



ВЛАДИМИР ТРАЈКОВСКИ – ПОПАЈ: ПО 30 ГОДИНИ КОНЕЧНО ДОЧЕКАВ ДА ЛЕПАМ СЛИКИЧКИ ОД МАКЕДОНСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ
Скопјанецот Владимир Трајковски, за многумина познат како Попај, е фудбалски фан и колекционер на сликички од кога памти за себе. За себе вели дека е опседнат со фудбал и целото слободно време го посветува на следење натпревари особено во Лига на шампиони. Го поканивме на лименка Скопско во Градски парк за да ни ги покаже Панини албумите и да ни ги раскаже фудбалските и колекционерски приказани од 1978-ма па наваму.
Кој е Владимир Трајковски Попај, повеќе фудбалски фан или колекционер?
За себе би рекол дека сум повеќе фудбалски фан кој целото слободно време го посветува на најважната споредна работа во светот. Среќно оженет, вработен и страсен колекционер на Панини албуми од фудбалски првенства.
Која е според тебе најсилната лига?
За најсилна и најпривлечна лига ја сметам Лига на шампиони, ја следам од 1992 и секако уживањето е поголемо кога игра мојот тим, Милан. Како роден Скопјанец, неизбежно е симпатии да имам кон Вардар, а морам да споменам дека во срце ми е и Црвена Ѕвезда од 1991 година, тим кој би рекол дека е најзаслужен што јас толку „се навлеков“ на фудбалот.
Која национална репрезентација ти е фаворит?
Скоро на секое првенство имам свои фаворити, а најчесто тоа се селекциите на Италија и Холандија кои според мене играат најдопадлив фудбал. Морам да споменам дека и фудбалските репрезентации од соседството често ми биле фаворити на големите европски и светски фудбалски натпреварувања.
Како започна да собираш фудбалски албуми?
Мојот најстар албум е албумот од Светското првенство во Аргентина 1978. Интересно е дека го добив на подарок, по заслуга, затоа што бев детето кое редовно и навремено им купуваше цигари на своите комшии од маало. Првиот албум што јас го пополнував беше од Светското првенство во Италија 1990 година. Бев многу мал, ама и ден денес се сеќавам на возбудата со која го дочекав албумот и првите сликички што ми ги купија. Во тој период мислам дека немаше дете што не се интересираше за собирање сликички, па средбите за размена беа вистинско доживување.
Кој ти е најдраг албум?
Навистина е тешко да се издвои. Имам многу собрани албуми ама некако најмногу присрце ми е албумот од Европското првенство во Шведска во 1992 на кое требаше да учествуваме во рамки на поранешната југословенкска држава но бевме дисквалификувани поради настаните од тој период. Најдрагите сликички ми се токму од тој албум, конкретно сликичките од легендарните фудбалери Дарко Панчев и Илија Најдоски.
Колку во ова дигитално време опстојува културата на разменување сликички она познато имам/немам?
Во денешно време со поновава технлогија, а особено со најновите апликации, културата на менување сликички имам/немам полека но сигурно изумира. Сепак светол пример и знак дека можеби сеуште сме задржале дел од традицијата е претстојново првенство. Мислам дека фактот што македонската репрезентација се пласираше и ќе игра во елитното европско фудбалско друштво предизвика појава на еден куп нови колекционери. Многу од нив сигурен сум дека ќе се „навлечат“ на имам/немам и ќе имаат многу спомени за прераскажување.
Се сеќавам на 1994 година кога за сликичка од Ромарио ги дадов сите дупликати што ги имав. Е тоа се моменти што се памтат и прераскажуваат. Во тоа време покрај менувањето имам/немам постоеше и играње на ќар и тука некои беа офајдени, а некои остануваа без сликички но дефинитивно можеа во таквата игра да се слушнат многу сочни пцовки. Со тек на времето стандардот на луѓето во земјава опаѓаше, а сликичките стануваа се поскапи па мислам дека тоа е една од причините што имаше се помалку интерес и помалку колекционери. Тоа е дефинитивно главна причина зошто некои албуми ми останаа и непополнети.
Какво беше чувството да се види македонската репрезентација во овогодинешното Панини издание?
После 30 години дочекав да лепам сликички од македонски репрезентативци и чувството е фантастично,. Со еден збор, КОНЕЧНО! По излегувањето на ова издание на Панини се чекаше ред за примерок. Албумот, кој беше последен во моментот , имав среќа да го начекам на една од бензинските на излез од Скопје, благодарение на сопругата која ме натера да провериме баш таму. Морам да кажам дека првите две недели навистина тешко се доаѓаше до сликички, ме чинеше и нерви и време за да дојдам до нив. Еднаш пред нос ми ја купија последната кутија сликички на продажното место, можете да си замислите колку се изнервирав. Сега сум на самиот крај од пополнувањето. Ми недостасуваат уште само 5 сликички,кои се надевам дека ќе ги најдам во што поскоро време и ќе можам на раат да си го листам албумот до стартот на првенството.
Какви ни се според тебе шансите на Европското првенство?
По мое видување и проценка, шансите не ни се воопшто мали, факт е дека оваа репрезентација навистина поседува квалитет. Најлесно мислам дека би поминале со најјаките поради тоа што во играта против силни репреентации мотивот е голем. Најтешко мислам дека ќе ни биде против Украина која има извонреден тренер, Андреј Шевченко.