалот се на ниво на задача што многу ме радува.

П: Годинава на Охридско лето ќе настапат повеќе од 1000 уметници од 25 земји ширум светот. Дали вие заедно со селекторите на програмата на овогодинешното Охридско лето успеавте да ги донесете уметниците кои ги посакувавте да бидат дел од оваа наша традиција?

Поповиќ: Повеќе од 1000 уметници од 25 земји се дел од овогодинешното Охридско лето. Програмата за едно фестивалско издание започнува да се подготвува веднаш по завршувањето на претходното зашто, како што е познато, уметниците имаат однапред утврдени агенди и многу е тешко да се планира нивното учество во пет минути до дванаесет што би рекле. Затоа, уште по завршувањето на 61 издание во август минатата година започнавме со работа на ова издание. Програмата,  сметам дека му доликува на еден голем и значаен фестивал како нашиот. Секогаш има некој уметник што не успеваме да го донесеме заради сплет на околности, но најголемиот дел од оние кои сме ги испланирале ги имаме на нашите сцени и сите се познати и признати во она што го работат.

П: Колкава поддршка е потребна за успешна организација на една ваква манифестација од светски рамки, и од кого се ја добивате истата?

Поповиќ: Поддршката од сите чинители е најважна, почнувајќи од покровителот, Претседателот на државата, преку ресорното Министерство за култура кое годинава издвои многу повеќе средства за реализација на фестивалот, а благодарност и до сите спонзори кои го поддржуваат Охридско лето, меѓу кои и Пивара Скопје. Особена чест ни е што Пивара Скопје и оваа година, кога одбележува 100 години јубилеј, се дел од оваа манифестација. Се надевам дека и во иднина ќе го продолжиме нашето долгогодишно партнерство кое трае повеќе од 30 години и заедно ќе создаваме моменти вредни за паметење и ќе придонесуваме кон заштита на традицијата, културата, уметноста. Тука се и медиумите, нашите верни пријатели кои даваат огромна поддршка на фестивалот. Поддршка добиваме и од публиката која заминува задоволна од концертите и драмските претстави, а со тоа ни дава поттик да и’ го понудиме најдоброто.

П: Минатата година во Ноември, на Генералното собрание на Европската фестивалска асоцијација(ЕФА), Вие како прв човек на Охридско лето бевте именувани како еден од петте почесни  делегати во конкуренција од 170 делегати од сите земји членки на оваа асоцијација. Охридско лето е членка од 1994 година. На кој начин ова признание ќе отвори нови врати, можности и патеки  за Охридско лето во смисол на понатамошно етаблирање и искачување на скалилата на успешноста во глобални рамки?

Поповиќ: Титулата почесен делагат ја добив во Гелвеј, Ирска на 68 Генерално собрание на ЕФА. Охридско лето е член на ЕФА од 1994 година, а тоа се должи на квалитетот што овој фестивал го негува веќе 62 години. Да не звучи нескромно, но Охридско лето се вбројува меѓу најдобрите пет фестивали  во Европа, не само по долгиот стаж на постоење туку и по квалитетот на програмата. ВО ЕФА има повеќе од 350 делегати меѓу кои директори на фестивали и на културни установи. Меѓи почесните делагати се вбројуваат музичари, а како што е познато, и јас сум уметник-пијанист. Средбите со претставниците на ЕФА секогаш ме радуваат затоа што на тоа гледам како можност за поголем развој на фестивалот и искачување по нагорните скалила.

П: Откако сте на чело на ваква врвна манифестација афирмирана во светски уметнички достигнувања, секако дека сте се соочиле со  голема макотрпна работа која исискува многу труд, напор, но и огромна желба и мотивација-двигатели како гарант за успех. Дали може да ни откриете  кој или што е најголемиот предизвик кој го имате како прв човек на една ваква манифестација?

Поповиќ: Многу тешко можам да одговорам на ова прашање. Најголемиот предизвик во мојот живот е музиката, почнувајќи  од класичната, таа е мојот свет, мојот микрокосмос. Се додека сум во тој свет и работам во тој свет, не гледам макотрпна работа, туку огромно задоволство што не може да се опише со зборови. Работата и во текот на годината кога се прават подготовки, и кога ќе започне фестивалот, не ја забележувам бидејќи вечерните концерти се празник за душата и секој добар концерт ми дава поттик да се носи најдоброто и  понатаму. Ова е фестивал кој бара огромна организација и трае 40 дена, но, пак ќе кажам,  тоа е мојот свет и тоа е она што јас најдобро умеам да го сработам.

П: Ако дозволите, едно конструктивно –критичко прашање:Што според Ваше мислење треба да се подобри во иднина за Охридско лето да биде  уште поуспешна манифестација, кои се слабите  точки кои треба постојано да се подобруваат за да Охридско лето  без двоумење е дел од светската елита на културни манифестации?

Поповиќ: Уште кога ме назначија за директор на оваа установа, за мене секоја година треба да биде подобра од претходната. Тоа не значи дека има слаби точки туку дека секогаш има нови идеи и мотивации од претходната за наредната година. На Охридско лето, во поглед на програма и квалитет на програма не му недостасува ништо. Треба секоја година да има нови уметници, нови доживувања, нови предизвици. Можеби на градот Охрид му недостасува една концертна сала без разлика што нашиот примат е црквата Света Софија поради која и опстанал овој фестивал 62 години заради нејзината безвременска акустика. Тука се и отворените сцени Долни Сарај и Антички театар, но кога временските услови се непогодни, би сакала градот Охрид да има алтернативна опција-една друга затворена сала која би ја користеле и други институции за конгреси, симпозиуми, а и ние од Охридско лето би можеле да ја искористиме и за семинари, работилници и за одредени театарски претстави, а може и за некој поголем концерт.

П: Каква е Вашата визија за Охридско лето 2032?

Поповиќ:  Да ми се поставеше ова прашање пред четири години можеби многу полесно ќе го одговорев заради тоа што за прв пат  човештвото се соочи со една страшна здравствена пандемија предизвикана од КОВИД-19 која ни беше од ден за ден опстанок и страв, па ниту јас, ниту сите останати луѓе можевме да планираме толку  долгорочно. Сега мојата визија за Охридско лето е пред се да бидеме сите здрави и среќни, да успееме да се пробиеме низ оваа пајажина во која сме вплеткани и заради вирусот и заради глобалната економска криза што го зафати целиот свет, па не нѐ одмина и нас. Имам визија Охридско лето да го задржи тоа што го работи, да не го смениме веќе трасираниот пат, но да има и многу други новини. Во план ми е, Охридско лето да има свој оркестар којшто се надевам дека ќе успеам да го реализирам веќе следната година. Во него ќе има домашни музичари, како и музичари од Србија и Албанија. Знаете, на неодамнешниот самит „Отворен Балкан“  што се одржа во Охрид, на панелот за култура сите регионални земји се согласија  дека Охридско лето е најголемото културно наследство во нашата земја што ме направи многу среќна. Токму заради тоа, должам да направам нешто ново за тој фестивал и ќе почнам со формирање оркестар на Охридско лето.

Без разлика што ги имаме донесено најдобрите уметници на фестивалот, секоја година излегуваат нови и нови врвни уметници, музичари или актери и затоа посакуваме сите да ги имаме. Мојата визија е да се направи и филмска продукција, да се воведе филмот во фестивалот. Можеби звучи нелогично, но доколку останам на чело на оваа национална установа, ќе имаме конекција со најголемата филмска индустрија во САД, Холивуд. Не би сакала да откривам пред време, но за в година имаме во најава голема холивудска ѕвезда којашто ќе биде во програмата на фестивалот, но за тоа потоа.

СПОДЕЛИ: facebook twitter linkedin

Полна чаша на Instagram