
РАНИТЕ ПОЧЕТОЦИ НА РЕКЛАМНАТА КАМПАЊА НА СКОПСКО
Наточено од:
М-р Василка Димитровска
Александар Маџовски
ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата
Пивара Скопје уште од своите најрани почетоци настојувала естетски и атрактивно да ги информира своите потрошувачи, надоврзувајќи се на самиот квалитет на пивото СКОПСКО. Временската линија и деталите ги реконструираме врз основа на неколку архивски наоди и еден за нас значаен артефакт.
На 2 јуни 1931 година тогашна Парна Пивара побарала дозвола од Општинскиот суд на Град Скопје за поставување „квалитетно изработени плочи од ламарина“ на повеќе стратешки избрани местa во и околу градот. Она што остава впечаток се внимателно избраните зборови во ова барање. Подносителот истакнал дека плочите ќе бидат со висок квалитет и на тој начин нема естетски да го нарушуваат лицето на градот. Овој документ ни дава и некаква претстава кои биле најпрометните места во Скопје во тоа време. Според молбата, панелите требало да бидат поставени на следните локации:
а) на влезовите во Скопје покрај трошаринските станици (тогашните патарини) и тоа:
– на кумановската трошарина, која се наоѓала во близина на денешниот хотел „Континентал“ и кафеаната „Галеб“;
– на тетовската трошарина, која се наоѓала во близина на денешната раскрсница помеѓу Американската амбасада и денешната касарна „Илинден“;
б) на патот за аеродромот;
в) на патот кон Водно;
г) од двете страни на тогашните главни скопски мостови:
– Железниот мост, чиишто остатоци и денес може да се видат на Вардар во близина на „Ист Гејт Мол“;
– Камениот мост и
– Дрвениот мост, кој се наоѓал помеѓу Камениот мост и денешниот мост „Гоце Делчев“, спојувајќи го старото Еврејско Маало со останатиот дел на Скопје;
Слика 1-3: Приказ од Железниот, Дрвениот и Камениот мост во град Скопје
– пред главната и малата железничка станица;
– кај музичкиот павилјон на аголот помеѓу улиците „Крал Петар“ (денешна улица „Македонија“) и на неа паралелната „Принц Ѓорѓе“ која ја поврзувала железничката станица со плоштадот.
На 11 јули 1931 год. била издадена потребната дозвола и рекламите биле поставени.
Артефактот кој го спомнавме е токму еден таков рекламен панел од ламарина, кој е најден во Лесковац, Србија. Местото каде што е најден остава можност да се претпостави дека СКОПСКО се рекламирало и во другите градови, а не само во Скопје и околината. Покрај тоа, илустрацијата на панелот ни дава претстава и како изгледале тогашните шишиња и етикети на скопското пиво.
Слика 4: Рекламен панел од ламарина на Пивара Скопје од 1930-тите години, пронајден во Врање (Србија).
Некаде во тој период започнуваат и сѐ почестите реклами за пиво во весниците, како што е примерот со весникот „Вардар“, кој излегувал во периодот помеѓу двете светски војни во Скопје. Самите реклами се вреден извор на информации. Од нив дознаваме дека во тој период Парна Пивара АД произведувала два вида пиво: бело (некогаш се среќава и како жолто) со дванаесетпроцентен и црно со четиринаесетпроцентен сладен екстракт. Овие две класификации одговараат на денешното светло и темно пиво. Покрај тоа, на рекламите се наведени и поважните стоваришта на пиварницата. Покрај главното стовариште во Скопје, останатите стоваришта биле во: Битола, Прилеп, Куманово и Косовска Митровица.
Слика 5: Извадок од весникот „Време“ со реклама за Парна Пивара АД Скопје
Во тој период во весниците како печатен медиум сѐ повеќе почнале да се јавуваат и реклами за еден друг медиум, кој набргу ќе освои верни следбеници ширум светот. Тоа било — радиото. Имајќи ги предвид економските услови, ретки биле домовите кои поседувале радио апарати, но воопшто не е исклучено преку радио брановите од време на време да прозвучела и реклама за квалитетно СКОПСКО.
Слика 6: Реклама за СКОПСКО, поставена кај Катлановска Бања
Текстот е адаптиран и преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за историјатот на Парната Пивара Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје.
Фото: Архива на Пивара Скопје, приватни колекционери
Архивски извори: НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ДАРМС – одделение Скопје (Архив на град Скопје), Архива на Пивара Скопје