
ПРВИТЕ ЧЕКОРИ НА ПИВАРА СКОПЈЕ НИЗ ПРИЗМАТА НА ИСТОРИСКИТЕ ДОКУМЕНТИ
Наточено од:
М-р Василка Димитровска
Александар Маџовски
ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата
Првите официјални чекори на постоењето на Парна Пивара АД – Скопје како компанија историјата ги бележи преку документите кои сведочат за основањето на 2-ри септември 1922 год., како и првото иницијативно заседание на акционерите кое се одржало неколку дена подоцна, на 10-ти септември. Потоа следувале законските подготовки за изградба на самата фабрика, што може да се заклучи од одобрение издадено од страна на Министерството за трговија и индустрија на Кралството СХС на 16-ти декември 1922 год. Документот е одговор на молба од страна на младото акционерско друштво за законско одобрение за изградба на парна пиварница на просторот на претходно купениот имот во местото Ќерамидница, која тогаш се наоѓала надвор од градскиот простор на Скопје. Точниот почеток на градежните активности не е утврден со сигурност, но еден документ ни посведочува дека изградбата официјално започнала истата таа 1922 год. Се работи за молба за исправка на официјална административна документација од 1925 год. Имено, во февруари 1925 год. раководството на Парна Пивара АД побарало уверение од Општинскиот суд на Град Скопје за бројот и видот на згради во кругот на тогаш веќе изградената фабрика. Ова уверение било потребно за ослободување од данок во рамките на тогашните даночни олеснувања. Но, службениците во судот направиле грешка во поглед на датирањето, на што Парна Пивара – Скопје реагирала со молба за исправка. Според изјавата во оваа молба, првите темели биле поставени во 1922год., а изградбата била завршена во август 1924 год, кога започнало и производството на првото СКОПСКО.
Наоѓајќи се во непосредна близина на железничката пруга Скопје-Ниш, Скопската пиварница веројатно претставувала своевидна атракција за патниците уште од самиот воз, додека минувале крај неа. Како изгледала фабриката во тие први почетоци можеме да доловиме од уверение за фактичката состојба на капацитетите, издадено на 27-ми февруари 1925 год. Од ова уверение дознаваме дека Парна Пивара АД располагала со следните објекти во кругот на фабриката:
- Ложилница
- Шупа за јаглен
- Стражарница
- Станбени простории за персонал од финансискиот сектор
- Стовариште
- Бочварница
- Смоларница
- Шупа за буриња
- Станбени простории за работниците со одвоена просторија за складирање храна
- Живинарник
- Кантина
- Фабрика за слад на два ката
- Сушара; зграда на три ката со таваница и приземје
- Зграда за миење на бурињата
- Главна пиварска зграда (управна зграда), која претставувала трикатна зграда со подрумски простории и таваница

Сл. 2, Ситуационен план на Парна Пиавара АД – Скопје од кој се гледа распоредот на објектите и близината на железничката пруга Ниш-Скопје
Еден друг документ од 1933 год. особено интересно ги илустрира првите почетоци на Пивара Скопје. Се работи за уверение издадено од Општинскиот суд на Скопје кое се однесува на цените за превоз со пајтон. Според овој документ, не само што биле регулирани цените за пајтонските услуги, туку биле утврдени и точни пајтонски линии. Почетна точка била железничката станица, која тогаш се наоѓала на местото на денешна „Мала Станица“. Оттаму тргнувале линии до Чаир, Треска, Дебар Маало, Тасино Чешмиче и Света Петка, што дава јасна претстава до каде се одвивал градскиот сообраќај во тој период. Интересно е тоа што имало специјална пајтонска линија од железничката станица до скопската пиварница во Ќерамидница. Превозот за едно лице чинел тогашни 25 динари, за две лица 30, а за три или четири лица било 50 динари. Доколку задржувањето не било подолго од 10 минути, за враќање се доплаќало половина од истата цена. Ако задржувањето било подолго, тогаш цената се пресметувала со час чекање. Ако се земе предвид дека блиското маало Крњево во тоа време било познато по бројните кафеани, а на двата брега на р. Вардар имало градски плажи, може да се смета дека оваа пајтонска дестинација била особено популарна.
Figure 1 Воздушни фотографии на капацитетите на Парна Пивара – Скопје
Текстот е адаптиран и преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за историјатот на Парната Пивара Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје.
Фото: Архива на Пивара Скопје, приватни колекционери
Архивски извори: НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ДАРМС – одделение Скопје (Архив на град Скопје), Архива на Пивара Скопје