
КРЕАТИВНИ НАЧИНИ ЗА РЕУПОТРЕБА НА ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА
Поради своите разновидни и специфични својства, пластиката може да се обликува во предмети со различна форма, во секакви бои и за различна примена. Предметите од пластика се отпорни на вода, атмосферски влијанија, корозија, голем број хемикалии, а некои од нив издржуваат и високи температури. Рециклирањето на пластика е процес кој постои во последните 50 години. Доколку не се рециклира, пластиката претставува опасност за животната средина бидејќи не е биоразградлива. Како што ова прашање се повеќе се актуелизира во светот, така и луѓето на различни начини, помасовно се ангажираат да влијаат овој тип на материјал да не заврши како отпад во животната средина.
Што може секој од нас да направи?
Пластичните шишиња се дел од речиси секој аспект од нашиот секојдневие, од шишиња со пијалаци до детергенти за перење. Секој ден низ светот, како резултат на широката примена на пластика, се создава отпад од милиони пластични шишиња. Покрај тоа што тие секогаш може да се одложат како селектиран отпад што понатаму ќе се рециклира, сепак предлагаме неколку интересни идеи за реупотреба на пластични шишиња, како одличен начин да го минимизираме нашето влијание врз животната средина.
- Разубавете ја вашата градина
Вообичаено е да се прават саксии од пластични шишиња. Но, не се тоа било какви саксии, туку вистински украс кој е налик на вистинска уметничка творба. Искористете ја својата креативност, и внесете необичен стил во вашата градина, дворот или едноставно на терасата, и направете ги своите саксии од пластично шише – несекојдневни и различни од другите. За овој подвиг потребни се само: пластични шишиња, боја, и вашата имагинација.
- Забава за вашите миленичиња
Вашите домашни миленичиња се постојано во потрага по нови начини како да се забавуваат, а вие да уживате гледајќи ги. Зачуваните пластични шишиња можат да ви послужат за разновидни играчки кои воедно имаат своја намена, и при тоа ја доразвиваат интелигенцијата на миленичето.
За кучињата предложуваме игра: „Сврти ги шишињата“. Направете едноставна дрвена рамка, која по средината ќе има тенко стапче. На пластичното шише (или шишиња) направете две дупчиња едно спроти друго, протнете го стапчето, и вратете го во рамката. Во шишето ставете од храната за кучиња и гледајте како вашиот љубимец се забавува, удирајќи со шепата по шишињата, вртејќи ги нагоре-надоле и очекувајќи брикетите да испаѓаат од шишето како негова награда.
Вашето маче, може да го брка пластичното шише, обидувајќи се да ги истури брикети мачешка храна. Исто така може да изработите и чинија од две споени пластични шишиња, од каде што мачето ќе јаде.
На многу едноставен начин можете да ги искористите пластичните шишиња и да ги поставите место каде што птичките ќе се хранат во вашата градина.
- Градинарски метли
Друг начин за реупотреба на пластични шишиња е да се создаде градинарска метла. За да ја создадете оваа метла, потребно е на две-три пластични шишиња да им го отстраните дното, од долниот дел, а до пола на шишињата да исечете тенки реси и да ги ставите едно во друго. Ресите се користат за чистење на ист начин како и конвенционалните метли. Отворот на шишето се користи за прицврстување на држачот на метлата.
- Касичка за штедење
Заедно со вашето дете направете касица-прасица за штедење ситни пари од обично пластично шише. Одличен начин вашите деца да се забавуваат, а воедно и да научат еден важен аспект од животот. Дозволете му дури и самото тоа да го нацрта, или обои шишето, или пак да додаде уши на прасето.
- Организатор/кутија за пенкала
Откако ќе испиете ладен пијалак во канцеларија, не фрлајте го шишето. Повторно искористете ги пластичните шишиња за да направите кутии за пенкала и разен канцелариски и училиштен прибор. Импресионирајте ги вашите соработници и деца со вашите идеи за придонес кон одржлив начин на живот.
- Претворете ги пластичните шишиња во корпа за отпадоци
Корпа за отпадоци од отпадоци. Нема поголем симболичен гест за еко начин на живот од создавање корпа за отпадоци од пластични шишиња. Создадете корпа совршена за надворешни услови. Само не ги фрлајте другите пластични материјали во неа, туку и од нив создадете некој убав, корисен и впечатлив предмет.
И запомнете: Позитивниот придонес кон планетата Земја е бесценет, а бара само свесност, желба и грижа за животната средина од сите нас.