


ПИВАРЦИ ПОМЕЃУ ПОБЕДНИЦИТЕ НА ОВОГОДИНЕШНИОТ ФЕСТИВАЛ НА УЧЕЊЕ – LEARNFEST, ОРГАНИЗИРАН ОД СТРАНА НА COCA COLA HELLENIC
Колегите Јован Стојковски и Јоана Ристоска неодамна имаа едно бесценето искуство во рамки на Coca Cola Hellenic Групацијата и платформите за учење кои групацијата ги поддржува.
Имено, ова се колегите кои поставија нов рекорд во Пивара Скопје со тоа што успеаја да ги следат и активно да учествуваат во сите едукативни сесии во рамки на LearnFest, кој оваа година се случуваше во период од 10.10.2022 – 21.10.2022. Нивната посветеност на овој фестивал беше препознаена и наградена, односно, од повеќе од 450 учесници од CCH Групацијата кои активно учествуваа во овие сесии секој ден, Јован и Јоана успеаја во натпреварувачкиот дел да стигнат до врвот. Двајцата одат на патување во една од земјите во рамки на Coca Cola Hellenic во Европа, каде ќе имаат можност да се дружат со колегите од другите земји, да се надоградуваат професионално, но и да се забавуваат.
Градиме култура на учење преку проекти кои ни овозможуваат неограничени ресурси за личен и професионален развој, а за тоа најдобро може да ни раскажат Јован и Јоана.
Прашања:
- Јоана, ти беше активен учесник на LearnFest оваа година. Следеше повеќе од 20 едукативни сесии на различни теми. Што всушност претставува LearnFest и кој е твојот впечаток од оваа програма, какво искуство ти донесе?
За почеток, би сакала да ја поздравам LearnFest иницијативата на Coca Cola Hellenic затоа што е навистина позитивно и продуктивно искуство, кое дава еден поинаков аспект, но и придонес кон секојдневната работа. Станува збор за фестивал на учење кој е отворен и достапен за сите вработени во рамки на Coca Cola Hellenic системот, и во период од 10 дена нуди огромен број на обуки, работилници, презентации и слично на теми кои овозможуваат професионално и приватно да се надоградуваш. Освен оној формален начин на пренесување на знаења кој беше изведен преку секојдневните сесии, за мене од особена важност и значење беше можноста за вмрежување со наши колеги од 29-те земји на CCH, со кои поинаку можеби и не би стапиле во контакт. Дополнително, ми се допадна фактот дека освен сесии конкретно поврзани со нашата работа, темите на некои од сесиите беа посветени на личен раст и развој, што мислам дека е обврска на секој од нас. Да растеме како професионалци, но пред сѐ, како индивидуи.
- Јован, какво е твоето севкупно доживување од овогодинешниот LearnFest?
Првенствено, LearnFest претставува одлична можност да се научи нешто повеќе, но и да се стекнат компетенции како за личен, така и за професионален развој. Истовремено, самата масовност на овој фестивал на учење беше од големо значење за сите нас кои сме дел од Coca Colа Hellenic, затоа што целата програма беше концепирана на начин кој ти овозможува да ја согледаш севкупната слика на Групацијата. На мое големо задоволство, во дел од сесиите имавме можност да се запознаеме со успешните практики и проекти на Групацијата, да научиме нешто повеќе за експанзијата на бизнисот, за новите инвестиции во останатите бизнис единици низ светот, како на пример новата современа фабрика во Еделстал Австрија или приклучувањето на Египет кон нашето големо Coca Cola Hellenic семејство.
- Јован, ако треба да издвоиш “best of”, кои се сесиите кои за тебе лично беа најкорисни?
Во Пивара Скопје особено големо значење посветуваме на благосостојата на вработените, на развој на вештини од кои имаме придобивки и во нашиот личен развој. Ваквите теми за мене се навистина интересни и доста корисни, па во оваа би рекол, дека посебен впечаток ми оставија сесиите во кои се зборуваше за поврзување со времето, совладување на лични предизвици, вежби за јавно говорење итн. Овие сесии беа одржани од професионални тренери, кои преку низа практични совети мене лично ми помогнаа подобро да се справувам со најсекојдневни ситуации..
- Јоана, учеството во LearnFest не подразбираше само следење на сесиите, туку и бараше активен ангажман од слушателите? На кој начин Вие како учесници се вклучувавте?
LearnFest беше организиран така што се собираа поени на различни начини преку активна партиципација. Па така, не беше доволно само да се вклучиме на сесиите, туку и да бидеме активни со поставување на релевантни прашања и да учествуваме во дневните предизвици кои беа зададени, од споделување на слика на дадена тема до мини квизови поврзани со сесиите. Искрено, кога ќе се земат предвид секојдневните работни обврски, потребниот ангажман не е занемарлив и е вистински предизвик да се постигне активно учество и навремено завршување на тековната работа, но мислам дека Јован и јас покажавме дека со добра организација е возможно да се постигнат и двете.
- Јован, од повеќе од 450 учесници од целата Coca Cola Hellenic Групација, ти и Јоана се најдовте на листата на победници. Што значи да си еден од победниците?
Да се биде еден од победниците, особено на ваква примамлива награда, за мене значи две работи: дополнителна можност за учење и напредок, како и потврда дека тимската работа и посветеност кон целите е добитна комбинација. И покрај големиот број на учесници од вкупно 29 земји, заедно со Јоана, благодарение на тимската работа и тимскиот дух завршивме во ТОП 5. И покрај сите придобивки од самите сесии, наградата претставува одлична можност да се научат нови практики од други земји кои може да се применат кај нас.
- Јоана, во декември одиш во Ирска како еден од победниците на LearnFest 2022. Зошто баш Ирска?
Пред сѐ, од професионален аспект како Менаџер за дигитална комерција имам соработка со тимот од Ирска преку групацискиот Digital Pod, каде заедно работиме на развој и имплементација на дигитални алатки во услуга на нашите коминтенти и севкупна дигитализација на т.н. „пат до пазарот“ на нашите производи. Како земја со 99% дигитализираност, Ирска има добро утврдени стратегии за развој и најдобри практики кои ние ги адаптираме и се обидуваме соодветно да ги реплицираме на локално ниво. Секако, влијание имаше и личниот аспект, затоа што Ирска како земја со сѐ што има да понуди, ми беше на списокот на желби подолго време. Токму оваа недела сме во процесот на дефинирање на деталите околу посетата на пазарот и навистина со нетрпение очекувам да видам како изгледаат Белфаст и Даблин пред Божиќ.
- Јован, и ти добиваш наградно патување во рамки на Coca Cola Hellenic системот. Која е дестинацијата која ја одбираш и од кои причини?
При држави како Швајцарија, Австрија и Италија, и јас се одлучив за посета на Ирска. Од секогаш сум сакал да ја посетам Ирска на приватен план и да ги видам нејзините природни убавини. Дополнително Ирска има доста уникатна бизнис средина поразлична од просечната европска како “tech hub”, и истовремено како развиен консолидиран пазар со врвна аналитика од која може многу да научам и применам во мојата област на работење. Покрај посетата на сродниот тим за Комерцијална одличност (CommЕx), ќе биде интересно да се посети и самиот пазар на целиот остров, Даблин и Белфаст и нивните карактеристики.
- Јоана, ти си еден од поновите членови на семејството Пиварци. Имајќи го во предвид ова необично искуство во рамки на нашата компанија, колку според тебе можноста за учење ти помага да растеш во компанијата?
За мене секој нов предизвик е повеќе од добредојден – впрочем, така и се случи моето доаѓање во Пивара Скопје. Мојот општ став е дека може нешто да се научи од сѐ и од секого, па затоа мислам дека е многу важно да сме отворени за нови предизвици и знаења, без разлика што нашата перцепција понекогаш е дека статистиката не ни оди во прилог. Изминатите 6 месеци беа навистина исполнети со учење и би сакала да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на мојот линијски менаџер и членовите на тимот кои ми дадоа многу поддршка и безрезервно го делеа своето знаење во текот и процесот на адаптација. Па така, како прилично нов и горд член на семејството Пиварци, можам да кажам дека Пивара Скопје нуди безброј можности и алатки за раст и развој – од сесии и настани како LearnFest, до платформи кои даваат пристап до бројни видеа и материјали за кариерен раст. Во ера во која информациите се „злато“, мислам дека достапноста на сето тоа знаење е навистина вреднo и дава голем придонес кон напредокот и усовршувањето како на професионалните, така и на личните вештини.