


Мега интервју со Душан Митрев за Бизнис и Економија: Ги предводиме пазарните трендови со јасна визија, иновативни решенија и мотивиран тим
Господине Митрев, што покажуваат податоците, какви се резултатите од работењето на Пивара Скопје минатава година?
Д. Митрев: Финансиските извештаи за 2024 година сè уште не се објавени, но сепак можам да кажам дека Пивара Скопје и во 2024 година оствари стабилен раст и позитивни резултати, а така планираме да продолжиме и годинава. Без разлика за кој период станува збор, Пивара Скопје е конзистентна во поглед на поставените цели и на долгорочниот план за нивно остварување и надградување. Во изминативе години покажавме дека вистинскиот успех не се мери само во бројки туку и со визија, доследност и храброст да се инвестира, дури и во неизвесни времиња. Континуираните инвестиции во модернизација и во автоматизација, кои во изминативе пет години надминаа неколку десетици милиони евра, ни овозможија да продолжиме да бидеме катализатор на растот и на развојот не само во делот на индустријата за пијалаци туку и во македонската економија. Со паметен пристап и нови технологии успеавме да поттикнеме зголемена побарувачка и да ја задржиме и дополнително да ја зајакнеме лидерската позиција која не се темели само на раст на волуменот на продажба туку и на квалитет, на иновации и на доверба од потрошувачите, од купувачите и од деловните партнери. Кај нас купувачот е на прво место и она што нè разликува е дека постојано го шириме нашето портфолио за да ги задоволиме вкусовите и потребите на консументите. Буквално нудиме пијалаци за секоја прилика во текот денот – 24 часа, 7 дена во неделата, почнувајќи од нашите основни категории − пиво и газираните сокови, преку негазирани сокови, вода, чаеви, енергетски пијалаци и пијалаци за спортување, па сѐ до премиум жестоки пијалаци, а од неодамна и премиум италијанско кафе. Паралелно продолживме и со вложувањата во различни EСГ-сегменти кои повторно ни донесоа, заедно со Кока-Коа ХБЦ групацијата, највисоки оценки и рангирање меѓу најдобрите 1 % од близу 8 000 компании во светот кои остваруваат највисоки резултати во сите десет најпрепознатливи рејтинзи за ЕСГ-стандарди. Ваквите резултати имаат посебно значење за нас затоа што покажуваат дека вложувањата на Пивара Скопје во одржливиот развој и креирањето подобра иднина за сите се многу повеќе од заложби – тие се реалност.
Финансиските бројки не можат да ги прикажат сите процеси што се случуваат во една компанија. Вие две години сте на чело на Пивара Скопје. Кои се клучните промени, иновации, модерни решенија кои се вградени во работењето на компанијата изминативе две години?
Д. Митрев: Во Пивара Скопје не се водиме од трендовите, туку ги поставуваме. Веруваме дека иднината им припаѓа на компаниите што ги „слушаат“ податоците и ги разбираат потребите на пазарот и на консументите во реално време. Во Пивара Скопје сè што правиме е управувано од податоци (data driven) − речиси сите стратешки одлуки ги носиме базирани на јасни и на мерливи податоци. Тие за нас не се само бројки, туку основна алатка за работа која ни овозможува да го персонализираме сето она што го нудиме – почнувајќи од тоа што, како и каде продаваме, до тоа како да го шириме портфолиото, каде да инвестираме и како да го дизајнираме производството. На вработените им се на располагање сите модерни алатки со кои им се олеснува секојдневната работа, а купувачите добиваат побрза и поквалитетна услуга. Можам со сигурност да кажам дека сме пионери во примена на вештачка интелигенција во земјава и пошироко преку креирање маркетинг-кампањи со персонализиран пристап според профилот на консументот до продажни модули и дигитални алатки за нашите купувачи. Ваквите напредни решенија ги зголемуваат нашата ефикасност и продуктивност и ни овозможуваат подобра услуга за нашите купувачи и за партнерите. Ова ни е клучно бидејќи го детерминира нашиот долгорочен развој и нѐ позиционира како модерен, стратешки и доверлив партнер во светот на пијалаците. Паралелно инвестираме и во модернизација на капацитетите во кои се произведуваат дел од пијалаците од нашето 24/7 портфолио, кои ни овозможуваат зголемен капацитет и − што е најважно − производи со врвен квалитет произведени по највисоки стандарди.
Јасно е дека движечка сила на секој успех се луѓето и културата, вредностите за кои се залага компанијата. Како ја унапредувате тимската работа, како ги негувате и ги јакнете компаниската култура и компаниските вредности? Како вработените да се мотивираат и да се чувствуваат како дел од тимот?
Д. Митрев: Често велам дека нашиот тим „Пиварци“ е нашата „тајна состојка“ за успех и најголема гаранција за натамошниот развој на Пивара Скопје. Токму затоа нашата компаниска култура се темели на автентична грижа за вработените и за нивната благосостојба, на вложувањата во нивниот личен професионален развој, како и на креирањето атрактивна работна средина. Нашите вработени не се бројка, туку луѓе со име и презиме, со приказна и со вредност. Затоа постојано вложуваме во развојот на секој поединец преку менторство и реализацијата на квалитетни програми за континуирано усовршување. Нашите вработени имаат големи можности за кариерен развој. Многумина ја започнуваат кариерата во Пивара, а потоа преземаат значајни улоги во групацијата. Затоа не случајно повторно сме наградени како една од најпосакуваните компании за вработување и за работа, особено за младите генерации кои бараат флексибилна, дигитална работна средина која нуди многу можности за стекнување нови знаења, вештини и уникатни искуства. Знаете, мотивацијата не доаѓа сама по себе, таа се создава. Ја создаваш така што ќе ги вклучиш луѓето во големата слика, кога не им кажуваш само што треба да прават, туку зошто тоа што го прават е важно. Нашиот основен принцип гласи − овде нема „јас“, туку „ние“. Сите сме едно, и кога победуваме и кога растеме – секој успех го славиме заедно, секој предизвик го делиме. Буквално сме една целина што расте заедно.
Многу менаџери и лидери одбираат да играат, народски кажано, „на сигурно“. Каков е вашиот стил и во тој контекст каква е вашата визија за успех и за модерно лидерство?
Д. Митрев: Верувам во отвореност, во тимска работа, но и во храброст да се проба нешто ново дури и кога другите се двоумат. Ако постојано играте, како што велите, „на сигурно“, тогаш ризикувате да стоите во место, а светот околу вас оди напред. И уште повеќе: Што е сигурно денес? Секогаш постоеле и ќе постојат деловни ризици, но токму во ризиците и во предизвиците се наоѓаат и можностите за раст и за развој. Најголемите успеси не се раѓаат во зоната на комфор. Верувам дека вистински лидер е оној кој ќе го препознае моментот кога треба да пресече, да носи и тешки одлуки, па и да ризикува – но со јасна визија, со план и со тим и со луѓе во кои верува. Јас имам среќа во Пивара Скопје да имам навистина тим кој знае. Успехот го градиме заедно, ама чекор по чекор и не се плашиме од промени. Напротив, секогаш, дури и најголемите предизвици ги прифаќаме како можност да се подобриме.
Каква е стратегијата за натамошен развој на Пивара Скопје?
Д. Митрев: Стратегијата на Пивара денес е истата што била досега и ќе остане иста во иднина – безвременска и заснована на четири клучни столба: нашето диверзифицирано портфолио на брендови и на производи за потребите на секој консумент, партнерскиот однос и заедничкото дејствување со купувачите, грижата за заедницата што ја покажуваме преку конкретни дела и факти, и најважното – грижата за нашите вработени. Иако стратегијата е конзистентна, реалноста бара флексибилност. Предизвиците ќе продолжат, а реалноста постојано носи нови тестови. Затоа треба да се фокусираме на она што можеме да го контролираме, додека за екстерните фактори да најдеме прифатливи решенија. Само така ќе осигуриме постојан напредок. Продолжуваме без компромиси во нашата определба да бидеме препознаени од нашите купувачи како вистински партнер и заеднички да го развиваме и да го растеме меѓусебниот бизнис.
Достигнувањата на Пивара Скопје имаат поширок опфат од она што е резултат на самата компанија. Неодамна промовиравте студија за социо-економското влијание за земјава од работењето на Пивара Скопје. Студијата ја изработи независна меѓународна консултантска куќа. Што покажа студијата, кои се клучните достигнувања на Пивара Скопје за пошироката заедница?
Д. Митрев: Студијата покажува дека Пивара Скопје континуирано го зголемува своето позитивно влијание врз домашната економија и пошироко во општеството. Само во 2023 година компанијата креирала приближно 139 милиони евра додадена вредност во македонската економија или маркантен 1 отсто од македонскиот годишен БДП. Од нив, 71 милион евра се директен придонес во државниот буџет, што претставува 3,8 отсто од вкупните остварени даночни приходи на државава во текот на 2023 година. Особено сме горди на придонесот што го даваме во доменот на вработувањето. Во Пивара Скопје директно се вработени над 400 лица, но во нашиот синџир на вредности поддржуваме вкупно 8 700 работни места. Поконкретно, секое поединечно работно место во Пивара Скопје придонесува за креирање и за одржување на дополнително 21 работно место во земјава. За нас луѓето се основата на нашиот успех и веруваме дека вложувањето во човечкиот капитал е темел за одржлив развој. Соработуваме со над 12 000 купувачи и над 1 000 домашни доставувачи, а 68 % од секое потрошено евро на нашите производи ги враќаме назад во општеството. Исто така значително вложуваме во иницијативи и во проекти насочени кон заедницата и одржливоста. Така погледнато студијата е потврда дека Пивара Скопје е длабоко интегрирана во македонското општество, а нејзиното влијание не е само мерливо туку и клучно во различни сегменти на целиот синџир на вредности.
Кои се предизвиците со кои се соочува индустријата зa пијалаци во земјава? Кои се моделите што ги користи Пивара Скопје за справување со тие предизвици? Имате ли можеби некаква порака до носителите на економските политики во земјава?
Д. Митрев: Индустријата за пијалаци, како и сите останатите сегменти од ФМЦГ-индустријата се огледало на економската стабилност и на куповната моќ на граѓаните. И затоа секој предизвик што го чувствува оваа индустрија веднаш се рефлектира и кај потрошувачите. Денес се соочуваме со демографски трендови што не одат во прилог на општеството и на економијата, а во исто време и со растечки трошоци, со непредвидливи пазари и политики, како и со недостаток на квалификуван кадар, што создава притисок врз индустријата. Ние не бегаме од овие предизвици. Напротив, инвестираме континуирано во модернизација, во луѓето и во проширување на портфолиото. Но, за реални резултати мора да има разбирање и поддршка од другата страна – политики кои треба да бидат алатка за развој, а не пречка. Затоа јас силно поддржувам директен, отворен и суштински дијалог меѓу бизнисот и носителите на економски политики. Не декларативен, туку суштински каде што ќе се слушаат и ќе се вградуваат искуствата од практиката. На бизнисот му се потребни предвидливи правила на игра бидејќи носиме долгорочни одлуки. Постулатите на одржлива пазарна економија се основа за економски раст насекаде во светот, па и кај нас. Компаниите како нашава имаат знаење и волја за партнерство. Од приватниот сектор очекувајте инвестиции, етика и одржливост. Од државата, стабилност и реформи кои треба да ги поддржат одржливиот раст и развој. Верувам дека само преку директна комуникација и заемна доверба ќе креираме систем во кој секој успех на една компанија ќе значи успех и напредок за целата домашна економија.
Колку трае вашиот мандат како генерален директор на Пивара Скопје? Размислувате ли за следните професионални предизвици? Дали да очекуваме унапредување на друга позиција во рамките на групацијата?
Д. Митрев: Јас сум човек што ја почнал кариерата и професионално растел во Пивара Скопје. Секој чекор − почнувајќи од различни позиции во Секторот Финансии, па финансов директор, преку менаџер за продажба на клучни купувачи, со цел да научам повеќе за бизнисот и за купувачите, па меѓународно искуство како директор за продажба за Кока-Кола ХБЦ во Босна и Херцеговина, сѐ до генерален директор на Пивара Скопје − беше прилика да стекнам нови знаења, професионални вештини и драгоцени искуства. И сега, по две години на чело на Пивара Скопје, останувам отворен и подготвен за нови предизвици во рамките на групацијата, кои следуваат веќе од јуни. Сметам дека професионалниот успех не се мери по позицијата, туку по професионалната експертиза и стекнатите компетенции, како и по влијанието и постигнувањата што ги оставаш зад себе.
Како да се осигури дека прогресот во Пивара Скопје нема да запре кога ќе заминете на друга позиција?
Д. Митрев: Континуитетот е вграден во нашата компаниска култура. Пивара Скопје не е компанија чиј успех зависи само од една личност, туку тим со јасна визија, со стабилна стратегија и со талентирани и посветени луѓе кои со своето знаење и со залагања знаат како да го обезбедат нејзиниот натамошен раст и развој. Улогата на лидерот е да осигури континуитет на стратешките определби, заедно со тимот да ги препознае екстерните трендови и бизнис-потреби и да продолжи да креира и да еволуира деловни решенија и иновации што ќе донесат успешни резултати во иднина. Кога ќе го поставиш секое делче на правото место механизмот работи со полна сила.
За крај нешто лично. Кои се за вас три најважни резултати на кои сте најмногу горд? Има ли некое мото, изрека по што се водите во животот и во кариерата? Која е вашата порака во тој контекст?
Д. Митрев: Прво, горд сум што Пивара Скопје е препознаена како посакуван работодавач бидејќи луѓето биле и остануваат најдобрата гаранција за нашиот натамошен успех и напредок. Второ, горд сум на високата доверба и на задоволството што ги имаат купувачите и потрошувачите во уникатните вредности на нашите брендови. И трето, што преку нашите иницијативи за поддршка на младите, за свет без отпад и за заштита, за промоција и за негување на заедничките национални вредности, создаваме позитивно влијание во целокупното општеството и го поттикнуваме неговиот одржлив развој. Моето мото е: „Растот без споделување е само бројка – вистинската вредност на успехот се мери со влијанието што го создаваш за другите.“ Силно верувам дека мисијата на една компанија е да создава вредност која оди подалеку од сопствениот раст. Вистински успешни компании се оние што одат понатаму, поставувајќи повисоки стандарди на одговорно работење, промовирајќи и залагајќи се за вистинските вредности и менувајќи ги работите во заедницата кон подобро.