ПИВАРА СКОПЈЕ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА НАПРЕДНИ ТЕХНОЛОГИИ ЗА НОВАТА ЛИНИЈА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА БЕЗАЛКОХОЛНИ ПИЈАЛАЦИ

Како дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив развој, минатата година реализиравме инвестиција од 10,7 милиони евра во опрема со најсовремена технологија, која ја вклучуваше и новата линија за производство на безалкохолни пијалаци.

Освен што на овој начин ги зајакнавме нашите производни капацитети, ги унапредивме и вештините на нашите луѓе во производството, го олеснивме процесот на работа преку најнова генерација роботизирани технологии со кои се автоматизираат сите повторливи работни операции во компанијата, и ја зголемивме безбедноста на работното место.  Дополнително, поагилно ги следиме трендовите на пазарот и поуспешно ги задоволуваме потребите на нашите купувачи и потрошувачи.

Чест ни е кога нашите напори се препознаени и од надвор, и со големо задоволство ја примивме наградата за воведување напредни технологии која ја доделува Стопанската комора. Наградата му беше врачена на нашиот директор на ланецот за снабдување – Горан Стојковски, кој истакна дека Пивара Скопје и понатаму ќе продолжи да инвестира во напредни технологии и да ја остварува долгорочната стратегија за одржлив развој што придонесува за намалување на емисиите на CO2, енергетска ефикасност, управување со водата и  намалување на тежината и рециклирање на материјалите за пакување, додека континуирано испорачуваме врвен квалитет на сите наши производи кон купувачите и потрошувачите.

Сите досегашни напори и вложувања на Пивара Скопје во нови технологии истовремено претставува гаранција дека компанијата во својата работа целосно и во континуитет продолжува да ги применува највисоките стандарди во оваа област предвидени со европската легислатива и домашното законодавство, почнувајќи од изборот на суровини, преку контролата на процесот на производство, дистрибуција и продажба, па сè до управувањето со амбалажата.

За предводничката улога и евидентните резултати во доменот на заштита на животната средина и одржливиот развој, Пивара Скопје, заедно со останатите членки на Coca-Cola HBC, шест години по ред го освојуваат првото место во европската и светската индустрија за пијалаци, во рангирањето кое го спроведува „Дау Џонс индекси за одржливост“ (The Dow Jones Sustainability Indices – DJSI), водечкиот глобален стандард за одржливост во бизнисот.

СПОДЕЛИ: facebook twitter linkedin

Полна чаша на Instagram