Студентско катче

КОГА БЕВ СТУДЕНТ СО БРАНКА КОСТИЌ-МАРКОВИЌ, ЕТНОМУЗИКОЛОГ: ВОЛОНТИРАВ И ЗАРАБОТУВАВ ХОНОРАРНО УШТЕ ОД 16 ГОДИНИ

Од матурското табло

Уметноста ѝ е животна определба – со музика, литература и култура растела од мала, а и сѐ што работела подоцна било поврзано со уметноста. Иако во семејството немала никој конкретно посветен на уметноста, нејзините родители ја поддржувале во остварувањето на желбите и поривите. Бранка Костиќ-Марковиќ е магистер по етномузикологија, а конечно од лани, по повеќе од 20 години работно искуство, стана уметнички раководител во Ансамблот за народни песни и ора „Танец“. Таа беше речиси две децении новинар и музички уредник во ТВ „Телма“, а потоа уредник во издавачката куќа „Арс Ламина“, со која сѐ уште го реализира проектот „Астрорум“.

Со Женскиот младински хор на фестивал во Унгарија

Се подготвувала за студиите по музикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 1990 година, но по препорака на професор се запишала на новата насока – етномузикологија. Посакала да оди во музичко училиште кога ја видела другарка ѝ Маја како свири на клавир и игра балет. Нејзините ја однеле на приемен испит и ја примиле на виолина. На почетокот плачела, мислејќи дека најдобрите ги примаат на клавир, сѐ додека професорот Паскали Николов не ѝ објаснил дека таа е распоредена на виолина токму поради посебната музикалност. Свирела на виолина шест години, но од мала знаела дека не сака да биде изведувач, туку дека повеќе сака да ја проучува музиката од другата страна. Затоа и во средно се запишала на теорија на музика и педагогија.

Се подготвувала за музикологија

Знаела дека нема да студира одреден инструмент и затоа почнала да се подготвува за студиите по музикологија, насока на која се примале само четворица студенти на секоја четврта година. Во четврта година во средното училиште имале час по музички фолклор, а предавањата им ги држел истакнатиот етномузиколог Михаил Брзанов. Тој ја забележал нејзината музикалност и вештината за брзо мелографирање и ѝ предложил да се запише на новата насока на ФМУ, која требало да почне со работа наредната година.

Иако таа никогаш немала допирна точка со фолклорот, го послушала професорот и отишла на приемниот испит на одделот за етномузикологија, со кој раководел проф. д-р Ѓорѓи Ѓорѓиев. Така станала горд студент на првата генерација етномузиколози во друштво на привилегираните тројца примени кандидати.

Љубовта кон културата и уметноста кај неа се развивала интензивно уште во основното училиште, а потоа и во средношколските денови.

– Тоа беа времиња кога многу патувавме, имавме секции, сѐ беше бесплатно и со личниот труд можеше да се цели и да се стигне далеку. Кога дојде време за запишување во средно школо, имав голема дилема. Се мислев дали да се запишам во гимназија, во средно ликовно или во средно музичко зашто ми одеше и пишување, и сликарство, и музика. Сепак, се решив за средно музичко, каде што во тоа време беше важно и општото образование, па изучувавме и физика и математика. Учествував и на натпревар по македонски јазик и освоив прва републичка награда за состав посветен на св. Климент Охридски. Можеби тогаш изгледаше дека на идните музичари им се вишок сите тие општообразовни предмети во наставата, но денес сфаќам колку тоа било важно за нашето образование и колку среќни генерации сме биле што потекнуваме од оној стар, но добар југословенски систем – објаснува Бранка.

Заедно со колешки од ФМУ на отворањето на Охридско лето со премиерата на „Етнографофонија“ од Ристо Аврамовски

Вели дека периодите на средно и факултет, па и на магистерските студии ѝ се преплетуваат, особено што и физички образованието ѝ се одвивало во истата зграда. Таа дури често не може да разграничи кој колега на која генерација ѝ припаѓа. На факултет имале предавања со студенти од различни насоки, па и од различни факултети, но и со професори од различни катедри од Скопје, Белград, па на магистерските и од Англија, Швајцарија, САД…

Во таа прва генерација, во класата на проф. Ѓорѓиев биле тројца колеги и затоа морале да учат многу предмети (речиси сѐ од класиката, а неколку од тесната специјалност), да полагаат многу колоквиуми, да консултираат повеќе странска од домашна литература и да работат со видни професори од регионот, да бидат „експериментални глувци“ врз кои ќе се поставува наставата по етномузикологија. Тоа Костиќ го смета за голема привилегија и главен адут на нејзиното широко образование, кое, пак ѝ отвора многу можности за дејствување и во музикологијата и во етномузикологијата, новинарството, публицистиката…

– Филозофија, на пример, слушавме заедно со Факултетот за драмски уметности и со Ликовната академија. Не можам ни да разграничам дури кои пријатели од каде сум ги стекнала. Ме интересираа оркестрите, музичките појави, не сакав да свирам само инструмент и само на тоа да се посветам. Волшепството на сценските настапи го искусив низ јавните настапи во училиштето, на „Златно славејче“, на многуте натпревари со хоровите, па дури и на настап на Скопскиот фестивал на забавни песни, ама знаев дека не сакам да бидам изведувач. Многу повозбудливо ми беше да проникнувам подлабоко во феномените, да ги анализирам работите, да наоѓам спој меѓу дисциплините, конечно, да си ги врзам љубовите кон јазикот, уметностите, размената на искуства со луѓето, во едно. Познато е дека најпрестижни насоки на ФМУ беа диригирање, композиција и (етно)музикологија, на кои се запишуваа малкумина. Требаше да се биде најдобар, да се има просек и требаше да се поминат најтешките приемни испити. Не велам дека изведувачките насоки беа лесни. За тоа треба целосна посветеност и среќа потоа да се биде прв во морето талентирани изведувачи од целиот свет. Треба да се биде најдобар меѓу најдобрите, а не секој може да биде Симон Трпчески – вели Костиќ-Марковиќ.

За време на студиите случајно пеела и на Скопскиот фестивал

Имала среќа да ѝ предава проф. д-р Драгослав Девиќ од Белград, кој е автор на учебниците по кои сѐ уште работат студентите речиси на целиот Балкан и без кои не може да се замисли проучувањето на фолклорот на јужнословенските народи, објаснува таа. Етнокореологија им предавала проф. д-р Оливера Васиќ, која е синоним за областа на овие простори.

Тажачките песни – дипломска работа

Имала многу интересна тема за дипломска работа на која ја упатил проф. Ѓорѓиев. Ги истражувала погребните обичаи кај нас, со фокус на тажачките песни – „Македонските тажаленки – од Андромаха до Ѕвезда Видина“. Истражувала на Скопска Црна Гора, најмногу во с. Кучевиште.

– Професорот се трудеше да нѐ насочи кон уникатни, неистражени теми. Темата на тажаленките беше таква. Ретко кој се зафаќал со неа, а пред мене имав само еден не многу голем реферат во кој Васил Хаџиманов пишувал за тажачките песни за жртвите од големиот земјотрес во Скопје во 1963 година. Мака мачев да одам на теренско истражување. Со татко ми најдовме жена професионална тажачка во Кучевиште. Но, таа не сакаше да ми пее сѐ додека не почине некој во селото за да може да го употреби неговото име. Сѐ уште постоеше суеверието дека ако спомене некого, може навистина да ја предизвика неговата смрт. Па, потоа не сакаше да ми пее надвор од погребната церемонија (а сакав да ги снимам сите услови во кои оплакува починат – пред погреб, на погреб, на „прво утро“, на 7 дена… до една година), туку моравме да се затвориме во училиштен подрум за да не ја слушнат соселаните. Тоа би било ерес. Овие песни се табу-тема и во светот, а се директни сведоштва за најстарите слоеви на фолклорната традиција. Се гордеам со дипломската, во која успеав да направам и цел историјат на оплакувањето – вели етномузикологот.

 

Посветена студентка

Била посветена студентка за она што ѝ било најважно, па калкулирала дозволувајќи си и понекоја послаба оценка таму кај што имала послаб афинитет. Но, секогаш успевала да го задржи високиот просек.

– Не се штедев таму каде што сакав да ги продлабочувам знаењата, во и надвор од факултетот. Ние практично бевме цел ден на настава, цел ден со музиката. Уште од средното, потоа и на факултетот и постдипломските студии земав стипендија за талентирани. Предметите што ги сакав ми беа десетки. Еве сега ѕирнав во индексите и ми навреа бранови на задоволство кога се сетив на часовите и полагањето кај некои професори. И сега ми се мили десетките по етномузикологија, етноорганологија, вокална техника, хор, музички форми, филозофија и естетика на музиката, историја на музика, социологија… Но, исто толку незаборавни ми се и вежбите по хармонија кај професорот Живојин Глишиќ (тогаш асистент), кај кого да се добие шестка беше рамно на минимум деветка по некој друг предмет – категорична е соговорничката.

Вели дека не била „бубалица“ зашто тоа и не било можно со нејзината динамика на живеење.

Во култниот клуб „Виктор и Викторија“ поминувале многу часови со предавања и музика

– Сакав сѐ да правам истовремено. Волонтирав и заработував хонорарно уште од 16 години. Додека студирав постојано бев и со хоровите и со маестро Запров во Домот на млади „25 Мај“, каде што ја „печев“ дисциплината и посветеноста кон работата, но каде што ја стекнував и праксата за постигнување врвни резултати и справување со истите. Затоа, сметам дека подоцнежната медиумска популарност ја дочекав и сѐ уште ја живеам со нозете цврсто на земја. За време на целото студирање, заедно со уште неколку мои колешки, работев хонорарно и на Скопскиот џез-фестивал, каде што запознав големи ѕвезди како Б. Б. Кинг, Били Кобам, Ал ди Меола, Џо Завинул, Чик Кориа, Рој Хардгроув… Сакав и уживав да бидам дел од целиот процес на еден музички настан, од пристигнувањето до заминувањето во земјата. Тие години целото време ми беше исполнето со музика, класика на концертите на Филхармонија, рокенрол, џез-свирки… Јас тогаш имав и момче-колега, контрабасист и гитарист, така што целиот живот ми се одвиваше со и околу музиката – се шегува Бранка.

Костиќ-Марковиќ објаснува дека не е евтино да се школува музичар, уметник, воопшто.

Заедно со тапанарот Били Кобам, кој ја импресионирал со професионалноста

– Јас немам музичари во семејството и до ден-денес се чудам како ни овозможувале сѐ  мене и на мојата помала сестра. Нѐ школувале, секоја година сме оделе на летување и зимување, сме имале обезбедено сѐ што ни требало, а нашата работа била само да учиме. Но, мислам дека најважната инвестиција била доброто домашно воспитување и константната поддршка во остварување на нашите животни планови. Одгледале добри луѓе, кои се патем и академски граѓани – еден магистер по музички науки и еден доктор по финансии и банкарство во „меката на парите“, Швајцарија. Јас, иако земав стипендија, таа беше доволна само за џепарлак. А џепарлакот ми одеше на карти за културни настани, за ноти, за книги и списанија – вели Бранка.

 

Љубов кон македонскиот јазик

Еден од омилените професори во средно школо ѝ бил Тоде Новачевски, професорот по хармонија и едно време и по хорско пеење.

– Хармонијата, иако беше предметот на кој малку му се посветував во средното училиште и на факултетот, кој ми беше своевиден баук и кој „најслабо“ ми одеше, го засакав и вистински го научив дури подоцна во рамките на предметите хармонска анализа и музички форми, што ми го предаваше Тоде Новачевски, познатиот композитор, познат во пошироката јавност како хит-мејкер за сестрите Маријана и Росана. Неверојатно питом и тивок човек, полн со знаење и неверојатен музикалитет и во предавањата и во компонирањето. Таа почит кон него трае и денес и затоа многу се израдував кога по долги години немање комуникација (тој одамна се отсели во Австралија), се најдовме на „Фејсбук“ и ми пиша дека сум една од ученичките што ќе ги памети – вели таа.

Меѓу омилените професори на факултетот ѝ бил и тогашниот декан и професор по вокална техника, познатиот оперски уметник Благоја Николовски. Првпат имала можност да пее оперски арии зашто дотогаш имала искуство само со хорското творештво. Од него ја добила и првата десетка. Сакала да учи солфеж кај Благој Цанев, а нема да го заборави знаењето од Миле Брзанов, наставничката по македонски јазик Лалка во средно, наставникот по виолина Паскали Николов, како и наставничката по солфеж во нижото музичко Нада Гајиќ, која важела за страв и трепет за сите.

– Неа ќе ја паметам и по тоа што ме сретна еднаш по ходниците како средношколка и ме врати дома да се преоблечам зашто иако бермудите што ги носев беа елегантни, ме прекори дека така не се оди во храм на уметноста. Исто така, многу ја почитував професорката по историја на музика од средното Жанина Кировска-Ралева, која многумина не ја сакаа. Не поради нејзината нестручност, туку затоа што беше директна во упатувањето воспитни поуки. Таа знаеше да ги врати од час сите што дента дошле неистуширани. Но, зарем е погрешно да укажувате дека идните музичари треба да бидат пример за углед во општеството? Ете од таквите и слични животни лекции од прекрасни педагози низ целото мое школување, почнувајќи од мојата прва учителка Нада Јоксимовиќ, јас сум таа што сум денес. Се разбира, и поради семејството, другарите (ги имам и интензивно сѐ уште дружам и со другари од основно, од средно, од факултет, од хор, од работа), сите приватни и професионални средини. Сите тие нѐ брусат низ животот. Затоа денес кога запознавам уметници, веднаш според начинот на однесување, говорот, приодот кон нештата, препознавам кој како растел и се образовал – вели Костиќ-Марковиќ.

Имала среќа како добар и љубопитен студент за своите магистерски студии да биде вклучена во меѓународен проект на ФМУ поддржан од Циришка фондација за наука. Проф. Димитрије Бужаровски ја ангажирал во делот за дигитализација на македонскиот музички фолклор и во рамките на тој проект ја изработила и својата магистерска теза посветена на создавање методологија на современо архивирање (во доменот на дигиталната технологија) на музичкиот фолклор, врз примерот на приватната колекција која со години ја создавал првиот македонски етномузиколог Живко Фирфов. Ова било непроценливо искуство проткаено со соработки со светски научници, учества на меѓународни конференции и презентации на врвни универзитети. Доказ дека сите навидум неважни предмети од средното школо стануваат круцијални во справувањето со сигналите, брановите и спектралните анализи на звукот, статистичките бази на податоци, информатиката, квантификација на работите што сите ги сметаат за неегзактни и сл.

– Но, тоа беше и животна школа – дека човек колку и да е посветен на науката и уметноста, не смее да го изгуби сопственото јас и да заборави на другите работи што го прават животот убав. Во тој период научив и која е границата меѓу професионалец и болно амбициозен, меѓу бескомпромисно грабање напред и постепено и етичко напредување кон професионалните височини. Научив и каква сакам да бидам. Но сепак, јас во тој период на постдипломските студии веќе работев и во „Телма“ и таму имав добро, менторски водено „печење на занаетот“, така што не ми беше тешко да ги разграничам нештата. Да се има директор, а воедно и одговорен уредник како Ристо Лазаров, претставник на стариот добар ков на новинари и уредници, значеше загарантирано постепено и здраво напредување во кариерата, без паушалности и прескокнати скалила – истакнува Бранка.

Генерациски се мешавме

На факултет се дружеле од разни генерации. Тие биле малку и во средното училиште и на факултетот. Во тие времиња на учење и студирање во наставата по различни предмети се преклопувале со многу музичари од различни насоки. Весна Ѓиновска-Илкова, Маја Шутевска и Љубиша Кировски, Борјан Цанев, браќата Ѓумар, Александар Поп Христов, Дарко Димитров, се само дел од познатите со кои ѝ поминувало секојдневјето.

– Се водеше многу индивидуална настава и имаше селекција, а професорите добро ги познаваа своите ученици. Во средно во мојот клас се запишавме 40-мина, а завршивме 15. Во тоа време имаше џез-клубови и свирки каде што буквално се доедуциравме. „Виктор и Викторија“, на пример (кај црквата „Св. Димитрија“) беше сврталиште, по предавања одевме таму. Саша и Вања Николовски таму ни контролираа задачи по хармонија, ни помагаа во хармонска анализа на симфонии и опери. Таму денски имаше предавања, а навечер свирки. Хор, оркестар имавме попладне, па потоа продолжувавме на концерт, изложба, свирка. Ние уште од времето на средношколските и факултетските денови знаевме кој ќе го биде, а кој не. Уште од средно знаевме кои ќе станат Хајди Елзесер, Панде Шахов, Михајло Трандафиловски, Весна Ѓиновска (Илкова), Симон Трпчески, Ана Стаменковска (денес Дурловски), Благој Нацоски или Ирена Ветерова, Сандра Мијалкова, Олга Панго, Искра Шукарова и другите како нив – вели таа.

Многу убави години ѝ биле ангажманите на Скопскиот џез-фестивал, каде што помагале во организацијата, придружувале гости…

– Таму научив дека е најважно какво е уметничкото дело, а не каков е авторот или изведувачот приватно. Приоритет ми се делата, иако некогаш запознавањето на музичарите зад сцена може негативно да влијае врз перцепцијата. Сепак, врвните уметници се многу едноставни, со нив немам никогаш проблем. Кај тие што се нијанса подолу, во некоја сенка на „прволигашите“, веднаш се гледаат фрустрациите. И денес ми е најголемо задоволство кога правам интервју со некоја ѕвезда и кога таа тргнува со предрасуда дека сум од „некојаси“ земја, па кога во текот на разговорот ќе успеам да ја разубедам дека не била во право, задоволството е двојно – се смее Бранка и додава дека Ал ди Меола ѝ бил големо разочарување од уметниците, но затоа секогаш ќе ги памети прекрасните интервјуа и средби со Карерас, Зубин Мехта, Торд Густавсен, Еса Пека Салонен, Кристијан Јаарви и другите од нивниот ков.

Но, никогаш нема да го заборави светскиот тапанар Били Кобам, кој во Скопје требало да одржи концерт со квинтет. Двајца од неговите музичари имале сообраќајна несреќа и не допатувале во Скопје. Но, Кобам не го откажал концертот.

– Светски уметник може да си дозволи и да го откаже концертот, но Кобам на концертите гледа како на светост, без разлика дали настапува во Њујорк или во Скопје. Бев одговорна за неговиот престој кај нас за време на фестивалот. Беше загрижен за она што се случи (за среќа, повредите на неговите музичари не беа толку сериозни), па бараше алтернативно решение за концертот кој беше закажан за утрешниот ден. Тој само ми рече: „Ве молам, само обезбедете ми клавир“. Цела вечер во холот на хотелот „Континентал“ пишуваше аранжмани за трио зашто пред тоа успеа да пронајде слободен контрабасист со кој претходно настапувал и на крајот успеа да направи концерт за паметење. И тоа во најтешката формација – трио. Тој е вистински професионалец и во Македонија и секаде – споделува таа.

Додава дека била одушевена од Б. Б. Кинг, кој бил вистински џентлмен и не дозволил таа да стои додека ѝ го потпишувал постерот, туку наредил веднаш да донесат столче, зашто „бонтонот налага дека дамата треба да седне и да ѝ се посвети должното внимание“.

Костиќ-Марковиќ влегла во новинарството благодарение на факултетот.

– Кога се отвори „Телма“ во 1996 година, Дарко Марковиќ беше директор и планираше да ја направи уметничка. Владимир Мандичевски, тогаш уредник во телевизијата, се јавил кај проф. Гоце Коларовски и побарал препорака за студент кој би можел да работи на емисија од областа на операта. Додека јас студирав, Коларовски ми беше асистент, па потоа стана професор. Бил импресиониран од мојата одбрана на дипломската работа и ме препорачал. Така почна мојата приказна во „Телма“, а која се одвиваше речиси две децении низ сите скалила до музички уредник. Таму бев до 2016 година, кога сите уредници и целиот културен сектор нѐ прогласија за технолошки вишок – вели таа.

Два докторати без завршна одбрана

Во нејзините емисии внимание добиле сите што нешто значат во музиката. Се радува што голем дел од денешните видни инструменталисти, вокални уметници, композитори и диригенти ги следела уште од студентските денови, па така се случило и со Тоше Проески.

– На Скопско лето имаше фестивал за акустична музика. Тогаш дојде Билјана Крстиќ. Ни тргна муабетот уште на интервјуто, а ни продолжи и трае до денес. Тогаш, нејзина менаџерка ѝ беше Лилјана Петровиќ, која во тој период уште живееше на Кипар. Тоше тогаш го менаџираа од „Авалон“ и веќе се наѕираше дека ќе биде голема ѕвезда. Лилја се интересираше што се случува во Македонија на музички план и кој е најголем талент во моментот. Јас тогаш не знаев кои ѝ се намерите и ѝ го посочив Тоше. Подоцна кога видов дека почнаа да работат заедно, чувствував малку и грижа на совест, особено кога почна да го меле динамиката и на моменти, да бидам искрена, некако ми беше и жал што го препорачав. Го знаев уште од факултет, кога правев документарец за студентската опера во која главна улога имаше Тоше и со која се претстави дури во Виена, а јас го следев на тоа патување со камерата на „Телма“. Од друга страна, пак, мора да сме свесни и дека Лилјана многу му помогна во кариерата – вели Бранка.

Таа предавала три години и на новоформираниот Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Одела на симпозиуми, каде што го запознала и нејзиниот сопруг, кој исто така е етномузиколог од Белград.

Иако двапати запишала докторат, професионалните и животните премрежиња ја спречиле да докторира.

– Првиот пат не го одбранив поради проблемите со кои се судрив по завршувањето на меѓународниот проект на ФМУ, а за кој веќе говорев во делот кога посочив дека научив каков научник сакам, но и каков не сакам да бидам, а вториот пат на Институтот за фолклор во периодот кога требаше финално да го средам и одбранам вториот докторат, се соочив со предизвикот наречен мајчинство. Сѐ во животот се случува со причина. И никогаш не е доцна. Ако решам, ќе го сторам тоа од третиот обид. Мене очигледно учењето и предизвиците ме одржуваат млада – се смее Костиќ-Марковиќ.

Полна чаша на Instagram