ОДИМЕ ЗАЕДНО НА ЕКО-ПИКНИК – ГО СЛАВИМЕ 1 Мај СО НУЛА ОТПАД!

Брзото секојдневие и постојаното жонглирање со обврските прават со нетрпение да го очекуваме секој слободен момент, а има ли подобро поминато слободно време од времето поминато на чист воздух во природа? Како што се стоплува времето, така желбата да се нурнеме во совршената хармонија бои и мириси станува сè поголема, па токму затоа пикник со нула отпад е одлична опција за оние кои се свесни за потребата да ја зачуваме природата. Што е потребно за поинакво Првомајско искуство? Приборот и салфетките за еднократна употреба ги оставаме во минатото, а еве што ставаме на листата за организација на еколошки излет вреден за паметење!

 

Храна и пијалак

Бидете креативни и подгответе домашни закуски и спакувајте ги во теглички и садови за повеќекратна употреба. Добро за вас, добро за природата! Што велите за малку луксуз? Уживајте во вистински прибор за јадење и чинии, и понесете пијалак во лименки и шишиња кои подоцна може да ги селектирате во специјалните контејнери на Пакомак!

 

Спакувајте закуски без отпад

Салатите и вкусните закуски за најмалите спакувајте ги посебно во стаклени тегли, кои може бескрајно да се реупотребуваат. Влажните марамчиња заменете ги со шише вода и памучна крпа.

 

Искористете ги предностите на природата

Најдоброто нешто кај пикникот е можноста да уживате во најубавите предности на природата – свеж воздух, сонце и зеленило, вистински мелем за секојдневната рутина и обврски. Затоа, изберете место кое е далеку од градските улици. Што велите за недопрена природа? Наполнете ги корпите на велосипедот и правец во природа! Имајќи го предвид фактот што не доаѓате со автомобил или истиот го паркирате далеку од недопреното место кое сте го одбрале, можностите за тоа каде може да го поминете вашиот пикник се безбројни!

 

Компостирајте го вашиот отпад

Компостирањето е природниот начин на рециклирање – голем дел од органскиот отпад кој секојдневно го создаваме (лушпи од зеленчук и овошје, трева, лисја, талог од кафе и чај) може да биде искористен во создавање на компост. Со компостирањето ќе добиете природен хумус кој може да го користите за садење на најразлични растенија. Што може да направите? Остатоците од храна селектирајте ги – за компостирање и за донирање. Резултат? Нула отпад! Што се однесува до шишињата и лименките, селектирајте ги во специјалните контејнери на Пакомак и бидете сигурни дека овој празник сте направиле добро за вас и за природата!

Постелете го карираниот чаршаф, наздравете со ладно пиво и уживајте во убавините на чистата животна средина.

СПОДЕЛИ: facebook twitter linkedin

Полна чаша на Instagram