КОГА БЕВ СТУДЕНТ СО РУЖИЦА ОД „АРЕА“: „МОЈОТ СТУДЕНТСКИ ЖИВОТ БИ ГО ОПИШАЛА КАКО ДВИЖЕЊЕ МЕЃУ ДВЕ КРАЈНОСТИ – ЗАБАВА И УЧЕЊЕ“

Ружица Милошеска-Брчиоска, нашата позната поп-рок пејачка, фронтмен на групата „Ареа“, е родена на 4 април 1968 во Гостивар. Завршила Електротехнички факултет, а сега работи во ЕЛЕМ.

За нашата рубрика Кога бев студент, која е поддржана од „Скопска пивара“, се наврати на студентските денови, спомените од едно подалечно, подинамично и слободно време.  Основното и средното образование ги завршила во Гостивар, во ОУ „Братство и единство“ и во гимназијата „Панче Попоски“ и била одличен ученик.

Студирав на ЕТФ (Електротехничкиот факултет) во Скопје, насока ИА, подоцна КТИА (компјутерска техника, информатика и автоматика). Иако сум тип кој повеќе е ориентиран кон музиката и уметноста отколку кон техниката, сепак во времето кога се запишував на факултет бев на мислење дека кај нас подобро се живее доколку си стручно оспособен во некоја од техничките гранки и тоа победи при изборот. И не згрешив, на крајот на краиштата, бев добар математичар во основно и средно – ни соопшти Ружица.


Имаше испити што лесно одеа, но некои потешко

Студентскиот живот ѝ бил полн со забави и дружења, во тој период почнала и работата на бендот „Ареа“, но испитите не трпеле никакви последици.

Веројатно како и многу други студенти што доаѓаа во Скопје од други градови, во најголемо сеќавање во моментов ми се студентските забави и дружења, чувството на слобода зашто првпат живееш сам, а од друга страна, чувството на одговорност кон факултетот и обврските што ги имаш таму, така што мојот студентски живот би го опишала како движење меѓу две крајности – забава и учење. Во времето на моето студирање започна и работата на бендот „Ареа“, тогаш се случија нашите почетоци во музиката – се присетува пејачката и инженер Ружица.

За испитите немала тешкотии, но редовно учела за да не ѝ се насобира материјал во последен момент. Немала посебни ритуали за спремањето, но последната вечер пред испит не спиела.

Имаше испити што лесно одеа, но некои потешко, сѐ зависеше од тоа како сум го „фатила“ предметот од почетокот. Сепак, тоа беше факултет на кој беше потребно редовно и систематско учење. Морам да кажам дека писмениот испит, задачите, ми одеа полесно, а усниот, теоретскиот дел доста потешко, повеќе ја сакав логиката, а помалку бубањето теорија. Немав посебни ритуали за спремање испити, но се сеќавам дека последната вечер пред испит редовно не спиев, со испиени неколку „бокали“ кафе и се потсетував на материјалот кој сум го поминала – дополнува таа.

 

Факултетот ме воведе во основите на електротехниката

На прашањето колку е заслужен факултетот за она што е денес и за нејзината успешност, знаење, достигнување, таа вели:

Секако дека сето она што е научено на факултет не може да се памти цел живот, но сепак факултетот ме воведе во основите на електротехниката, ми ги разјасни во суштина електричните, електронските и дигиталните системи, суштината на нивното функционирање, ме научи како да се снаоѓам во техничка документација, ми ги продлабочи логиката и способноста за решавање проблеми, нешто што ми користи на работното место – истакнува таа.

Ружица подолго време работи во АД ЕСМ, Подружница „ХЕС Маврово“ во Гостивар и во моментов е на работно место раководител на службата за електроодржување. Секако, ние повеќе ја знаеме по прекрасните и динамични концерти, по евергрините што сите ги пееме, по незаборавните забави и свирки.

 

Сања Јачевска

СПОДЕЛИ: facebook twitter linkedin

Полна чаша на Instagram