МАКЕДОНИЈА НАЈВИСОКО РАНГИРАНА ВО СВЕТОТ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА COCA-COLA ПРОИЗВОДИТЕ

Претставниците на Coca-Cola компанијата и дадоа признание на Пивара Скопје АД за постигнат најдобар индекс за квалитет на производите во светот за 2008 година

Скопје, 16 јуни 2009 – Пивара Скопје АД доби признание од претставниците на Coca-Cola компанијата за најдобар квалитет на Coca-Cola производите во светот. Според Coca-Cola компанијата, Пивара Скопје АД е највисоко рангирана според индексот за квалитет на пијалаци (BPQI) во 2008 година меѓу сите полнилници во Coca-Cola системот во 178 земји. Ова признание е потврдено со постојано анализирање на квалитетот на производите во текот на целата година од страна на Coca-Cola компанијата во светски рамки.

„Со задоволство можам да кажам дека производите на Coca-Cola произведени во Македонија се со највисок квалитет“, рече Тим Брет, регионален претседател на Coca-Cola компанијата, предавајќи му го признанието на генералниот директор на Пивара Скопје АД, Константинос Спанудис, на церемонијата организирана во просториите на Пивара Скопје АД. „Квалитетот на нашите производи е највисок приоритет за Coca-Cola компанијата, а нашите колеги од Пивара Скопје го достигнаа највисокиот дострел во тој домен. Ова е доказ за нивниот несекојдневен, врвен професионализам и посветеност. Исто така сакам да ја искористам оваа можност да му ја честитам на македонскиот тим 85 годишнината на Пивара Скопје“, истакна Брет.

„Ова признание е доказ дека постојат компании во Македонија кои се способни да произведат производи со најдобар квалитет во светот и Пивара Скопје е многу јасен пример за тоа“, рече Билјана Смиљковска, менаџер за производство на безалкохолни пијалаци во Пивара Скопје АД истакнувајќи дека во исто време, клучниот предизвик е да се остане на врвот. „Ние поставивме уште повисоки цели и предизвици за иднината; ова ни дава дополнителен мотив да продолжиме понатаму. Ние сме овде за да ги задоволиме највисоките критериуми на потрошувачите и тоа всушност и го правиме“, потенцираше Смиљковска.

Пивара Скопје АД доби признание за исклучителните резултати за квалитетот на производите и од групацијата Coca-Cola Hellenic, една од најголемите производители на безалкохолни пијалаци во светот, која во моментот е присутна во 28 земји со повеќе од половина милијарда потрошувачи.

„Ова е прв пат Coca-Cola Hellenic да додели високо признание за квалитет на производи на некоја од компаниите кои се дел од нашата групација. Чест ми е да го доделам ова признание на целокупниот тим на Пивара Скопје. Ова е резултат за нивната исклучителна посветеност во обезбедувањето на највисоките стандарди за квалитет на производите наменети за потрошувачите “, изјави Д-р Гери Брустер, директор за квалитет на Coca-Cola Hellenic, којшто ја предаде ценетата награда на овој значаен настан.

Пивара Скопје АД е меѓу првите компании во регионот која ги воведе највисоките системи за квалитет, меѓу кои стандардите ISO 9001, ISO 14001, OHSAS 18001, HACCP и ISO 17025, а воедно таа е водечка компанија во процесот на имплементација на Директивата на ЕУ за пакување и отпад од пакување. Исто така, Пивара Скопје АД е првата компанија во земјата која го воведе стандардот ISO 22000 за интегрирано управување со безбедноста на храната во делот на безалкохолните пијалаци и пивото.

Двете престижни признанија за постигнати исклучителни резултати за квалитетот на Coca-Cola производите се случуваат во годината кога Пивара Скопје АД ја прославува 85-тата годишнина. Овој важен јубилеј е потврда дека Пивара Скопје АД е успешна македонска деловна приказна, која јасно ги победи предизвиците на времето.

Полна чаша на Instagram