
НАТОЧЕНИ БОЧВАРСКИ ПРИКАЗНИ
Наточено од:
М-р Василка Димитровска
Ламбро Патче
Александар Маџовски
ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата
Производството на пиво е дејност која со векови вклучува редица стари и благородни занаети благодарение на кои егзистенцијата си ја обезбедувале бројни семејства ширум светот. Еден од тие занаети е бочварството, занает без кој порано не можел да се замисли секојдневниот живот, а денес со напредокот на технологијата е веќе на замирање и опстојува благодарение на специфичниот вкус кој го дава на производи како виното или ракијата. Одлежувањето во дрвени бочви и буриња е неизоставен дел од производството на некои популарни алкохолни пијалоци како коњакот и вињакот, коишто мора да одлежат во дабови буриња најмалку три месеци, по што како последица на взаемната реакција со дрвото ја добива својата препознатлива арома и прекрасната златно-жолта боја. Порано, освен вино, пиво и ракија, во дрвени буриња, бочви и каци домаќинвствата чувале и сирење, зелка, туршија, месо, масло, брашно, сол, шеќер. Пред стотина години бочварите биле неизоставен дел од посадата во бродовите, бидејќи во дрвени буриња се складирале водата за пиење, рум, како и уловената риба. Колку бил значаен и вносен овој занает и колку добро биле организирани здруженијата и еснафите ни говори фактот дека сѐ до втората половина на дваесеттиот век во САД излегувал специјализираниот „Национален бочварски журнал“, а бројни семејства своето презиме го должат на бочварството кое како занает се пренесувало од поколение на поколение. Такви презимиња се француското Тонелие (Tonnelier), англиското Купер (Cooper), а на балканските простори Бочваров, Бочварски, Бочваровски и слични варијанти.
Првото пиво Парна Пивара АД – Скопје, како што гласело првото име на Пивара Скопје, го наточила во 1924 година, две години по основањето на компанијата. Две години биле потребни да се подигне фабриката и да се оформат капацитетите, да се ангажираат експерти и квалитетен работен кадар. Следејќи ги историските документи и периодичниот печат од тоа време, добиваме увид и како течел тој процес. Така, прелистувајќи го весникот „Време“ од 5 октомври 1924 година, наидуваме на оглас во кој Парна Пивара – Скопје бара двајца бочвари, искусни во изработка на пивски буриња. Огласот завршува со зборовите „стапување на работа веднаш“, што ни ја илустрира големата побарувачка за овој вид производи. Дрвените буриња во тоа време не биле само садови за складирање на пивото, туку биле и вид амбалажа во која купувачите го купувале, па така квалитетот на изработка на бурето бил своевидна лична карта на пивото, претставување преку кое се добива првиот впечаток.
Денес изработката на бочви е олеснето со низа современи алатки и машини. Но, во периодот кога Пивара Скопје ги правела своите први чекори, сѐ се изработувало рачно. Често самиот мајстор го одбирал и сечел материјалот во шумите. За ова најчесто се употребувале даб, багрем или црница и мајсторите морале да имаат познавања за самото дрво и неговите својства, да разликуваат на какво земјиште растело и на која надморска височина, за да можат внимателно да изберат што е можно поквалитетен материјал.
По сечењето на трупците, тие се сечеле надолжно, па потоа се сечеле во летви со определена дебелина и се оставале да се сушат во период од една до две години. Откако дрвото ќе се стабилизирало, следувало обликувањето на летвите од двете страни, со помош на секирче, тесла и рендиња. За да се добие карактеристичното „меше“ на бурињата, летвите требало да се свиткаат. Виткањето се вршело со помош на топлина, на оган или во зовриена вода, при што процесот се олеснувал така што се одземал материјал на средишниот дел од внатрешната страна на летвите. Потоа се изработувале жлебови, се составувале жлебовите, па се поставувале железните обрачи и на крај следувало полирање. Работата била макотрпна и еден мајстор можел да направи едно буре дневно.
Како што се развивала компанијата, така растеле потребите и за погоеми капацитети. Меѓу архивските документи наоѓаме краток технички опис од 1929 година кој опишува план за нова градба за скадирање и обработка на буриња за пиво. Зградата ја сочинувале четири одделенија. Тоа биле:
– Одделение I за складирање на празни буриња
– Одделение II за наводенување на празни буриња
– Одделение III за миење и ставање обрачи на бурињата
– Одделение IV за подгорување и премачкување на бурињата со смола.
Истражувачи кои го обработувале развојот на Пивара Скопје известуваат дека до крајот на првата половина на дваесеттиот век овој план бил реализиран, при што за складирањето и одржувањето на бурињата се грижеле четири одделенија кои функционирале во рамките на просторија поврзана со главната фабричка зграда. Тоа биле одделенијата за:
а) киснење на бурињата
б) миење на бурињата
в) смоларење на бурињата
г) полнење на бурињата со пиво
Оваа дејност изведувана во кругот на фабриката на Пивара Скопје, како и соработката поврзана со независни бочвари, обединува судбини, животни приказни, генерации и историски епохи. Карактеристична е приказната на дедо Миле Талевски, внук на славниот бочвар Тале Кукун, кој заедно со ковачот Тодор Тода Борјар и други вредни занаетчии го изработиле славното црешово топче, толку силен симбол за непокорот на македонскиот народ во текот на Илинденското востание. Бочвите на семејството Талески ги користеле и партизаните во текот на Втората светска војна, за пренесување барут. По завршувањето на војната ова семејство од Крушево го продолжило семејниот занает, изработувајќи буриња и за потребите на Пивара Скопје. „Тогаш со татко ми имавме многу нарачки од 50 и 200 литарски бочви за пиво“, се сеќава дедо Миле. „За пивото го бичевме благунот и до 15cm за да го издржи притисокот на пивото додека се складира. Бочвите ги товаревме на коњски коли и поради временските неприлики транспортот можеше да биде и неколку дена. Во тоа време дури и гостилниците имаа специјални направи за пумпање на пивото од бочвите.“ Како што раскажува дедо Миле, препознатливиот вкус на „Скопско“ тогаш во голема мера се должел и на самото тоа што пивото се чувало и транспортирало во буриња од благуново дрво, што додавало на аромата.
Интересен е и животниот пат на Жарко Аврамовиќ, човек кој работниот век го минал во Пивара Скопје. Во фабриката првпат стапил на работа на свои шеснаесет години, токму како бочвар, во 1926 година, две години по точењето на првото „Скопско“. Тој е сведок на тешките почетоци за пиварската индустрија во Македонија, кога било мошне тешко да се пласира ново пиво на пазарот. Не само што имало силна конкуренција од страна на веќе етаблираните пиварници во тогашната држава, туку и самото локално население немало навика да консумира пиво, коешто тогаш се сметало за еден вид луксуз. Згора на сѐ, пивото било оптоварено со бројни такси и даноци, па поради тоа и немало некоја разлика меѓу набавната и продажната цена, затоа што трговците и угостителите не се бореле за поголема маржа, туку за поголема продажба. Во 1930 година Жарко морал да се јави на отслужување воена обврска. Кога се вратил назад, едвај успеал повторно да се вработи и тоа како привремен работник. Тоа биле кризни времиња на безработица, па и конкуренцијата за работни места била голема. До 1938 година работел по пиварниците во Јагодина, Белград и други места, и така сѐ до 1938 година кога успеал да се врати во Пивара Скопје. Во 1949 година, багодарение на неговото долгогодишно работно искуство, бил поставен за директор на фабриката. Од оваа функција се повлекол во 1960 година, отстапувајќи ја, како што вели тој, на млад и образован кадар со поголеми стручни и економски знаења. И по пензионирањето, секое утро погледнувал од прозорецот на својот дом кон Пивара, горд што бил дел од еден вреден колектив кој успеал да ја вброи скопската пиварница меѓу најконкурентните во регионот.
Во втората половина на дваесеттиот век низ целиот регион дрвените бочви и буриња полека почнуваат да ги заменуваат садовите од пластика, нерѓосувачки челик, па дури и картонска амбалажа. Овие трендови ги следи и Пивара Скопје. Кон крајот на шеесеттите, во една од серијата обнови на фабриката, биле донесени нови цистерни. Замената на старите цистерни со нови, пред самиот почеток на сезоната, работниците на шега ја нарекле „Операција Бели Риби“, и како што известува „Пиварски збор“ „тајниот весник“ на фабриката, во неа учествувале работниците Алеко, Војо, Тоде, Ташко, Демчо, Лазо, Душко, Богдан и други. Покрај цистерните, и дрвените буриња биле заменети со нов материјал. Веќе никој не купувал пиво во дрвени буриња, а неколкуте зачувани можат да се видат само во музејската поставка на Пивара Скопје, бидејќи времињата и технологијата се менуваат, но нашата компанија се грижи и за својата и за заедничката македонска традиција.
Текстот е адаптиран и преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за историјатот на Парната Пивара Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје.
Фото: Архива на Пивара Скопје, приватни колекционери
Архивски извори: НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ДАРМС – одделение Скопје (Архив на град Скопје), Архива на Пивара Скопје